
Во Чикаго како да стигна пролетта – снегот се стопи, почвата се одмрзна, птиците ги прочистија грлата и почнаа да пеат. Искуството нè учи дека пред конечно да ги спакуваме долгите гаќи и дебелите поткошули, ќе дојде барем уште една сурова бура, но светот излегува од своите станови и дувла и почнува да верува во можноста за полноправна пролет, па дури и во далечното лето. Така, штом температурата се искачи малку над нулата, ги надував гумите и тргнав на прошетка со велосипед низ градот.
И во речиси празниот парк, источно од улицата Шеридан, наидувам на пар пензионери: жената го држи мажот под рака, а тој во другата рака, блиску до увото, држи транзисторски радио приемник – т.н. транзистор – голем колку сериозна книга, така што мора да ја рашири дланката и да го вклешти со палецот и малиот прст. Јас имав приклучено Ај-под, така што не слушнав што чичково си слушаше, но најверојатно стануваше збор за некоја програма на руски јазик. Во тој дел од Ејџвотер, во малечките станови во облакодерите покрај Шеридан, живеат многу стари руски Евреи. Освен тоа, плетената капа на тетката и здепастата телесна структура (комбинација која ја прави да личи на вргањ со куси нозе), мантилот на чичкото, чевлите и транзисторот од минатиот век, како и фактот дека така (полека, пензионерски) шетаат – сето тоа упатува на фактот дека припаѓаат на сосема друг, речиси исчезнат свет.
Секогаш подготвен да ги промислувам исчезнатите светови, низ целиот пат до градот, облеан со пот и милина, се присетував на исчезнатите светови во кои пензионерите со француски капи и наоружани со транзистори во недела чекорат по ресторанот на Жељо (зашто Жељо игра на гости) и го слушаат преносот на натпреварите од тоа коло, а кога спикерот ќе се вклучи да објави дека во Приштина, на пример, паднал гол, малку застануваат за да не пропуштат некој детаљ, да го слушнат ѕвечкањето на жичната ограда зад голот на гостите; Транзисторот има сопствена кожна футрола со дупчиња на ситниот звучник, а стигнал од Германија, каде што дотичниот пензионер бил на службен пат дваесет години пред тоа, на кој, еден единствен пат, ја измамил својата жена. Имаше времиња кога транзисторот беше најдрагоцениот предмет за секој кој го отслужува воениот рок на просторот од Вардар до Триглав, бидејќи ноќе, на додека се стражари, може да се фати радиостаницата на родниот град – Радио Сараево, на пример.
Во тој исчезнат свет, луѓето шетаат. Тука прошетката не е само форма на транспорт, туку и физичко задоволство, а речиси и единствената физичка активност на луѓето во одреден период. Поради ова луѓето ретко претерано се дебелееја. Во пролетта луѓето од работа се враќаа пеш дома, а младите често после училиште ќе се откажеа од користењето на преполните трамваи и ќе тргнеа пеш. Многу млади луѓе (особено идните родители) првпат ќе се видеа додека во круг, сизифовски, шетаа низ корзото или по главната патека, гледајќи се во од, а допаѓањето ќе станеше официјално откако момчето ќе ја испратеше дома девојката и во ходникот свечено ќе и’ го положеше јазикот во устата. Во тој исчезнат свет сè можеше да се направи пеш, затоа што најчесто не можеше поинаку. Автомобилите беа незамислив луксуз, урбаните простори, дизајнирани во минатите векови, беа наменети за стапала и за копита, а човечките тела беа орудија, речиси сè се правеше со рацете и со нозете – секогаш го сакав она што, кога (одамна заборавеното) пресметување со молив на хартија (за разлика од пресметките со дигитрон, т.е. со калкулатор) се нарекуваше сметање пеш.
Одењето беше интелектуална активност, речиси секој беше бодлеријански flaneur – софистициран бесцелен шетач кој географијата на градот ја учи со нозете, неговата историја ја чита со табаните, а урбаната поезија ја црпи на патеката од една до друга кафеана. Тоа не беше тешко во градот во кој сите пријатели, сите роднини, сите сакани луѓе беа оддалечени на триесет минути лесен од. Секаде можеше да се стигне со шетање. Се живееше пеш. Со автомобил се одеше на пат.
Откако во Чикаго се најдов на почетокот на онаа војна, имав потреба да го научам градот одејќи низ него, како што сè за Сараево научив пеш. Така, бидејќи бев невработен, ќе изберев филм во некое чикашко кино, ќе се распрашав каде се наоѓа тоа кино, а потоа во соседството ќе се појавев два часа пред претставата (обично евтино матине) и чекорев бесцелно околу киното во концентрични кругови впивајќи го урбаното знаење кое исклучиво на тој начин е достапно. Пред моето доаѓање во Чикаго, во Сараево живеев пеш, па затоа првиот и најлогичен пристап на новиот урбан простор беше пешачкиот.
Но, тежок е животот на пешакот во американскиот урбан простор. Градовите се преголеми, улиците најчесто се дизајнирани за автомобили, плочниците не се наменети за шетачите, а камоли за flaneur-ите, туку главната цел е од автомобилот да не се стапне директно на патот. Автомобилите се оклопи кои луѓето ги штитат од светот – од наводниот уличен криминал и од озлогласеното губење скапоцено време. Луѓето живеат и скапуваат во автомобилите, кои според мене, се главната причина за епидемијата на американската дебелина. А оние кои чекорат, чекорат на простории или на машини предвидени за тоа, со други зборови – никогаш не прошетуваат. Една од вообичаените глетки тука, глетката заради која ме обзема непоколеблива тага, е осамениот, често дебел шетач, кој во целосна спортска опрема (атлетско одело, патики, потници, слушалки) оди сам со себе, во целосна сетилна и човечка изолација, често гледајќи на часовникот, за да види дали ја достигнал саканата цел. За многумина одењето е екстремна активност, работа на очеличување и надминување на сопствените ограничувања, како маратон.
Јас сакам да користам велосипед и јавен превоз, бидејќи во колата обично ме обзема депресија и с’клет. Госпоѓата и јас исто така сакаме да се прошетаме. Кога еднаш бевме во Париз, чекоревме четири часа дневно, а во Чикаго живееме во соседство каде може тоа да се прави – плочниците се широки, кафеаните се наоѓаат на секој чекор, до сè што е потребно (до пекарницата, до берберот, до видеотеката, до месарницата, па дури, во лето, и до пазарот) може да се стигне пеш. Секој ден можеме да се прошетаме низ соседството.
И кога ќе забележам двајца пензионери кои, благодарение на транзисторскиот времеплов, шетаат низ улиците и парковите кои и се и не се во Америка, се чувствувам како богољуб кој на улиците на Ватикан препознал друг богољуб.
Слика: Роберт Раушенберг
Извор: bhdani
Од Александар Хемон прочитајте ги и овие текстови:
Prekrasen tekst!
Испратено на 25 март 2010 од АнонименPrekrasen tekst!
Многу убав текст :)
Испратено на 05 април 2010 од СкопјанкаМногу убав текст :)