Оче

25.04.2009 16:00
Пандалф Вулкански

Во едно продолжение на бајка, откако паднало големото небеско огледало и врз земјата се испокршило на милијарди парченца (т.е. откако шлакнатите луѓе ја ошлакаа работата и сè земско се оштети, очука, ошугави, очумави и оштури), се случил тешко сфатлив настан: едно мало ошиклено око (кое го преживеало хаосот на здробеното огледало), низ постапокалиптичниот пејсаж од срчи (т.е. многубројни збунувачки одблесоци), тргнало во потрага по отец!

„Оче, оче!“, очајно извикувало малото око, пробивајќи се низ тревата и очешувајќи се од исто така ошумоглавените (да не речеме: неочешланите:) цветови.
„Очекуваш нешто, окце?“, прашале синоличките.
„Очекувам отец!“, рекло малото око.

„Ќе очеличиш и без отец!“, рекле темјанушките кои, пак, копнееле по пчели, по очеличување со „опчеличување“. „Еве ти три аргументи зошто не ти треба отец: 1. Отец отечува (создава рани, досаден е и исчезнува како понорница); 2. Отец е оцет, по карактер; 3. Отец не дава отчет“.
„Тогаш барем да се очовечам!“, рекло малото око.
„За очовечување ти треба оџа“, посоветувале синоличките.
И така ошикленото око тргнало во потрага по отече, т.е. по макар минијатурен отец, кој нема да биде силеџија и оток, т.е. „кој може да биде оток сред поток!, да може да се помине, а не да истече пред мене како понорница...“, си мислело малото око.
А бидејќи сè на земјата очевидно било оштетено, очукано, ошугавено, очумавено и оштурено, малото око, барајќи го оџата, морало да влезе во едно длабоко окно.


Во окното окото затекнало стандардна (но превртена:) слика: оџата, како оџачар, штотуку поставувал разглас на оџак!
„Очув ми треба!“, извикало очајното оче длабоко во окното, од онаа страна на светот, пред оџакот на кој бил качен оџата.
„О, чув!“, рекол оџата и брзо се симнал од оџакот. Но, кога го видел пред себе малото око оџата ги оџагарил очите и толку ја очавчил устата што внатре влетало чавчето од гнездото на оџакот!
„Сигурно халуцинирам од чајот“, си помислил оџата.
„О, чај спомна некој?! Дај чајник за овој жеден очајник!“, рекло малото око кое, инаку, било доста продорно во рефлексиите, ко рендген.:)
„Што е проблемот со тебе, оче?“, прашал оџата.
„Понекогаш имам впечаток дека сум само отпечаток“, рекло очето. „Па би сакало да се очовечам, кога веќе немам ни отец ни очув.“
„Отчув“, рекол оџата. „Не сум отсек за проблеми отсекаде (иако - и самиот само бедна божја отсечка - отсекувам отсечоци, т.е., по народски, курни отфикароци!, да ми простиш, оче:), твојов проблем е очекуван, т.е. те очекував, окце, ко писар во манастир што очекува очен лекар (ил барем очилар, или барем очила, ил барем да не го гризне кобра-очиларка, ха!), во ова окно во кое сум нурнат како последен очевидец...“, рекол оџата.
„Очуденост избива од твоите очиња како тиња“, констатирало малото око.
„Во тоа е целата поента: очите треба да го очистат пределот“, рекол оџата. „Добредојде одново да го создадеме светот!“, му рекол оџата на очето, за крај (т.е. за нов почеток:), длабоко во окното на оштурениот свет.

Слики во текстот: Брендан Монро

Слични статии

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Крст [к:3]
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото