Демократски дефицит на универзитетите

17.03.2010 16:07
Конрад Лисман

Угледниот австриски филозоф Конрад Пол Лисман смета дека на универзитетите постои недостаток на демократија и вишок економски мотиви, и дека постои цела низа елементи поради кои би било битно професорите и студентите да настапат заедно.

Лисман се прослави со книгата „Теорија на необразованоста. Заблудите на општеството на знаењето“. Оваа кратка, но остра критика на „општеството на знаењето“ ја покажува европската политика на образование и механизмите на реформите и општеството кои доведоа до претворање на знаењето во стока и ја извртеа класичната идеја за образование во нејзина спротивност. Притоа, тој посветува посебно внимание на фактот дека во центарот на образованието повеќе не е информирањето, туку мерливоста и корисноста на стекнатото знаење, кое во европскиот образовен простор се одразува низ системите на рангирање, вреднувањето на исплатливоста и бодирањето на знаењето.

На предавањето во Загреб под наслов „Последната задача на нашиот опстанок. За образованието и неговото деформирање во периодот на знаењето“, Лисман повтори дека „општеството на знаењето“ претставува само реторички гест кој, според него, помалку и’ се заблагодарува на идејата за образование, а повеќе на опипливите политички и економски интереси. Тој нагласи дека на знаењето му недостасува синтетизирачка и интегрирачка сила, и дека тоа станува фрагмент кој може итро да се воспостави, брзо да се усвои и лесно повторно да се заборави. Проблемот на нашиот период го детектира како отсуство на секаква нормативна идеја за образование. Предупредува дека денес образованието се сведува на наобразба, а знаењето се деградира на мерлива ознака на човечкиот капитал. Исто така нагласува дека денешното знаење нема голема врска со разбирањето, и дека образованието повеќе не се ориентира на можностите и границите на поединецот, туку на надворешните ефекти како што е побарувачката на пазарот.

Знаењето во општеството на знаењето, според него, се дефинира поинаку од традиционалната сфера на образованието. Во таквото општество се остварува необразованост која станува самосвесна. За крај, тој вели дека не треба целосно да се отфрли идејата за смислена наобразба и дека треба да се освести разликата меѓу идејата за наобразба и образованието, и да се најдат простори и можности за образовање.

Во разговорот за H-alter Лисман предупредува дека Болоњскиот процес не е негативен сам по себе, т.е. дека „засилувањето на натпреварувачкиот дух на европскиот културен и интелектуален простор, овозможувањето мобилност на студентите, подигањето на квалитетот и конкурентноста претставуваа цела низа аспекти во таа цел која, секако, треба да се вреднува позитивно“. Но тој смета дека основниот проблем лежи во тоа што начинот на постигнување на таа цел е многу двозначен.

Како пример за добра идеја која е лошо спроведене Лисман ја наведува често споменуваната мобилност на студентите во рамките на европскиот универзитетски простор. Според него, само 10% од студентите ги користат програмите за мобилност. „Интересно е дека од почетокот на воведувањето на Болоњските реформи мобилноста на студентите дури опаднала наместо да се зголемува, како што се очекуваше. Еден од начините да се подобри ситуацијата е засилување на институцијата стипендија која би ја овозможила мобилноста.“

Иако денес веќе е јасно дека реформите на европскиот образовен систем, кои во прв план ги ставаат елитноста и исклучителноста, доведоа до низа негативни последици како редефинирање на самиот поим образование, неговите функции, комерцијализација на образовниот процес или постепено укинување на непрофитабилните студентски групи, се наметнува прашањето зошто самите членови на академската заедница не реагираа на скратувањето на нивната област на делување. Лисман предупредува дека „проблемот е во тоа што болоњската реформа е воведена неверојатно брзо“. Понатаму објаснува дека “најголемиот дел од универзитетите и наставниот кадар беа затечени и на почетокот релативно неутрални во очекувањето што ќе се случи за време на тој процес“. Според него, реформите ги изнедадиле универзитетските професори. „Мора да се признае дека мал број професори се исполнети со ентузијазам. Повеќе се работеше за пасивно очекување. Дури сега во земјите како Германија, Австрија и Франција настапува сериозна реакција на низа негативни ефекти кои ги произведе реформата.“

Лисман се осврна и на студентските протести кои минатата година се одвиваа на неколку универзитети во Европа, па така и во Австрија, каде на крајот завршија со полициска интервенција. Тој ги поддржа студентските барања кои во Австрија, во радикална верзија, одеа со редемократизација и укинување на Болоњскиот процес, и учествуваше во нив одржувајќи говор. Поголемиот дел од аргументите кои студентите во Австрија и во дел од Европа ги изнесоа, според него, се оправдани. „Сметам дека на универзитетите постои недостаток на демократија и вишок економски мотиви“, вели тој. Но исто така предупредува дека за „тие недостатоци не треба безусловно да бара причината во реформите“. Оптимистички констатира дека „не е невосможно во рамките на структурите зацртани со болоњската реформа да се имаат односи кои се значително подемократски и во кои пазарниот принцип не би бил преовладувачки“.

Исто така, можен напредок гледа во подобрувањето на постоечката ситуација преку заедничката соработка на професорите и студентите. „Важно е студентите и професорите заеднички да ги артикулираат своите интереси и да се обидат заедно да се изборат за оние аспекти на целокупниот процес на реформите на образованието кои им се заеднички, како што е поголемата слобода во избирањето на предметите и начинот на студирање, учество на што е можно поголем број студенти независно од потеклото итн. Постои цела низа елементи поради кои би било важно професорите и студентите да настапат заедно, иако досега тоа сè уште не е случај колку што е пожелно и потребно.“

Извор: h-alter

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото