Писмата на поштарот

19.03.2010 13:23
maleonn-postman-2.jpg

 

Се сеќавам дека еднаш во основно училиште наставникот со сериозен тон ме праша што сакам да бидам кога ќе пораснам. Одговорите на моите соученици беа прилично здодевни, некој велеше дека сака да биде војник, друг наставник, трет научник итн. Во тоа време бев прилично тупаво дете, а тоа го знаеја сите. Затоа ми беше дозволено последен да одговорам на прашањето, за да имам доволно време за размислување. Многу јасно се сеќавам дека се двоумев да се одлучам меѓу уметник и поштар. Иако на крајот се одлучив дека мојот сон е да бидам уметник, откако тоа го кажав гласно не ми беше мило што морав да се откажам и од другата можност, без разлика што таа професија не беше многу почитувана. Немам поим како повторно да го објаснам тој порив. Реков дека сакам да бидам уметник, на тој начин барем ја продолжував традицијата на татко ми (тој беше уметник), но не можев директно да ја изразам желбата дека сакам да бидам поштар. Во тоа време, мојата романтична идеја беше срамна, да не објавам дека сакам да бидам поштар, за мене беше романтична работа без конкретна причина.

Кон крајот на минатата година, случајно навратив во Ву Џијанг Лу, местото во кое живеев пред да наполнам тринаесет години, некогаш тесната и мирна уличка, сега е прометна уличка позната по рестораните сместени во неа. Покрај патот се наоѓа голем блок исполнет со традиционални шангајски сокачиња наречен Ши Ку Мен. Од другата страна се наоѓа стара зграда што ја направил некој Русин. Мојот стар дом беше веднаш до таа зграда. Се зборуваше дека старата зграда била клиника на рускиот доктор пред ослободувањето. Имаше камин и елегантно декориран плафон. Сите мои соученици од основното училиште живееја од другата страна на улицата, во Ши Ку Мен. Повеќе сакав да престојувам таму. Секако дека по училиштето не се враќав дома, една од причините беше што моите родители главно работеа до доцна, попладне мораа да дремат, па не смеев да правам врева. Од друга страна, животот во Ши Ку Мен сокачињата беше премногу богат. Секое попладне си играв таму, па прегладен се враќав дома по зајдисонце.

Дваесет години подоцна, кога повторно се најдов во уличката, бев целосно шокиран. Изгледаше како времето таму да е конзервирано. Како ништо да не се променило. Сè беше исто како во моето детство. Дури можев да ги видам и дупките во земјата што ги користевме кога игравме џамлии. Дури и јавниот тоалет на крајот од уличката смрдеше на ист начин.

Единственото нешто што беше променето беше хоризонтот на небото над покривите во Ши Ку Мен. Во позадина се појавија многу облакодери со стаклени површини, кои создаваа илузија дека се превртени. Дури и сеќавањето би можело да се однесува на последните неколку месеци. Наскоро модернизацијата безмилосно ќе го избрише маалото како и другите сеќавања поврзани со градот.

Не знам зошто, но повторно помислив на поштарот.

Сеќавањата секогаш се појавуваат неочекувано. Кога поштарот повторно се појави од аголот на сокакот, јас веќе бев ќелав возрасен човек. Сеќавајќи се на старото време на растење, на несигурниот сон од моето детство да станам уметник, навистина се вратив во тоа време на слатко-горчливи чувства. Талкањето низ заобиколните патчиња на животот, оние слатки и мачни чувства што не можат да бидат споделени, стануваат запечатени тајни, кои подоцна во животот во мака се носат. Еден ден одеднаш сфатив дека не сум само заинтересиран за мојата сакана уметност, туку и за идејата да станам поштар. Мојата работа осцилира меѓу најнереалниот свет и најреалниот, на пример, да носам некои исклучителни, но кршливи нешта од сеќавањето во сегашноста, како земањето секојдневни елементи од сегашноста и нивно пренесување во сигурната атмосфера на минатото или иднина, во потрага по убавата рамнотежа изгубена во времето.

Подоцна го направив циклусот „Поштарот“ искористувајќи го исчезнувачкиот простор на Ши Ку Мен како позадина. Почетната точка на делото беше прилично матна. Не можев да објаснам дека едноставно ми се појави желбата да ги направам овие фотографии. При последното патување во Европа, во авионот прочитав текст, приказна за поштар и неговиот замок од соништата. Бев трогнат додека го читав текстот. Ми изгледаше како да читам некој вид доказ за сите мои очекувања поврзани со поимот „Поштар“.

Пред околу еден век, во Лион, Франција, еден селски поштар секој ден пеш го посетувал селото во кое разнесувал пошта. Еден ден, на планинската патека се сопнал на камен. Одеднаш забележал дека каменот изгледа многу чудно. Го подигнал каменот и одредено време го набљудувал. Му се допаднал каменот, го ставил во чантата и тргнал дома.

Кога дошол дома, по внимателно разгледување на каменот добил луда идеја. Колку неверојатно би било ако го употреби убавиов камен за да изгради замок. Сега не ни можеме да си замислиме колку бил возбуден кога му се појавила идејата. Но, тој навистина верувал дека може самиот да го реализира овој исклучителен проект. Така, овој поштар кој никогаш во животот не учел архитектура и никогаш не го напуштил своето родно место почнал да ги собира камењата што ги пронаоѓал секојдневно додека ја носел поштата. Постепено собрал огромно количество камења и материјал за градба, па почнал да работи на реализација на својот остварлив сон. Дење бил поштар и работник кој собира камења. Ноќе бил архитект. Ги следел своите визии за тоа како треба да се изгради сопствениот дворец.

Многу луѓе мислеле дека неговото однесување е тешко разбирливо, а тој не бил заинтересиран да го објаснува. Но, не се откажувал од тоа. Сè уште цврсто верувал дека неговиот почетен сон ќе се реализира само ако продолжи да работи, идеалниот дворец конечно ќе биде изграден. Во следните дваесет и две години, постојано продолжил да бара камења, да ги носи и да ги собира. На зафрленото место на кое живеел конечно почнале да се појавуваат дворци со различни стилови – дворците потсетувале на џамии, на објекти во христијански и хинду стил. Областа била голема околу 1 квадратен километар. Највисоката точка била висока дванаесет метри. Различните стилови на дворците биле измешани, дури не си ни пречеле еден на друг, различни еден со друг, создавале неверојатен ефект. Сите локални жители знаеле дека пости некој чуден молчелив поштар кој самиот гради замислен свет од земјата на чудата користејќи детски чистина и упорност, време и љубов. Во 1905 година, еден новинар на француската пошта ги нашол овие убави, но чудни дворци. Сцените што ги видел го зачудиле. Напишал текст за приказната, а поштарот станал легенда. Многу луѓе доаѓале да ги видат дворците, дури и Пикасо го посетил местото и бил трогнат. Денес, дворецот е едно од најпознатите места за туристички посети во Франција, а неговото име е „Идеалната плата на поштарот Шевал“.

Гледате, некои поштари се толку романтични. Толку е едноставно што тој верувал на својот првичен порив. Еднаш кога сонот ќе почне да се реализира, нема сомнежи за него. Идеалниот дворец конечно може да биде завршен, ако некој има писмо за поштарот.

Извор: cameraobscura.busdraghi.net

 

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото