Идеалот за женската убавина од Афродита до Твиги

29.04.2010 11:45
Рубенс, Одлуката на Парис

Неодамна челниците на американските телевизиски куќи Фокс и NBC одбија да ја емитуваат рекламата за долна облека на брендот Лејн Брајант во која се појавува девојка со бујни облини, тврдејќи дека е неприфатлива. Како се случи тоа првпат во историјата недоволно хранетото женско тело да стане идеал за убавина?

До првата деценија на 20 век во машката уметничка традиција на Западот природната пополнетост на жените е сметана за убава, што е видливо од женските актови кои ја нагласуваат богатата плодност на жената. Зависно од моменталната мода, во уметноста се нагласувани различни делови од телото, односно – различни видови распределби на масното ткиво. Да, жените имаат масно ткиво, иако некој вонземјанин гледајќи ги насловните страници на женските списанија би го заклучил спротивното. Од 15 до 17 век доминираа големи, зрели стомаци, потоа полнички лица и раменици во раниот 19 век, па испакнати газови и бедра до 20 век.

Грчката божица Афродита (односно, римската Венера) во античкиот свет го отелотворуваше идеалот за убавината – пријатно пополнето тело, со нагласени облини, ниту предебело, ниту преслабо. Секако, ренесансата го оживува античкиот идеал, со благо заоблено стомаче, а заради своето меко и пополнето тело во 16 век за Бјанка Капело се сметало дека е најубавата жена на своето време. Нешто поинаква приказна се поврзува со верските пориви на средновековните калуѓерки, кои изгладнувањето го сфаќаат како прочистување.

Значи, масното ткиво кај жените се сметало дека е сексуално привлечно, што најдобро го докажуваат големите уметници како Рубенс и Реноар. Во викторијанскиот период од милост го нарекувале „свилениот слој“. Денес, телото на манекенките е 22-23% послабо од телото на обичните жени.


Приказите на женското тело во сликарството до 20 век

Поимот за женската убавина константно се менувал низ вековите, но никогаш толку драстично како во 20 век. Диетите и слабеењата почнаа да бидат средиште на интересирањето на жените на Запад кога тие го добија гласачкото право околу 1920 година. Брзината со која новиот, рамен облик ги замени облините беше зачудувачка! Деценија по деценија, еве како се одвиваше тоа сценарио...

На преминот меѓу 19 и 20 век идеалната женствена фигура со својот молив ја обликуваше илустраторот Чарлс Гибсон. Тој по примерот на Камил Клифорт го создава моделот на т.н. Gibson Girl – висока жена со исправени гради, со тенок струк, со нагласен задник и бедра, со бујна виткана коса. Овој модел беше сеприсутен идеал, а нејзиниот лик можеше да се види на перници, на чинии, на чаршафи...

Чекор понатаму направија младите девојки наречени Flappers, кои носеа куси здолништа, пушеа, пиеја, понекогаш шмркаа од тогаш сè уште легалниот кокаин, слушаа џез, танцуваа провокативно пркосејќи им на конвенциите. Во желбата да покажат дека можат да бидат конкуренција на мажите, ги прекриваа и ги „рамнеа“ градите. Со боб фризура, со мали гради и со својот андроиден изглед им треснаа шлаканица на мажите, на тој начин првпат во историјата покажувајќи дека имаат слобода да се изразат онака како што сакаат.

Свеста за силата на женската сексуалност дојде до израз во 40-тите година, а инвазијата на пин-ап девојките ја предводеше секс-симболот Бети Грејбл. Облеката станува сè посиромашна, стана прифатливо да се покаже малку повеќе кожа, се покажуваа долгите нозе, а нивните постери масовно го наоѓаа своето место во автомеханичарските работилници и во машките шкафчиња.

Истовремено, кусо по Втората светска војна женските списанија почнаа да го промовираат таканаречениот Нов изглед кој го „изгради“ Кристијан Диор – жените мораа да имаат тенок струк и испапчени гради, а за да го постигнат тоа носеа корсети и појаси стегнати на половината, па почнаа да практикуваат диети за да бидат атрактивни.

На сите им е добро познато дека Мерилин Монро ја подигна ерата на пин-ап девојките на повисоко ниво и стана култна убавица. Иако беше прилично пополна од денешните модели, нејзиното тело и пропорции отсекогаш се сметаа за совршени (носеше број 38). На тој начин се издвојуваше од релативно конзервативните 50-ти години кога заради траумите од војната врз пиедесталот на пожелна слика за жената стоеше сликата на верната домаќинка која работите ги држи под контрола. Во конзервативните 50-ти, можеше накусо повторно да се ужива во женската природна пополнетост зашто умовите им беа ангажирани со домашни работи.

Бети Грејбл, Мерилин Монтро, Твиги, Кејт Мос

Голем пресврт се одвива во 60-тите години кога со појавата на супермоделите почнува да се нагризува улогата на жената како мајка и сопруга, а идеалот за убавината кој го постави Твиги се задржува до денес. Твиги се појави на страниците на Вог во 1965 година, а нејзиното слабо тело, денес вообичаено, во тоа време беше шокантно. Чекор по чекор, и зајачиците на Плејбој стануваа сè послаби, трендот продолжува во децениите што следат, а се потврдува со Кејт Мос.

Насочувањето кон тежината може да се сфати како едно од главните историски случувања во 20 век. Каде се наоѓаме денес? Женските тела не ни припаѓаат нам, туку на општеството, слабоста не е работа на приватна естетика, а гладот (анорексијата, булимијата и нејзините последици) е општествена концесија која ја спроведува заедницата. Во целата таа мелодрама и жените и мажите сфаќаат дека не станува збор за холестеролот, за работата на срцето или за претесната облека, туку за јавен општествен поредок кој има материјални интереси. Истражувањата постојано покажуваат дека поединечните мажи не се тие кои наметнуваат „модерен изглед“ за жените зашто тие ги сакаат и ги прифаќаат природните облини на жените – тоа го прават мултинационалните компании.

Она што некогаш се опишуваше како болен изглед, изглед на сиромаштија и изглед на нервна изнемоштеност, денес стана идеал за убавина. Прашањето зошто жените на Запад мораат да гладуваат сè уште е премногу опасно да се постави и покрај тоа што жени умираат од тоа. Нормата за младата Американка од средната класа е да боледува од некоја форма на нарушување во исхраната, а на многумина им е поважно да изгубат 5 до 8 килограми отколку да остварат успех во работата или во љубовта. Силуетата на жена со стомак и бујни гради и бедра ја заменија костури. Каде се наоѓаат границите на таквиот идел?

Извор: neon.com

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото