Неразумноста на ВМРОвизмот

24.04.2009 10:07

Во моментов, гледано од страна, во Македонија се чини дека има само еден поголем проблем од авторитаризмот на ВМРО, а тоа е немањето никаква опозиција и потенцијал за промена. Притоа, кога велам “опозиција” не мислам само на истрошениот СДСМ и помалите партии; многу повеќе мислам на немањето социјален агенс кој би го канализирал целото незадоволство, фрустрација и страв на граѓаните на Република Македонија во една супстанцијална промена. Јавната дебата во моментов е про или контра ВМРО. Како странична страна се јавува “Европа” и сите социуми поврзани со неа – меѓутоа, строгата критика на “Европа” кон ВМРО и назабеноста на власта према критиките од странство како да ги разоружуваат и апсорбираат сите обиди нешто да се смени.

Во текстов поаѓам од премисата дека владеењето на ВМРО е генерално лошо, зашто е пред сè неразумно и бара сојузник во неразумноста. Генерално, што е неразумноста кажав минатата недела. Во овој текст ќе се обидам да прикажам како ирационалниот комплекс од фанатичност и поедноставување на работите буквално ја разнебитува секоја идеја на опозицијата. Во исто време, ова се и двете “точки на вриење”, кои ако превријат – лонецот ќе се истури.

ВМРО е фанатично

Разликата помеѓу ВМРО и сите други субјекти на македонската политичка сцена е што целите на сите останати се прениски во споредба со целите на ВМРО. Последен пример за тоа е најавата за менување на Уставот само за да се протурка црквењачкиот идеал. Тоа значи дека ВМРО решил да го менува комплет општествениот поредок. Значи, ВМРО има зацртана цел да менува колку што може; и тие даваат сè од себе тоа да го спроведат. Начинот на кој сака да ги менува работите многу наликува на состојба на транс.

Пример за ВМРОвски транс е однесувањето на еден нивни пратеник: по повод истата одлука на Уставниот суд, на Интернет тој постира песни на усташкиот пеач Томпсон, демек бил наменет за нас, и со големи букви пишува коментар: “не ми се верува колку изроди има во Македонија”; тоа е однесување кое е надвор од секаква разумност – пратеник да пушта нацистички песни и да го нарекува граѓаните што ги претставува “изроди”. Но, тоа сведочи и за нивото на посветеност на каузата. Тој пратеник безусловно верува во “вистината” на неговата партија, ставајќи ја пред сè друго. Од таа фанатичност ВМРО токму ја црпи моќта. Во услови на низок степен на образование и економски систем кој го поразува разумот (ќе повторам, колку ли само невработени магистри има во Македонија?), тој жар, порив, анимален нагон да се спроведат зацртаните политики, сигурно носи повеќекратно поголем број гласови од перспективата која ја нудат останатите политички опции (без оглед дали се големи или мали партии или здруженија итн.). Тоа е некоја слика за Македонија која би била нешто како Балтичките земји, Хрватска, Словенија, или слично, без некоја живописност од типот, на пример, на “Македонската молитва”, и без некоја виша цел како што е одбраната на „идентитетот”. „Европската перспектива” токму затоа пати од емоционален дефицит. Кој од апологетите на таа идеја би загинал во име на Европа? Одговорот е: никој, па дури ни самиот Фуере. Од друга страна, во име на верата, нацијата и сл. луѓе гинеле и ќе гинат, постои цела институција наречена “мачеништво”...


ВМРО ги поедноставува работите

Разумните политички решенија тежнеат да бидат и ужасно реалистични и достижни, но и покрај тоа го немаат капацитетот да одговорат на прашањата што обичниот граѓанин си ги поставува. Како за илустрација на ваквите две различни позиции, ќе се повикам на муабет со еден добар познаник, кој ја имал таа (не)среќа да биде кандидат на една опозициона партија на парламентарните избори лани. Имено, при посетата на некое место каде сериозен проблем бил огромниот вишок на ергени поради недостатокот од женска популација, пријателов се соочил со прашање од типот: “а што правиме за клецање”? И тој, како дипломиран политолог со исклучителен тренинг и истражувачко искуство, почнал да се поти, како со едноставен речник да им објасни на напатените ергени дека тој има план за стратешко развивање на регионот, зголемување на социјалната мобилност, подобрување на условите за живот и сл. Кога во истото место поминал караванот на владејачката партија, одговорот кој граѓаните го добиле бил јасен и гласен: “ќе донесеме два автобуси полни со Украинки”; тој одговор наишол на воодушевување кај публиката, главно составена од очајни средовечни мажи на кои не им е до развој, туку до “омрсување”. Развојот и социјалната мобилност се поими кои на обичен човек не му значат ништо, ама затоа “два автобуса Украинки” звучи како ветена земја. Додека разумот апелира на знаење и професионално решавање на проблемот, ВМРО апелира на сексуалната фрустрација на напатените ергени, тотално занемарувајќи секаква логика (немате жени – е па, ќе ви ги донесеме).

Сличен пример на она што се нарекува “поедноставување на комплексноста”, гледаме и деновиве, и тоа повторно во сите оние (не)дебати за веронауката. Како централен аргумент во моралното оправдување на веронауката, на пример, беше кажано дека токму веронауката е чарето за проблемот со дрогата. Во Македонија постојат голем број НВО-а кои се бават со истражување на секакви проблеми поврзани со користењето дроги. Додека тие со години макотрпно работат на истражувања, дестигматизирање, намалување на штетите, помош на корисниците и слично, печатат томови извештаи и гинат на теренот, за тоа време еден Влатко Ѓорчев доаѓа до инстант решение за проблемот. Повторно еден структурен проблем е сведен на нелогична меѓузависност, овој пат со верската наобразба.

Впрочем, целото владеење на ВМРО е одбележано од такви ирационалности: немало скулптури во Скопје – ќе направиме; немало дрва – опсесивно непланско нестручно неефективно пошумување; младите пиеле – забрани продажба на алкохол; имало просјаци – бркај ги со полиција; итн. Таквото (не)решавање на проблемите е фрустрирачко за секој оној кој е бар малку поупатен, но во исто време кај некритичните граѓани создава илузија дека “сепак нешто се прави”.


Заклучни забелешки: што може да донесе промена?

Ирационалното ВМРО сè уште ужива релативно голема поддршка. Во моментов има и речиси апсолутна моќ. Не е лесен противник.

Како пример, земете ги настаните поврзани со изградбата на црквата на плоштадот во Скопје. Група луѓе, водени од разумот, организираа протест против неразумниот потег на Владата. За многу кусо време (дали заговорнички или спонтано), се собраа огромен број луѓе мотивирани од неразумниот повик: „против збирштината геј и атеисти” (и соросоиди). Во нерамна битка, разумот брзо беше истеран од плоштадот. Протестот кој уследи подоцна беше обид на разумот за спасување на тоа што останало, како СОС повик на брод кој тоне. Но пак беше мотивиран од ирационален феномен – разумот беше накурчен од ќотекот кој го доби.
Значи, само еден мал импулс на ирационалност, и се виде што може да се направи – јасен и гласен протест (рака на срце, со недоволно јасна политичка порака). Сепак, мислам дека доколку наскоро повторно се организира протест од исти причини, одзивот ќе биде драстично помал, и во таа смисла, камо среќа ќотекот да се случува почесто. Зашто правото лице на ВМРОвизмот е тој транс, свирење Томпсон, разулавените повици на битка против геј и атеисти, тепањето со крст по глава и сл. Кога ВМРО би си го покажувало правото лице почесто, тогаш веројатно граѓаните би станале свесни за ултимативната фанатичност на оваа гарнитура. Тоа е разликата меѓу разумот и неразумот: додека неразумните се фанатични по дифолт, на разумот му треба да се почувствува загрозен, исплашен, потресен, мотивиран за да дејствува. Значи, отпорот против Владата ќе се зголемува правопропоционално со манифестациите на ирационалност. А разумот треба да помогне во тоа.
Како што вели Томас Шуман, кој го посочи пријателот-блогер Џам: треба да се примени џудо-тактиката. Кога поголемиот и посилен противник жестоко замавнува со тупаница кон вас, вие само поттргнете се, и завлечете му ја раката во правецот во кој замавнува зголемувајќи ја неговата енормна сила, за тој да го удри ѕидот. Не излегувајте со идеи за убав и среден плоштад. Предложете им плоштад со 10 цркви и 150 споменици. Не им се противете на промените на Уставот, пародирајте ги: предложете укинување на Уставот. Не по три, речете, по тринаесет деца ќе правиме, како нашите прадедовци и прабаби. Не само споменик од Александар, споменици од цела династија нека има на плоштад. Нека копаат по археолошките наоѓалишта со багерите што подлабоко, сè додека не се свестат дека отишле толку длабоко што веќе нема излез.

Илустрации: Jordin Isip

ubavo cetivo

Odamna nemam procitano nesto dobro kako ovoj tekst. Pocnuva revolucijata sepak

Никогаш условите не биле

Никогаш условите не биле толку поволни за радикална акција како што се сега. Револуцијата продолжува!

Добар текст. 

Добар текст. 

Добар текст. 

Добар текст. 

ОкоБоли главаВицФото