
Новата технологија, комбинирана со древните предрасуди, доведе до ситуација во Азија да живеат илјадници повеќе мажи од жени.
Ултразвучните прегледи кои денес можат да го откријат полот на детето придонесоа за масивно абортирање на женските фетуси во културите каде машките вредности повеќе се ценат.
Во Кина и северна Индија се раѓаат 120 момчиња на 100 девојчиња, додека соодносот во 1980-те беше 108 спрема 100, објави списанието Economist. Оваа разлика невозможна е без човечка интервенција, се вели во списанието и се наведува дека во руралните делови на Кина разликата е уште поголема: 130 спрема 100.
„Не е претерување ако оваа појава се нарече геноцид по родова основа – или родоцид (gendercide)“, се вели во Economist. Жените исчезнуваат во милиони – преку абортуси, убиства или задавување до смрт. Индискиот економист Амартја Сен уште во 1990 г. изјави дека бројот на убиени женски деца во Азија ја досегнал цифрата од 100 милиони, додека денес таа е многу поголема.
Искривени родови односи се забележани и во други источноазиски земји, вклучувајќи ги и Тајван и Сингапур, но и во земјите на западен Балкан и Кавказот. Според Economist, причината за зголемениот број абортуси на женските фетуси лежи во три претпоставки: древниот стремеж кон синови, модерната желба за помали семејства и ултразвучните прегледи со кои се дознава полот на фетусот.
Во општествата каде е вообичаено семејството да има четири до шест деца, момчето сигурно ќе дојде, но сега паровите сакаат и по два сина, или како во Кина, каде е дозволено само едно дете, тоа да биде машко. Во такви услови паровите ќе ја жртвуваат ќерката во потрагата по син. Затоа и се јавува толку неурамнотежениот сооднос меѓу половите во Кина и Индија. Овие пореметувања се уште поочигледни по првото дете – родителите можеби и ќе го прифатат ако е женско, но потоа ќе сторат сè за да се осигурат дека следното дете ќе биде машко.