Светот отсекогаш бил во хаос

11.03.2010 13:46
Ruzdi-528.jpg

Може интервју за последните дела, но без прашања за фетвата на Хомеини и политиката, без разлика дали станува збор за теоретизирање или дневна политика – беше условот за интервју со Салман Ружди. Разговорот, се разбира, е воден по меил.

Така оди тоа кога ќе се обидете да направите интервју со една од најголемите книжевни ѕвезди во светот, автор чиј живот се одигрува во две полувремиња, меѓу кои пауза беше кога за неговиот роман „Сатанските стихови“ ајатолахот Хомеини одговори со најрадикален облик на книжевна критика.

Време на изолација

До 1989 година авторот на ремек-делото „Децата на полноќта“ беше третиран само како голем писател. Во тоа време интересот за него ги надминуваше вообичаените рамки, но јавноста која е надвор од книжевноста не се интересираше премногу за него.

По фетвата, „бакнежот на смртта“ кој остарениот теократски владетел му ја испрати во 1989 година, неговото секојдневие прво се претвори во ужас, но сè повеќе и живот на омилена маскота на западната демократија која, ете, со игра на случајот е и писател. Ја зачува главата, но тоа е платено со живот во изолација, со десетици милиони фунти од државната каса на неговата татковина по избор, Британија, прекинување на дипломатските врски, но и со убиството на јапонскиот, како и со тешки повреди на италијанскиот и норвешкиот преведувач. Сепак, во бомбашкиот напад за ликвидација на турскиот издавач се убиени дури 37 луѓе.

Насилните протести однесоа неколку животи и на други места – во Пакистан, во Индија, во Египет. Тоа се последици со кои сигурно е тешко да се живее.

Кон крајот на деведесеттите години официјален Техеран си ги „изми рацете“ наведувајќи дека фетвата не може да се отповика, но дека ништо нема да направи за нејзино извршување. Во тоа време на Ружди му е одобрена виза за родната Индија. Така дотогашниот заточеник на 30-тина тајни засолништа станува неизоставна појава на сите собиралишта на познатите, средовечен човек кој со забрзано темпо се обидува да го надополни десетгодишното заточеништво.

Пишуваше френетично, објавуваше многу, јавно се испокара и со луѓето кои некогаш горливо го бранеа. Во светот во кој сликата е сè, помалку се пишуваше за неговите текстови, повеќе за поклонувањето пред британската кралица, за епизодните улоги во филмовите и спотовите, за неговите убави жени, иако како освестен секуларист ги имаше една по една, а не харемски, сите одеднаш. Се зборуваше и се пишуваше за него како за ултимативна и интелектуална ѕвезда за која сите знаат и имаат изградено мислење.

Колку и да беше социјално растргнат, генијалноста остана. За неговата последна книга „Маѓесничката од Фиренца“, се вели дека е магично убава приказна за ренесансната Италија и ренесансната Индија. „Големото враќање на Ружди кон магичниот реализам“, така велеа насловите во весниците.

Односот кон сексот

– Никогаш не размислував во тие категории. Користам техники и форми кои се соодветни за приказната која сакам да ја напишам. Понекогаш, како во „Шалимар“ – станува збор за речиси натуралистички описи.

За „ Маѓесничката “, која е сместена во свет опседнат со магијата, морав да искористам друга форма. Тоа беше просветителски, хедонистички период како во европската ренесанса, така и на могулскиот двор. Настојував тоа да се почувствува и во текстот – ни одговори Ружди.

Нашиот однос кон сексот поминува низ некоја пуристичка фаза – го објаснува за него нетипичното експлицирање на еротските моменти, што делумно можеби беше и условено од прекинот со кој тешко се помируваше, разводот со неговата фем фатал, индиската манекенка Падма Лакшми. Тоа се случи предминатата година. Во минатата година многумина ја одбележаа 20 годишнината од неговата „смртна пресуда“.

– Никогаш не се плашев дека ќе го изгубам талентот – тврди сега нервозно, очигледно сакајќи да ги заборави не толку дамнешните јавни поверувања дека не може да пишува, за стравот дека разделбата со Падма ќе го чини и можноста да го заврши романот, како и дека се чувствувал како „нуклеарна бомба да му паднала во собата“.

Не сака ни да зборува за различните нивоа на приказните во своите дела, вклучително и последните два романи. Љубовна приказна, освета, описи на распад на рајот, процесот на претворање на уметникот во терорист кога станува збор за „Шалимар“, или еротската моќ и љубовта кон раскажувањето во „Маѓесничката“, сите тие му се подеднакво важни сегменти.

– Секогаш ми е важно само да ја раскажам приказната, а заклучоците му ги препуштам на читателот. Пишувањето сè уште ме радува, но ни малку не ми е полесно од времето кога бев помалку искусен наратор – додава.

Ликовите како марионети

Не гледа ништо впечатливо ниту во сопственото поигрување со имињата на ликовите:

– И други го прават тоа, од Чарлс Дикенс до Џозеф Хелер, сите тие си играа со имињата.

Тврди дека кога пишува е сериозен, чистото задоволство и распуштеноста на неговата проза, се чини, не произлегуваат од таквиот пристап при самото настанување на текстот.

– Некогаш ќе се разгалам додека пишувам, иако не доволно често, а еднаш дури и заплакав – истакнува. Кога се случило тоа – не открива.

Претставата за себе како за егоцентрик ни ја потврди при отпишувањето на поголемиот дел од критичарите кои главно се дрзнале да се занимаваат со неговото дело, а особено ако се осмелиле нешто и да му приговорат.

– Да, понекогаш ќе ѕирнам што напишале. Но, навистина немам потреба сериозно да ги разгледувам. Чудно ми е единствено што за мене како личност пишуваат оние кои не ме познаваат – студено коментира, а уште помалку трпение има за неретките забелешки на литературните критичари дека ликовите премногу му се површни и дека повеќе функционираат како алегории.

– Тоа некако е навредливо. Не верувам дека моите ликови се како марионети, ниту тоа го мислат оние кои ги сакаат моите книги. Би требало да читате други критичари.

На фактот кој тешко може да се порекне, дека во сопствените романи понекогаш изнесува взаемно исклучувачки пораки и „поуки“ за светот и животот секогаш се спротивставува со повикување на публиката: Читателот е тој кој мора да донесе суд.

Толку беше подготвен да зборува за работата со која се занимава, која му донесе пари и слава, и контроверзии, и смртни закани, и искази на солидарност на други интелектуалци, и за која во денешнава фаза зборува многу повеќе отколку за темите како политика, за која неодамна повторно одлучи да занеме во јавноста.

А каков е како слушател – која музика моментално ја избира авторот на романот „Почвата под нејзините нозе“, своевидна химна на рокот?

– Мајкл Џексон. Но, тоа за зашто мојот дванаесет годишен син е целосен зависник од него.

Филмска улога

Позитивни му се сеќавањата на епизодните улоги, како онаа која ја одигра во филмот „Дневникот на Бриџит Џоунс“.

– Беше многу забавно, но луѓето, се плашам, не ме повикуваат премногу често.

Се плаши ли од тоа во што се претвора светот и, според мислењето на многумина, забрзано се руши?

– Не, светот отсекогаш бил во хаос.

И денес е уверен дека треба да се чуваме од писателите кои сакаат да се наметнат како глас на нацијата или на некој друг колектив.

– Писателите немаат некоја одредена улога, иако некогаш ја избираат или таа им се наметнува. Имаат само една функција: да пишуваат.

Тој и понатаму го прави тоа. Иако многумина му се налутија, го фалеа или се криеја зад неговата книжевна слава, иако статусот на поп-ѕвезда го стекна како објект на туѓи пресметки повеќе отколку како книжевен великан, не е ниту во облаците на признанијата, ниту во клаустрофобијата на криењето. А ни на црвените теписи на метрополите на светскиот шоу бизнис не се откажа од пишувањето. И во тоа и понатаму е многу попостојан и поречит отколку во кое било интервју на кое со многу каприциозност се согласува.

Извор: jutarnji.hr

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото