Нихилистка (последен дел)

10.03.2010 15:51
mauvais client L.jpg

Што се случило во меѓувреме?

Дамата која ја сретнала Олга во придружба на полицијата, веднаш побрзала право кај Морозов, кого го затекнала дома, во друштво на неколку пријатели. По соопштувањето на вестите за нејзиното апсење, сите имале само една идеја - да останат каде што се, да се вооружат и да го почекаат нејзиното доаѓање за да ја спасат. Но Морозов се спротивставил на ваквиот предлог. Рекол дека таквиот план повеќе содржи опасности отколку предности, а со оглед на тоа дека полицијата е побројна и помоќна, таквиот обид би претставувал ослободување на еден човек за цената на животите на неколкумина. Неговиот став надвладеал во друштвото и тој план бил напуштен. За многу брзо време ги исчистиле сите простории за да и’ олеснат на уапсената. Кога сè било раскренато и кога требале да тргнат, Морозов ги изненадил своите пријатели со измена во планот за која се досетил во последен миг.

Решил да остане сам во куќата и да го дочека доаѓањето на полицијата. Сите мислеле дека е луд, бидејќи многу тужби му виселе над глава, и дека ако некогаш и’ падне во раце на полицијата, со него ќе биде свршено. Но тој им рекол дека се надева дека нема да дојде до тоа - всушност, очекувал да побегне со неа, а во секој случај, дека сака да ја сподели нејзината судбина. Или ќе побегнат или ќе настрадаат заедно. Никакви преколнувања или убедувања од загрижените пријатели не можеле да ја разнишаат неговата решителност. Бил цврсто решен, и така останал сам дома откако се разделил од своите пријатели кои од него се простиле како што се простува од човек кого го чека сигурна смрт.

Морозов го разработил својот план, кој како интервенција на некој таинствен инстинкт бил совршено ускладен со оној на Олга, иако обајцата никогаш не се договарале ништо во врска со тоа. И тој решил да глуми недолжен граѓанин, а така и го распоредил мебелот во станот, за сите да си помислат дека станува збор за најугледниот човек во градот. Бидејќи живеел под лажни документи дека е инженер, целата маса ја прекрил со инженерски планови, и откако ја облекол својата наметка и влечки, се зафатил со исцртување на некој план, во очекување на несаканите гости.
Токму и таков го затекнала полицијата. Во сцената што следела, Олга му се стрчала во пресрет и му се обесила околу вратот, и го опсипала со полуразбирливи реченици за тоа дека овие луѓе ја уапсиле само затоа што сакала да наврати до својата кројачка. Сепак, меѓу сите тие извици, Олга успеала да му шепне: „Зарем не те предупредија?“
„Да,“ и’ одговорил Морозов со шепот, „сè е во ред. Не се возбудувај.“

Во меѓувреме, тој глумел дека е сопруг кој е посрамотен од овој скандал. Малку и’ подвикнал на сопругата, малку ја тешел, а потоа се свртел кон шефот на полицијата и побарал објаснување од него. Шефот на полицијата раскажал сè. Инженерот бил зачуден и налутен, и не можел да се воздржи од прекорување на сопругата поради нејзината непростлива дрскост.
Шефот на полицијата, кому настапот на Морозов и изгледот на домаќинството му делувале пристојно, рекол дека сепак мора да го претресе станот.
„Господине, се надевам дека ќе ми простите,“ рекол „но морам да постапам така. Тоа ми е обврска.“
„Мило ми е да му се покорам на законот“ бил учтив инженерот.

Потоа се свртел кон собата, покажувајќи му со тоа на шефот на полицијата дека може темелно да претресува, а бидејќи веќе се стемнувало тој период во Санкт Петербург, самиот запалил свеќа и ја отворил вратата од соседната соба, неговото интимно катче.
Ја пребарале собата. Не нашле никакви документи, пишани или печатени, кои би навеле на помислата на нихилизам.

„Според законот, госпоѓата би требало да ја однесам во затвор,“ рекол шефот на полицијата по претресот „особено ако се има предвид нејзиното однесување кое воопшто не беше примерно. Ама нема да го сторам тоа. Едноставно ќе ве задржам во притвор овде додека не ви ги провериме пасошите. Видете,“ додал тој „ние не сме толку лоши како што нè прикажуваат нихилистите.“

„Во секоја професија ќе се најдат чесни луѓе“ му поласкал инженерот со грациозен поклон.
Потоа шефот на полицијата со поголемиот број на своите луѓе го напуштил станот, длабоко импресиониран од учтивиот и пријатен прием. Оставил само еден стражар во кујната со строга наредба да не ги испушта домаќинот и домаќинката од вид.

Морозов и Олга останале сами. Првиот чин од нивната импровизирана комедија доживеал успех. Сепак, приказната била далеку од својот крај. Проверката на нивните пасоши несомнено ќе покаже дека станува збор за фалсификати. Тоа како последица ќе придвижи налог за нивно апсење, што може да се случи секој миг доколку проверката на документите се изврши по телеграф. Стражарот, строг и неподвижен, со меч при раката и револвер на појасот, стоел во кујната која била во задниот дел на станот, точно спроти надворешната врата, па било невозможно да им пријде незабележано. Со часови смислувале и разгледувале, со тивок глас, разни планови за бекство. Употребата на сила не доаѓала предвид. Во станот немало никакво оружје бидејќи намерно го изнеле. А самите немале шанси против крупниот и вооружен стражар. Се надевале дека можеби ќе заспие. Но таа надеж не им се остварила. Кога Морозов, околу десет и пол, под изговор дека оди во својата соба, поминал покрај кујната, го здогледал стражарот како и понатаму стои на своето место со широко отворени очи, внимателен и ревносен како на почетокот.

Враќајќи се назад, и’ кажал на Олга дека патот им е чист и дека нема причина да не побегнат. Всушност, Морозов го нашол она што го барал, едноставен и безбеден план за бекство. Неговата соба излегувала на мал ходник кој претставувал еден вид претсобје, а вратата на тоа претсобје се наоѓала на страната од вратата на кујната. При враќањето од својата соба тој забележал дека кога нејзината врата би била ширум отворена, погледот од кујната би бил сосем затворен, а со тоа и полицаецот не би бил во можност да ја види надворешната врата, како и вратата од дневната соба. Значи, било изводливо, во даден миг, незабележано да излезат низ ходникот. Но би било изводливо само доколку некој ја отвори вратата од собата. Ниту обајцата не можеле бидејќи, доколку го стореле тоа под некаков изговор, морале и да ја остават така. Тоа, се разбира, веднаш би предизвикало сомнеж, а полицаецот би тргнал по нив и би фатил уште пред да стигнат до скалилата. Дали можат да и’ веруваат на настојничката? Искушението било огромно. Во случај да се согласи да и помогне, успехот им е загарантиран. Но што ако ги одбие? Кој би можел да гарантира дека, поради страв да не ја обвинат за соучество, нема да појде право во полиција и сè да им каже? Секако, таа немала претстава кои, всушност, биле нејзините станари.

Сепак, не и’ рекле ништо, но се наведале дека несвесно ќе им помогне, и токму на тоа Морозов го темелел својот план. Околу единаесет часот, таа влегла во собата во која била сместена чешмата, за да наполни вода за следниот ден. Со оглед на тоа дека собата била тесна, обично, додека во едната кофа полнела вода, другата ја оставала во ходникот и вратата морала да биде отворена. И така, сè зависело од положбата на кофата во ходникот. Судбината им зависела од неколку сантиметри од едната или другата страна. Останал уште половина час до моментот на одлука, а дотогаш времето Морозов и Олга го минале во подготовка за бекство. Бидејќи домашните наметки им виселе закачени во орманот во претсобјето, морале да го облечат она што им било на располагање во дневната соба. Морозов облекол тенок летен мантил, а Олга префрлила волнен шал за барем малку да се заштити од студот. За што е можно повеќе да ги придушат чекорите кои во длабоката тишина наноќта лесно можат да го привлечат вниманието на полицаецот, обајцата ги облекле своите калјачи кои биле од гума. Ги облекле врз чорапите, бидејќи чевлите им биле оставени во кујната за да не предизвикуваат сомнеж за бекство.

Бидејќи ги извршиле сите потребни подготовки, седнале и чекале на штрек, ослушнувајќи на секој звук од настојничката. Најпосле се слушнало ѕвечкањето на празните кофи. Старата госпоѓа се доближила до собичката, ја отворила вратата и ја започнала својата работа. Време е! Морозов фрлил брз поглед. Ужас! Празната кофа била така оставена што едвај го допирала прагот, а вратата била отворена под остар агол, така што дури и од дневната соба каде што се наоѓале можела да се види внатрешноста на кујната. Се свртел кон Олга која стоела зад него и и’ дал знак дека ситуацијата е неповолна. Поминале неколку минути. Полнењето вода престанало; кофата била наполнета. Секој миг требала да биде спуштена на подот. Обајцата ги испружиле вратовите и зачекориле. Овојпат, тешката кофа удрила во вратата и ја отворила повеќе, при што на подот настанала мала локва. Погледот од кујната бил затворен, но дошло до ново усложнување. Губејќи ја рамнотежата по тежината на кофата, настојничката со едната нога стапнала во ходникот. „Нè виде“, шепнал Морозов, сиот блед. „Не“, возбудено му вратила Олга. Била во право. Настојничката се изгубила во собата и по неколку секунди продолжила со започнатата врева.
Не губејќи време, Морозов со цврст стисок на раката и’ дал знак на Олга да тргнат, по што излегле од собата. Брзо го поминале ходникот, нечујно ја отвориле вратата и стигнале до одмориштето на врвот на скалилата. Со внимателен чекор се спуштиле по нив, по што, излегле на улица, оскудно облечени, но во многу безгрижно расположение. По некое време се нашле во куќата во која сите нивни пријатели нервозно ги очекувале. Следеле пречек и веселба кои тешко можат да се опишат.

Во нивниот стан за ова бекство се дознало дури следното утро, кога настојничката дошла да ја уреди собата.

Вака изгледала авантурата која ви ја раскажав онака како што точно се одиграла.

Кога полицијата дознала за бекството на лажниот инженер и неговата сопруга, веднаш сфатила дека е насамарена. Шефот на полицијата, кој слепо верувал во нивната глума, многу тешко ја примил веста, и со најголем жар ја продолжил потрагата по бегалците. Проверката на нивните пасоши докажала дека станува збор за фалсификати. Значи, обајцата биле „илегалци“, а полицијата сакала да го дознае нивниот вистински идентитет, што не било тешко, бидејќи и едниот и другиот веќе биле апсени и во архивите ги имале нивните фотографии. Настојничката и настојникот веднаш ги препознале меѓу стотиците фотографии кои полицијата им ги покажала. Така полицијата открила какви крупни ѕверки поради својата глупост пуштила од својата мрежа. Со мало задоцнување, полицијата го претресла целиот град за да ги најде. Но, нихилистот кој цврсто ќе реши да се скрие е невозможно да биде пронајден. Во рацете на полицијата паѓа само тогаш кога ќе реши да му се врати на активниот живот.

Кога потрагата по нив ослабнала, Олга и Морозов излегле од своето засолниште и повторно ги зазеле своите места во првите борбени редови. Неколку месеци потоа отпатувале во странство за да стапат во брак кој полицијата, доколку некогаш ги уапси, морала да го признае. Непречено ја поминале романската граница, извесно време се задржале во Романија, а потоа заминале и се населиле во Женева, каде Морозов сакал да го заврши подолгото дело кое го подготвувал за руското револуционерно движење. Таму Олга се породила - ќерка - и некое време изгледало дека целата нејзина огнена и несекојдневна личност ќе биде вложена во мајчинската грижа за детето. Се чинело дека не се грижи за ништо друго. Во својата исклучителна посветеност на ќерката изгледало како да заборавила и на сопругот. Имало нешто животинско во силата на нејзината љубов.

Поминале четири месеци и Морозов, тешко поднесувајќи ја неактивноста, решил да се врати во Русија, сиот обземен од повикот за борба. Овојпат Олга не можела да дојде со него.

По две недели бил уапсен.

Добивајќи ја веста, Олга не реагирала хистерично. Својата болка ја потиснувала длабоко во себе. Била обземена само од една помисла - да оди кај него и да го избави по секоја цена - со пари, со оружје, со итрина, со отров, па дури и по цена на сопствениот живот, само да го спаси.

А детето? Тоа малечко и кревко суштество на кое му била потребна сета мајчинска љубов? Што да прави со детето кое веќе фактички било сираче?
Не можела да го понесе со себе. Морала да го остави.

Последната ноќ со детето била ужасна. Кој би можел да ја долови неописливата болка во нејзиното срце и ужасниот избор што бил наметнат - да го напушти детето поради човекот што го сакала, или да го напушти него и да ја спаси ќерката. Од една страна била мајчинската љубов, а од друга - нејзините идеали, убедувања, нејзината посветеност на целта на која и’ служела.

Не се двоумела многу. Морала да тргне.

Тоа утро, кога требала да замине, Олга се збогувала од своите пријатели, се затворила и поминала неколку минути насамо со ќерка си. Кога излегла, била бледа, а лицето мокро од солзи.

Отпатувала. Би сторила сè за да го спаси сопругот. Дваесетина пати и’ успеало да избегне апсење. Но овојпат немало шанси нејзините обиди да вродат со плод. Бидејќи бил вмешан во активности насочени против царот, Морозов бил затворен во тврдината Св. Петар и Павле, место од кое не можело да се побегне. Олга не се предавала, туку тврдоглаво и упорно продолжувала да се обидува, болно напната секојпат кога немала да добие вести во врска со ќерка си. Ако писмата доцнеле еден или два дена, нејзиниот очај бил нескротлив. Детето постојано и’ било во мислите. Еднаш се сожалила над некое кутре кое го собрала од некое ѓубриште. „Пријателите ми се смеат,“ пишувала „но јас го сакам бидејќи неговото цивкање ме потсетува на плачот на мојата ќерка.“

Во меѓувреме, детето починало. Цел еден месец никој немал храброст да и’ ја соопшти тажната вест. Но, најпосле некој морал да го прекине молкот.
Олга била уапсена една недела подоцна.

Вака гласи приказната, вистинската приказна, за Олга Љубатович. Реков за Олга Љубатович? Не, и за стотици и стотици други. Не би се трудел да ви ја раскажам доколку не било така.

Извор: Маргина 83/84

Слики: jean-claude claeys

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Останатите делови од Нихилистка можете да ги читате на следниве линкови:

Нихилистка (прв дел)

Нихилистка (втор дел)

Нихилистка (трет дел)

Нихилистка (четврт дел)

Слични статии

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото