
Сред пустината во Израел, постои место што се вика Чикаго. Тоа, секако, не е градов во кој јас живеам, туку е дел од воената база Це’елим, која им служи на израелските трупи да се обучуваат за урбана војна. Овој пустински Чикаго има облик на палестинските градови, како што се Рамалах или Наблус: улиците се тесни, градбите мали, на ѕидовите се наоѓаат натписи на арапски, има продавници и џамии, некои делови се посипани со песок за да потсетуваат на неасфалтираните бегалски кампови. Тука се вежбани многу злогласни операции на израелската војска, а и американските единици тука се подготвуваа за искушенијата во Ирак, како што беше, на пример, битката за Фалуџа. Така пустинскиот Чикаго е модел за арапските градови, но во него нема ниеден Арап, освен во форма на картонски мети, па на тој начин ја отелотворува, како што тврдат Адам Брумберг и Оливер Канарин во својата фотомонографија насловена Чикаго, милитантната утописка фантазија на многу израелски националисти – арапски град исчистен од Арапи. Ова чудесно, сенишно место се нарекува „Чикаго“ зашто изрешетаните ѕидови, наводно, потсетуваат на Чикаго од времето на Ал Капоне, кога градот, наводно, бил полн со гангстери како што денес арапските и палестинските градови, наводно, се полни со терористи. Така и Арапите во Чикаго се сведени на својата наводна суштина – Арапите се картонски терористи, Чикаго е гангстерски вилает.
Секој град некаде во себе и во својата историја содржи некоја фантазија за себе, фантазија која кога ќе се репродуцира станува карикатура или, како во случајот со пустинскиот Чикаго, негативна утопија. Фантастичниот, гангстерски Чикаго, секако, е создаден во фабриките на Холивуд, од историски делови, митови, легенди и глупости, па туристите полудени по холивудските фантазии можат со автобус да ги посетат познатите гангстерски места во кои, всушност, нема ни трага од тоа наводно минато. Чикаго е гангстерски град лишен од гангстери – чикашките мафијаши, оние малкумина што останаа, веќе одамна живеат во предградијата и умираат од срцеви удари.
Градските власти на Чикаго, секако, на сите можни начини се борат против гангстерскиот имиџ за Чикаго, кој е во блиско сродство во Чикаго во кој вечно беснее корупцијата. Затоа градската администрација работи во јавните простори и во парковите, поддржува грандиозни уметнички дела кои физички се достапни за жителите, па стотина милиони долари се вложени во Милениумските парк, со концертна сцена што ја дизајнираше познатиот Френк Гери и (прекрасната ) скулптура на Аниш Капур која се вика „The Cloud Gate”, но која сите во Чикаго од некоја причина ја нарекуваат Зрно грав.
Врвен напор во таа насока беше кандидатурата на Чикаго за Олимпијадата 2016, која требаше да ја зацементира сликата за Чикаго како светска метропола и, ако бог даде, да го елиминира Ал Капоне како симбол на градот. Олимпијадата би му овозможила на Чикаго да се види и претстави во најдобро можно светло, како што еднаш тоа се случи со олимпијадата во Сараево.
Зашто Олимпијадата беше и долго ќе биде најголемото достигнување на Сараево, остварена краткотрајна утопија која засекогаш ќе ја храни склоноста на многу сараевчани за својот град непречено да фантазираат како за место во кое сиромаштијата, корупцијата, гангстерството, валканоста, провинцијализмот, дупките од куршуми, рутинската омраза и верскиот фанатизам се исклучоци кои во никој случај не го нарушуваат правилото што е докажано во 1984 година – Сараево е светски град. Олимписката носталгија, како и секоја носталгија, е ретроактивна утопија, процес на присетување кој ги елиминира непријатните факти и, на крајот на краиштата, целосно проблематичниот контекст. Олимпијадата, секако, ја изразуваше суштината на Сараево, со која гореспоменатиот распон од сиромаштија до верски фанатизам нема никаква врска – вистинското Сараево беше остварено за време на Олимпијадата и ако можевме тогаш, ќе можеме и сега.
Има, секако, нешто потресно во целата таа олимписка носталгија, налик на носталгијата на старец кој пред спиењето и можната смрт ја бакнува сликата на својата прва, гимназиска љубов. Како што има и вредност во вербата дека Сараево може сега зашто некогаш одамна можело, зашто без таа верба сигурно не може. Па сепак, фантазијата за олимпиското Сараево на одреден начин е фантазијата која со операција на носталгијата е лишена од сите непријатни факти и аспекти на стварноста, вклучително и од многу сараевчани.
На официјалниот веб сајт на градот Сараево покрај линкот за Зимските олимписки игри 1984 година има и линк Книга за посетители, каде што оние што престојувале во градот можат да ги напишат своите впечатоци и забелешки. Освен неколку странски туристи, кои на англиски јазик го имаат изразено своето воодушевување од градот, останатите гости се домашни кои ги плукаат градските власти барајќи од нив нешто да направат во врска со уредувањето на градот. Судејќи според мислењето на грижливите граѓани, главната операција би требала да биде елиминацијата на „Циганите“ и на „циганштината“, на оние кои просат по улицата и го валкаат угледот на олимпискиот град, а многумина од нив, кажува едно мислење, зборуваат екавски.
Носталгичното враќање кон вистинското Сараево, олимписко и неолимписко, секогаш бара елиминација на некој кој не се вклопува во дадената утописка слика, некој вид урбано чистење. Во зависност од тоа кој се прашува, Сараево би ја вратило својата суштина ако се елиминираат сељаците, Санџаклиите, дојденците од источна Босна, хомосексуалците, „Циганите“ и „циганштината“, тие што зборуваат екавски, радикалните муслимани, сите освен фините градски жители, како и сите оние кои некому на некој начин му се преку кур. Така, во идеалното Сараево не би имало никој, тоа би било како пустинското Чикаго, само што наместо израелски борци низ улиците би поминувале автобуси полни со пресреќни туристи кои ги разгледуваат значајните локации: тука некогаш просеше Ромка со изгорено лице, позната како Лауда, тука гори вечниот оган во слава на отсутните антифашисти, тука ги тепаа хомосексуалците, тука почна Првата светска војна, тука падна граната во редицата за леб, тука гореше олимпискиот пламен, тука некогаш живееја луѓе и соседи, а сега е пустина, наша и ничија.
Но, суштината на секој град е во тоа што тој нема суштина – градовите се менуваат, непредвидливо и надвор од контролата на сопствените граѓани. Тоа е последица на едноставниот факт што во секој град на едно место живее и умира голем дел од светот. Големите – или само пристојни, човечки – градови не го базираат својот опстанок и развој на чистењето на непожелните, туку на способноста да ги прифатат и да ги вклучат сите оние кои сакаат да живеат тука. Тоа очигледно ја исклучува можноста за остварување на каква било фантазија, како олимписка, така и пустинска. Така Сараево веќе никогаш нема да биде олимписки град. Станува збор за тоа дека не смее да стане пустински град.
Извор: bhdani.com
Илустрација: Скулптура на Аниш Капур