
Постурбана цивилизација – илузија или можност?
Градот... градот во досегашниот облик ни е подарен не толку одамна. „Не толку одамна“, археолошки одмерено: има едвај пет-шест-седум милениуми. Во однос на поминатите повеќе од милион години од човековата еволуција – тоа е многу кус период. Поинаку кажано, биолошки, човекот е сè уште многу повеќе предгратско отколку навистина градско суштество. Не е исклучено дека, ако мора, би се снашол и во некоја нова средина која (доколку има среќа) материјално би му го понудила сето она што градот му го давал. Не се сомневам дека неблагодарната човечка природа со лесно срце би се разделила од емотивните и ментални рамки на денешниот град, од традиционалните репери на мислењето и однесувањето, од симболите и архетипите. Единствено не е јасно дали тоа би било чекор напред или чекор назад.
Ми се чини дека многу лесно и без размислување го прифативме поимот – или само играта со зборови – постиндустриска цивилизација. За тоа прифаќање има и добри причини: постоеше прединдустриска, па зошто не би постоела и постиндустриска цивилизација. Но, со атрибутот „постурбана“ нештата многу потешко би можеле да се доведе во ред. Крилатицата „постурбана цивилизација“ е многу сомнителна логичко-јазична конструкција, зашто пред градовите не постоеше ништо слично на денешниот поим „цивилизација“. Затоа оправдано се поставува прашањето дали за цивилизацијата во денешната смисла на зборот може да се зборува во некое сè уште неразјаснето, сосема матно, послеградско опкружување.
Дали футурологијата припаѓа на минатото?
А сега уште една од футуролошките играрии кои тргнуваат токму од таа и таквата противречност во придавката и која обично се нарекува „глобално“ или „електронско село“. Не ги отфрлам претставите, барем во доменот на фантастичната теорија, за некој содржаен и продуктивен живот кому градот, како непосредна физичка рамка за комуникација, воопшто не му е потребен. Но, глобалната, хармонична организација на светот, урбаната како и постурбаната, претпоставува и глобален човек. Бидејќи е сигурно дека таков идеален фантом сигурно не може да постои, тешко е да се замисли дека електронската цивилизација без град би можела да биде планетарна и општочовечка. А неколку закарани светски мегасела, наоружани со застрашувачки иновации и празноглави фанатизми би го надминале сценариото на сите досега познати хорор филмови.
Може да се каже дека веќе помина времето на далекосежните, демек видовити прогнози. Ни преостануваат само уште мали предвидувања и тоа на покуси рокови. За волја на вистината, тие понекогаш се потешки од големите предвидувања, зашто мора да се преточат во вистински одлуки, а упатствата можат со својата привидна скржавост и да разочараат. Во денешниот миг можеби би било најумно да се тргне од наједноставното: да се зачува она што се има и она што сè уште постои како општа вредност. А тоа се, без сомнение, традиционалните европски градови. Во најголем број случаи тие среќно ги избегнаа чумите на мегалополитенските хипертрофии од неевропски тип. Од нив се разликуваат не само по големината на учеството, по степенот на скрупулозноста на техниката која се меша во секојдневниот живот, туку пред сè и по својот духовен склоп и по интелектуалната енергија со која зрачат. Воопшто не ги потценувам блескавите духовни средишта на новиот свет и културните богатства на многу градови од поблискиот и подалечниот Исток кои се достојни за воодушевување. Но, не треба без потреба феномените да се преклопуваат, па невнимателно да се споредува и она што не е за споредување. Значи, да останеме со примерите кои ни се пред очи.
Енергијата на симболите и симболошката сиромаштија
Европскиот град е сè уште жива, активна културолошка форма. Дури и како физичка стварност, како систем на артефакти, цврсто е всаден во своето, така да кажам, метафорично лежиште. Со овој необичен израз би се обидел да го објаснам комплицираните системи на материјални и нематеријални преносници кои доволно ја дефинираат меморијата на градот и ги обележуваат препознатливите рамки на неговата личност. Само да се потсетиме како токму на немиот јазик на симболите се базира секоја подлабока, интимна комуникација на човекот и околината, на човекот и градот, на човекот и човекот во градот.
Многу современи градови ширум светот, и покрај неподносливата поплава на визуелни информации, сепак страдаат од некоја, речиси хронична „симболошка сиромаштија“ и во крајна линија се лишени од подлабоки, скриени пораки. А тоа е токму она скапоцено четиво низ кое градовите треба да се прочитаат, да се исчитуваат, да се разберат и да се толкуваат. Стилската архитектура, на пример, нудеше широка скала на самоискази, и по содржината и по начинот, различни за разни градови. А градовите, токму како и луѓето, можат да се потчинуваат на психолошки анализи, и целиот оној збир од украси и фантастични суштества, натоварени врз фасадите на зградите од минатите векови, претставуваат одличен материјал за проучување на колективната свест, па и на колективната потсвест. Денешните архитекти нека не се лажат. И нивната привидно безорнаментална архитектура порано или подоцна на виделина ќе ја изнесе својата скриена психоорнаментика, подложна на анализа и парафраза, а тоа јас, доколку сум на нивно место, повеќе би го сфатил како комплимент отколку како прекор.
Па кога веќе е така, кога го прифаќаме инхерентното дејство на симболите во областа на архитектурата и урбанизмот, да му дадеме право на симболот да биде свесно, рационално-структурално, ерудитски потпомогнат уште од почетокот, значи, ab ovo!
Секако дека свесното внесување на една езотерична компонента во сето она што го означуваме како планирање-урбанизам-архитектура-дизајн никако не е ниту би смеело да биде произволно и да се заснова врз моментални досетки. Станува збор за еден вид подлабока, драматична документација која секое време ја остава за себе и за своите градови. Но, тоа обележување на поминатиот пат секако дека не е работа само на планерот, урбанистот и архитектот. Тоа е работа за сите и секој има што да додаде тука и да помогне во врска со тоа. И луѓето од светот на литературата, од театарот, од филмот. А, пак, телевизијата, таа лоша, ѓаволска измислица – колку што може да придонесе за изедначувањето и бришењето на индивидуалните градски кодови и за израмнувањето на градовите и граѓаните, толку, а можеби и уште повеќе, би можела да помогне во сосема друга, позитивна насока. Да тргнеме од тоа колку е пресудна улогата на малиот екран во идентификувањето и презентирањето на градската средина. Модерниот човек ги доживува своите градови барем пола-по-пола. Во директен допир, но и како медиумски обработен, концизно прикажан простор. На крајот, телевизиската камера поминува низ фасадите и проникнува во внатрешноста на куќите, го открива интимниот живот на градот, измислен, драматизиран, но и репортерски реално прикажан. Сите тие се нови можности за самодефинирање, но во немарни и бескрупулозни раце се претвораат во злобно средство за деперсонализација на градот и градскиот човек...
Градот – метафора на метафората
Не е неопходно да се потсетува на тоа дека современиот голем град е нежна конструкција и лабилен организам. Доволно е да се прескокнат една или две редовни технички инјекции, па неговиот метаболизам да дојде до работ на катастрофата. Иако денес не е потребно посебно да се нагласува дека дијалогот град/природа во голема мерка е нарушен, ако под природа може да се нарече она што, во потесен или поширок обем, ги опкружува големите градови. Паралелно со тоа, однатре, социјалната и културната раслоеност го отежнува меѓучовечкото разбирање, понекогаш буквално доближувајќи го до библиската Вавилонска кула. Па сепак, градот е град, најдоброто и најскапоценото што ни се нуди, и токму најсилната закана е онаа што во прашање ја доведува самата идеја за градот, градот-идеја, идејата-слика, системот на метафори и тропи кој, како градските порти некогаш, мораат да се преминат за навистина да се влезе во градот.
Се чини дека овие и ваквиве мои размислувања се поттикнати токму од мојот престој во Виена, градот на значителни архитектонски алегории и скриени пораки. Импозантната личност на овој град почива врз вкрстените метафорични матрици на просторот и – симетрично – на преносните матрици на човечката комуникација. Взаемниот однос е сложен и богат, како и кај корелативните поими мисла/јазик или, сосема сеедно, јазик/мисла.
Кога ги искажувам овие пофалби упатени кон Виена не мислам само на традиционалното градско јадро. Ја имам предвид и пошироката територија на градот, која ја разбирам како амалгам на историски настанатите, сè уште лично означени гратчиња и поранешни пригратски села. Портретот на градот (еве уште една помошна, прирачна метафора) како во некој систем од огледала се растопува во уште многу смалени, разновидни потрети на истата личност. Карактеризациите се менуваат со секој направен чекор, а сепак остануваат, до најмал детаљ, верни на идеалниот пример на целината... Во таа посебност гледам некој вид естетски, попрецизно, стилски демократизам, но за тоа повеќе би сакал да зборувам во некоја друга пригода и малку поопширно.
Понатаму, се чини дека токму Виена е вистинското духовно опкружување за да се потсети како и колку личностите и судбината на градовите се неразделно поврзани. Градовите со занемарен, изгубен, заборавен идентитет, обично се градови без иднина или барем без сопствена иднина.
Убивање на метафората
За жал, на просторите на средишниот тек на Дунав и на западниот Балкан има многу градови чии личности намерно се понижувани и поништувани. Ако воената чума престане и ако овие градови повторно се воспостават, дали ќе може да се препознаат? Или, дури и ако се обноват, ќе се претворат во нешто што не биле, или уште полошо – во нешто што не сакале да бидат, Зашто убијците на градовите со непогрешлива, речиси ѕверска интуиција, секој град го гаѓаа во неговото витално средиште; во неговата меморија, во талисманите на самосвеста и на идентитетот.
Модерниот примитивец има доволно мрачни причини да се плаши од градот. Модерниот примитивец не се вклопува во градскиот дискурс. Тој не може добро да се чувствува пред манускриптите кои не умее ни да ги прочита, а камоли да ги разбере. Тој ги пали таквите ракописи; тоа го прави фигуративно, симболично, но и сосема реално. Всушност, доволно е да се сетиме само на сараевската Народна библиотека... Меѓутоа, она што важи за напишаниот или изговорениот градски збор, важи уште повеќе и за она што е впишано во каменот – за стилскиот облик, за стилските шифри. А токму тие стилски шифри, почнувајќи од класичните па до најмодерните, обезбедуваат простори за спомените, метафизичко поле на сопственоста.
За волја на вистината, и надвор од зоната на балканскиот ужас, надвор од видокругот на урнатите и запалени градови и села, многу градови, на поширокиот средноевропски простор, сепак ќе имаат тешкотии со редефинирањето на идентитетот. Низ нив помина една друга стихија: советските урбанистички модели, неподносливо тврди и еднолични, ги претвораат деловите на историски настанатите и самостојно обликуваните градови во пејзажи на празен и студен сведенберговски пекол.
Враќање кон европската парадигма
Големите политички промени што се случија на југоистокот од Европа, создавањето поголем број мали држави, секако дека ќе има влијание врз понатамошниот развој на градовите на овој простор. Нивната судбина во голем обем зависи од тоа какви ќе бидат овие државички – демократски, граѓански, отворени, ослободени од етничките и од антикосмополитските предрасуди... или, напротив, ќе се затвораат во националаутизам, во морбиден романтизам, ќе се губат во превртено парафразирање на минатото... Но, ако тргнат по патот на отворањето и меѓусебна пресретливост, тогаш системот од мали држави, не премногу цврсто оградени, во принцип не би морал да биде нешто лошо. Расчленетоста на територијата би претставувала, ако ништо друго, физичка пречка за ширењето и стопувањето на градовите во деперсонализирани, псевдоурбани системи. Уште повеќе, тоа би можело да биде примамлив вовед во една идна Европа на градовите, наместо Европа на големодржавните нации. Тоа, се подразбира, доколку градските патриотизми можат во догледно време да ја совладаат денес навидум несовладливата стихија на посткомунистичкиот и неокомунистичкиот национализам.
Треба за миг да се сетиме на добрите страни на европскиот урбанолошки модел од 18 век: дури и ситните државички, со симболични граници, имаа богати, културно надмоќни градови, мини-метрополи. Дека такво нешто навистина може добро да функционира на свој начин докажуваат и Мемоарите на Џакомо Казанова. Томовите на неговите спомени многу повеќе се бревијар на градовите, збирка портрети на големите и малите европски престолнини отколку што се антологија на сомнителни авантури. Казанова, роден венецијанец, француски писател во служба на мали германски, полски, чешки кнежевства, бил, покрај другото, и уште убеден сè-Европеец, а неговите спомени се доказ дека во еден миг Европа на градовите навистина постоела и дека, привидно поделена со десетици, стотици симболични гранични премини, била повеќе единствена отколку што ќе може да биде во следниот век; во секој случај, повеќе единствена отколку што е денес...
1994-1995
Првиот дел од текстот можете да го прочитате на следниов линк.
Илустрации: Фотографии од скулптури на Богдан Богдановиќ