
Кога размислувам за градовите, кога ги опишувам и ги толкувам, обично паѓам во некои, се надевам семантички грешки кои можат да се простат. Лесно заборавам дека градот е и социолошка и економска големина, дека е технички артефакт, а понекогаш, за жал, и технички стереотип. Веројатно спаѓам во грешниците кои, по секоја цена, се трудат градот да го видат како посебна, самостојна културна форма.
Втората грешка е тоа што премногу ме интересира човечката супстанција на градовите, па затоа често ги хипостазирам, ги очовечувам, ги персонифицирам. Ги класифицирам според физиономиите и карактерите, исто како и луѓето. Се обидувам себеси да си ја објаснам внатрешната сила со која им одолеваат на искушенијата и ги совладуваат животните драми. Ги следам во малите и во големите радости, ја сакам нивната смисла за хумор, ако ја имаат, и подготвен сум да им ги простам малите, незначителни изопачености. Но, пред сè, ме интересира нивната самосвест, нивното чувство за континуитет... Зашто се плашам од градовите без меморија, како што се плашам и од луѓето без потсвест.
Неретко ја правам и третата грешка. Кога велам „град“ или попрецизно, „европски град“, главно мислам на градовите што сум ги гледал, сум им се восхитувал и сум ги сакал. Верувам дека моите помлади колеги сè уште не чувствуваат како градовите опасно брзо се менуваат. Ја помнам Атина додека сè уште можеше, гледана од Акропол, во фантазијата на набљудувачот да се собере во рамки на античкиот град. Подоцна во два-три наврати, во периоди од околу една деценија, доживував шокови: Атина се ширеше, се ширеше, се прелеваше преку рабовите на своите долини како млеко што тече од тенџерето. На ист начин, во сеќавањето чувам по две Болоњи, Винченци, Падови. Мислам, секако, на вкупната градска телесност и на нејзината постојана трансформација, а не само на старите јадра... Венеција, за среќа, останува неприкосновена, зашто веќе се навикнавме, така да се каже, да мижеме додека поминуваме низ нејзините копнени предградија... Да споменам, на крај, дека и Париз и Лондон ги помнам уште во нивниот традиционален статус, онакви какви што ги гледаа Оскар Вајлд или Хуисманс. Значи, без блескави, преголеми архитектонски чудовишта, кои на некоја пуста ледина на Де Кирико можеби и би можеле некого да фасцинираат. Јас, пак, секојдневно се напрегнувам и во визуелната архива на помнењето постојано да ги обновувам старите „снимки“, како да сакам колку-толку да ги зачувам.
Поглед наназад
Дали можеби треба да се потсетиме и на самиот развој на урбанистичката дисциплина во изминативе педесет години? Секако, зашто свеста за талкањето и метаморфозите на сфаќањата може да има одредено влијание врз проценката за веродостојноста на денешните прогнози.
Кога во есента 1940 година како бруцош стапнав во помпезната аула на Белградскиот технички факултет, на Архитектонскиот отсек се предаваше не толку важен, мал предмет: „Декоративно проектирање и уредување на градовите“ (отприлика Stadtbaukunst или L’art urbain)… Денес во теоријата, па и во практиката, се стигна до многу комплицирани, често езотерични градски апстракции, кои можат да се следат и меѓусебно да се доведуваат во ред единствено со трансдисциплинарни аналошки модели и симулациони техники.
Ќе изоставам едно меѓувреме на шарени теории и теоретичари кои се „лесни на пукање“. Па, кој денес без хумор би размислувал за градови под земја, под море, за градови кои лебдат во стратосферата, за градови механизми кои трапаво се влечкаат низ светот како монструозни челични бубачки! Вистинските неволји се наоѓаа, како што се наоѓаат и денес, од оваа, а не од онаа страна на лесните фантазии во стилот на Сирано де Бержерак и Жил Верн. Уште од првите денови по крајот на Втората светска војна, урбанолозите, подготвени да се впуштат во шпекулации од повисок ред, беа обземени, речиси до фобија, со „стравот од губење на градот“. Разурнувањата на европските градови беа премногу очигледни, а атомската закана дека сето тоа може уште и да се „доврши“ – сосема реална.
Паралелно со обновувањето на разурнатите европски метрополи и на помалите градови започна уште една закана: имплозијата на жителите. Дури и експертите практичари и пред оваа опасност беа обземени со одбранбените теории. Реакциите беа јасни и отсечни: никако преголеми градови, никако европски мегалополиси. Сосема обратно: децентрализација, растурање на големите градови итн.
Енергетски плими и осеки
Меѓутоа, има некоја блага иронија во тоа што овие радикални теории, барем на цртежи, прво беа испробани врз безопасниот пример на Хелсинки. Така во фантазијата се раздвојуваше нешто што веќе самата природа го разделила и на градот му овозможи, неколку генерации однапред, прилично солидна еколошка иднина. Но, токму во име на таквите теории Лондон, Стокхолм и другите европски метрополи добиваа придружни градови, градови сателити. Нивната самостојна судбина некако и можеше да се следи до раните шеесетти. Меѓутоа, факт е дека никогаш не станаа вистински градови, а и нивната дополнителна сателитска функција брзо гаснеше, онака како што ткивото на метрополите се ширеше во голем обем.
Веќе од раните шеесетти, евтината енергија и информатичкиот романтизам нудеа нови, лажливо блескави можности. Се размислуваше, па и се фантазираше, за привидно разумна, но ригорозно контролирана рецентрализација на градскиот живот. Се сеќавам на своите московски пријатели архитекти, кои ни ја образложуваа замислата од еден центар, буквално од еден московски облакодер, по електронски пат да се диригира со реализацијата на сите генерални, па и детални урбанистички планови на територијата на СССР. Работата ќе беше делумно смешна доколку присутните американски експерти со носталгично одобрување не се вклучија во оваа информатичка лудорија.
На почетокот на седумдесеттите се спротивставија две сосема спротивни сфаќања. Како прво, почнаа да се јавуваа насетувања за прифаќање, па и апологија на супраурбаните системи. Во некои урбанолошки егзалтации почнаа да се форсираат претстави за една единствена мрежа на споени мегалополиси, која како тенка пајажина би ги обединила речиси сите значајни градови во овој свет. Беше тоа идеја без идеја, зашто малку по малку процесот на механичко сраснување на градовите веќе се случуваше сам од себе: во Соединетите Држави, и на источниот и на западниот брег, а тука и таму во поблага форма и во Европа... Идниот Светград го доби своето благозвучно име – Екуменополис, но цртежите мрачно потсетуваа на полип кој од повеќе страни неумоливо ја опфаќа земјината топка. Тешко би било да се каже што оваа остварлива утопија би му понудила на човекот повеќе од она што во темен просек на „царство на градот без град“ веќе би можел да го има. Но, таткото на Екуменополис, Доксијадес, беше горд на своето духовно чедо. Дозволуваше дискретно да го споредуваат со Аристотел. Делумно дури и личеше на него: ги повторуваше токму неговите методолошки грешки. Веруваше дека од светските искуства – за денешните прилики добро компјутерски изработени – ќе извлече некои оптимални рецепти за какво-такво коригирање на зададената состојба. Меѓутоа, основната претпоставка беше далеку од аристотеловскиот оптимизам. Мегалополисот, сега веќе мега-мегалополис, требаше да биде нашата дефинитивна судбина, па кога веќе е така, требаше да биде прогласен за среќен подарок на светата неизбежност.

На спротивната страна, на почетокот на седумдесеттите, се наоѓаа платонистите, еко-активистите, бранителите на интегритетот на природата и на нејзините космички матрици. Нивните урбанолошки идеи не беа претерано јасни. Критикуван е градот, големиот град, градот во распаѓање, критикуван е, да се послужам со зборовите на Платон, „срамот на градот“, но критичарите не оставија ни онолку вистински предлози колку што остави наивната урбанологија на Платон. Сепак, мислам дека во сите понатамошни разгледувања ни внесоа една скапоцена нота на мудра сомничавост.
Во раните осумдесетти поминавме уште една енергетска осека. Оваа неволја, барем на планот на теоријата, помина речиси незабележливо. Дали тоа беше знак на замор, на резигнација, знак за одрекување од какви било сеопфатни теориски рецепти за новонастанатата ситуација? Или, можеби тивкото, незабележливо помирување со идејата дека градот, градот во класичната смисла на зборот, полека исчезнува од нашето видно поле и заминува во светот на митските сенки, па какво и да е теориско пренасочување на дотогашните практики би изгледало залудно.
Продолжува...
Богдан Богдановиќ (Белград, 1922) е српски архитект, урбанист и есеист. Бил професор по архитектура на Универзитетот во Белград, каде што работел и како декан. Има напишано бројни текстови за урбанизмот, особено за неговите митски и симболички аспекти. За време на Втората светска војна бил партизан, а по војната градоначалник на Белград. Кога Слободан Милошевиќ доаѓа на власт, станува дисидент. Негови најзначајни дела се разни спомениците изградени во времето на СФРЈ. Меѓународен углед стекнува со својата монументална скулптура во Јасеновац.
Цртежи: Богдан Богдановиќ