Половина век од пилулата која го промени светот

04.05.2010 11:39
Контрацепција

Жените, но и мажите, од памтивек се обидувале да ја спречат несаканата бременост. Древните Египќани ги учеле жените како да се заштитат од забременување со смеса од мед, багрем и урми, а Аристотел како спермицид препорачувал масло од кедар и темјан. Историјата вели дека употребата на кондомите заживеала во средината на 17-от век, кога лекарот со име Кондом го снабдувал англискиот крал Чарлс II со презервативи од животинско ткиво за да се ограничи бројот на неговите вонбрачни деца.

Но до замислата за „чудесна“ таблета со чија помош ќе може да се спречи несаканата бременост во 1912 г. дошла американската активистка Маргарет Сенџер, која имала трагична семејна историја. Родена во католичко семејство, таа рано останала без мајка, која пак, починала на 50-годишна возраст, по 18 забременувања и раѓања на 11 деца. Маргарет го обвинувала татка си за смртта на мајката и својот живот го посветила на контрола на раѓањето.

Пресудниот настан се случил 1951 г., кога Сенџер се запознала со д-р Грегори Пинкус, лекар и научник од Харвард кој, експериментирајќи врз животните, открил дека со инјекциите кои содржеле прогестерон може да се блокира овулацијата. Претходно хемичарот Карл Дјераси во Мексико ги синтетизирал првите таблети на база на прогестерон.

Пинкус нашол соработник во д-р Џон Рок, специјалист за лечење неплодност. Тие двајца во 1956 г. решиле да ја тестираат таблетата за контрола на раѓањето преку клинички тестови во кои учествувале 50 жени во Порторико. Таблетата се покажала делотворна и во 1957 г. американската дирекција за лекови ја одобрила за третман на менструалните тегоби. Две години подоцна компанијата Searle побарала да се одобри пилулата наречена Enovid како таблета против забременување, што и се случило во 1960 г.

На почетокот пилулата им била достапна само на омажените жени преку лекарски рецепт, но духот на ослободување што го нудела не можел да се спречи. Малата но моќна пилула, првиот лек во историјата на медицината кој не бил создаден да лекува болни луѓе, тргнува во освојувачки поход низ Америка и светот. Веќе во 1961 г. повеќе од еден милион американски жени ја користеле оваа пилула, а седум години подоцна, 12,5 милиони жени ширум светот. Денес ја користат околу 100 милиони жени низ целиот свет.

„Пилулата за контрацепција го дефинираше 20-от век“, заклучи во 1999 г. угледниот британски неделник Economist, кој оваа таблета ја прогласи за најголемо научно напредување во дваесеттото столетие. Контрацепциската пилула беше средството кое влијаеше сексот да се одвои од биолошката репродукција. Овозможувајќи им на жените да уживаат во сексот без страв од несакана бременост, оваа таблета доведе до сексуални и социјални револуции во втората половина на 20-от век.

Во САД пилулата за контрацепција донесе големи промени на пазарот за работна сила. Ако во 1960-те години американската жена во просек имала по 3,6 деца, во 1980 таа бројка се намали под две.

„Постои цврста врска меѓу пилулата и семејната структура што ја имаме денес, кога 22% од жените заработуваат повеќе од своите сопрузи. Во 1970-те години 70% од жените кои имале деца помлади од шест години биле домаќинки, а само 30% од жените работеле. Денес е обратно“, изјави за списанието Time Тери О’Нил, претседателка на американската Национална организација на жените.

Додека со појавата на првите генерации контрацепциски пилули се појавија и контроверзите околу потенцијалните штетни влијанија врз здравјето, денешните таблети имаат одредени предности бидејќи ги регулираат хормонските пореметувања. Неодамна објавените резултати од истражувањата спроведени на Универзитетот во Абердин, кои следеа 46 000 жени во период од 40 години, покажаа дека жените кои користат контрацепција имаат значително помала можност да заболат од рак, срцеви болести и мозочен удар.

Пилулата за контрацепција уште од првите денови имаше моќна опозиција од страна на широк религиозен спектар. Католиците, протестантите и православните христијани наеднаш се обединија за да спречат сексот да се одвои од размножувањето. Како што пилулата стекнуваше приврзаници меѓу верниците, така и одредени католички свештеници почнаа да заговараат промена на црковниот став дека контрацепцијата е неспоива со христијанскиот начин на живот.

Мала хронологија на настанувањето на чудесната пилула

1550 год. п.н.е.

Во египетскиот ракопис на папирус им се објаснува на жените како да смешаат урми, багрем и мед во смеса, да ја истурат врз волна и тоа да го користат како средство за спречување забременување.

Околу 1700 г.

Во мемоарите на Казанова се опишуваат детали од неговите експерименти со контрацепцијата – од кондом направен од овчи меур до користење половина лимон како импровизирана дијафрагма.

1839 г.

Чарлс Гудјир ја изумува технологијата за вулканизирање на гумата и ја користи во производството, меѓу другото, и на гумени кондоми.

1873 г.

Конгресот донесува закон против разврат кој ја осудува контрацепцијата и го забранува нејзиното ширење. Во тоа реме САД стануваат единствената западна држава која ја криминализира контрацепцијата.

Околу 1880 г.

Развиена е раната верзија на дијафрагмата.

1916 г.

Маргарет Сенџер ја отвора првата клиника за планирање на семејството во Бруклин, САД. Клиника била затворена во рок од 10 дена.

1921 г.

Сенџер ја основа Американската лига за контрола на забременувањето, која подоцна прераснува во Американска федерација за планирање на семејството.

1930 г.

Англикански бискуп одобрува ограничено користење на контрацепција, а папата Пио XI го потврдува ставот на Католичката црква против истата.

1938 г.

Судот отфрла федерален закон против развратот околу контролата на забременувањето, но контрацепцијата останува незаконска во поголемиот дел сојузни држави на САД.

1951 г.

Поттикнат од Сенџер, Грегори Пинкус почнува да ја истражува употребата на хормоните во контрацепцијата. Во Мексико Сити хемичарот Карл Дјераси создава прогестеронска пилула.

1954 г.

Џон Рок и Пинкус спроведуваат прво истражување на пилулата врз 50 жени во Масачусетс.

1960 г.

Американската дирекција за лекови ја одобрува пилулата Enovid како контрацепциска пилула.

1961 г.

Контрацепциската пилула се појавува и во Европа.

1965 г.

Контрацепциската пилула се појавува и во поранешна Југославија.
Американскиот Врховен суд ги отфрла државните закони со кои се забранува контрацепцијата за двојките во брак.

1970 г.

Во Сенатот се оджуваат сослушувања околу загриженоста за безбедноста на пилулата и нејзините нуспојави.

1980-те г.

Послабите верзии на пилулите преовладуваат на пазарот.

2010 г.

Новите истражувања, кои без вршени над 46 000 жени во период од 40 години, покажаа дека жените кои користат контрацепција имаат значително помала можност да заболат од рак, срцеви болести и мозочен удар.

Извор: economist

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото