Современи Потемкини

15.03.2010 14:04
afghanistan.jpg

Всушност, никој точно не знае што навистина се случило. А приказната е позната. Григориј Потемкин бил министер за време на владеењето на царицата Екатерина II. Командувал со руската војска која кон крајот на 18 век го освои Крим. Кога војската си го завршила своето, царицата пристигнала во новоослободените територии со придружба, во која се наоѓале и странски дипломати. Министерот Потемкин, наводно, долж брегот на Дњепар, по патот низ кој требала да помине царицата, изградил лажни села. Едни тврдат дека тие кулиси ги поставил за да остави впечакот кај царицата. Други, пак, велат дека Екатерина, со која бил во добри односи, не можела да биде измамена на ваков начин и дека сценографијата била поставена за странските гости.

Која и да е вистината, приказната која се задржала претставува класична приказна за политичкото заведување и манипулациите, за создавањето привиди или фасади зад кои нема ништо, за политичката лага. Оваа приказна без сопствена проверлива вистина се раскажува како приказна за вистината на политиката и махинациите на власта. Ова воопшто не е приказна за заостанатата држава. Царицата Екатерина II била просветлен владетел кого најпросветлените влдатели на Запад високо го ценеле. Приказнава беше инспирација за филозофите. Ако приказната за Потемкиновите села е приказна за политиката, тогаш таа претставува приказна за модерната политика. А тоа е приказна која сè уште не е доведена до својот крај.

Интересен „римејк“ на Потемкиновиот подвиг се случува во нашиот Авганистан, во онаа далечна земја во која словенечката војска ја брани нашата татковина. Нема да се прашам дали можеби словенечката војска е – и доколку е, тогаш, во кој поглед и во колкава мера – нешто потемкиновско. Моето централно прашање не е ниту како се засновани, толкувани и оправдувани причините за словенечкото воено присуство во држава со која немаме никакви нерешени прашања. Треба да се погледне и да се види што прават архитектите и водителите на таа војна. (Значењето на словенечкото делување во Авганистан, пред сè, се состои во тоа дека си навлековме неизбришлив национален срам на себе.)

Да почнеме со континуитетот на историјата. Американската војска и нејзините известувачи – машинерија од глобални медиуми кои ги стенографираат вестите од штабот – во Авганистан изградија Потемкиново село. Во мислите имам нешто специфично, не војната како целина на која сето она што е наметливо му се лепи на името на стариот руски министер. Не знам дали Потемкин стана сенка на Обама, иронија на историјата или нешто друго.

Во мислите го имам Потемкиновиот град, не село, што го изградија воените стратези за да можат да го освојат во големата офанзива која требаше да биде проверка на новата американска политика во Авганистан. Тој Потемкинов град се нарекува Марџа. Начинот на кој е изграден неодамна го документираше Герет Портер, истражувачки новинар, историчар и критичар на американските војни во тој дел од светот.

Што е Марџа? Како географска одредница Марџа не само што не е „поголем град“ на југот на Авганистан, туку воопшто не е ни град. Марџа е земјоделско подрачје во јужниот дел на реката Хелманд, област која опфаќа отприлика 300 квадратни километри. Оваа област нема урбани карактеристики, ниту јасен административен статус. Се состои до селски имоти, селца и пазари, а таму живеат неколку десетици илјади луѓе. Во потесно значење Марџа е еден од пазарите каде селаните ги носат и продаваат своите производи. Таму уште се наоѓа и една џамија и неколку продавници. Оваа специфична локација беше цел на американската (ако некој сака, може да ја нарече и натовска) офанзива. Лага е тоа дека во офанзивата и воените судири учествувале авганистанските воени единици (во чие формирање сега и Словенија треба активно да учествува). Американските војници за време на офанзивата создадоа нова кратенка: WOA („Чекајќи ги Авганистанците“). Кога се подготвуваше офанзивата, кога беше започната и кога ја донесе очекуваната победа, од тој земјоделски пазар израсна град. Марџа стана „град со 80 000 жители“, во кој се зацврстија Талибанците и го претворија во свој логистички центар.

Така најпрвин рекоа на 2 февруари на информирањето на медиумите во морнаричката база Leatherneck во јужен Хелманд. Associated Press потоа извести дека „морнаричките капетани“ изјавиле дека очекуваат во „јужноавганистанскиот град со 80 000 жители“ да бидат „стационирани“ меѓу 400 и 1000 „бунтовници“. Марџа стана „најголемиот град под власт на Талибанците“ во кој, како и во „околните села“, живееле 125 000 луѓе. На ABC додадоа дека Марџа е „погусто населен“ и „поурбан“ од другите места кои маринците дотогаш ги освоиле, исчистиле и ги задржале во свои раце. Се најавија и борби во урбаната околина, од куќа до куќа, од улица до улица. Ревиите на Time и Washington Post тие претстави ги репродуцираа на 9 и 11 февруари. Вториот ден од офанзивата, на 14 февруари, стенографските медиуми го пренесоа извештајот на војниот гласноговорник дека маринците веќе се „во поголемиот дел од градот“, а дека „бунтовниците“ уште се држат во некои „населби“. И така натаму, сè додека Associated Press не извести дека Марџа ја сочинуваат три пазари кои опфаќаат 200 квадратни километри – значи, повеќе отколку Вашингтон, американската престолнина.

Несомнено, голема победа, голем успех. Но за таа победа не треба да се има војска во Авганистан, бидејќи ни освоениот град не е во Авганистан. Но тоа, пред сè, е повеќе наивна отколку цинична забелешка. Се работи за тоа што овој град требаше да се создаде за ние да имаме војска во Авганистан. Воената офанзива против Марџи, урбан центар со 80 000 жители, беше офанзива на американското и светското јавно мислење, офанзива против скептиците и против критичарите на војната во Авганистан. Можеби тој воен успех некого замолкнал. Уверен сум дека на другите им дал дополнителни аргументи против војната. Прво, за таа војна нема оправдувања, бидејќи може да се поткрепува само со измислици, дезинформации, манипулации и лаги. Тоа се нејзините основи, нејзините мамки и нејзиниот успех. Второ, војската која води фиктивни борби во Авганистан, води помалку фиктивна борба против противниците на војната меѓу сопственото население, значи, против сопственото население.

Во Словенија имаме карикатура на сето тоа: додека нашата војска „ја брани татковината“ во непотребна и туѓа војна на другиот крај на светот, службениците на Министерството за одбрана ги напаѓаат противниците на војната меѓу сопствените граѓани. Позначајно од таквите испади е тоа што Словенија како држава учествува, па дури и во минорна улога, во туѓото создавање и ширење на измислици, дезинформации, манипулации и лаги. Државата, според класичната модерна дефиниција, има потреба од војска. Но ако ја користи војската за да учествува во туѓо поставување и освојување на Потемкиновите села и градови, војската престанува да претставува атрибут на сувереноста. И ако не е атрибут на сувереноста, тогаш таа не е ни потребна.

Извор: Sodobni Potemkini, Dnevnik

Слични статии

Свет

ОкоБоли главаВицФото