
Еднаш, на самиот почеток на курсот по урбанологија, влегов во амфитеатарот и напишав на таблата... со мали, поголеми и многу големи букви:
град... Град... ГРАД....
и потоа на љубопитните студенти им реков:
– Ви давам една минута да ми го нацртате – тоа!
– Што, професоре?
– Тоа, токму тоа... – и со прстот покажав кон таблата.
Една минута подоцна, ги собрав листовите. Неочекуваната брзина на задачата ги врати години наназад, во детството. Бидејќи во јужнословенските јазици еден ист збор може да означува и град-тврдина и град-гратче, студентките, значи повторно девојчиња, главно цртаа тврдини, капии и кули; веројатно се сетија дека сè уште се по малку принцези. Момчињата – се плашам, младите идни технократи – претежно цртаа раскрсници и семафори.
Одеднаш, на крајно едноставниот пример, студентите се сретнаа со двојната можност за читање. Градот може да се прочита како повеќе или помалку разбирлив технички дијаграм, а може, барем во младите години, да се чита и како бајковидна приказна. Секој град носи во себе паралелно, видливо и невидливо, два града. Оваа прастара платонска фикција, оваа архаична питагорејска игра со антитетите, и денес важи mutatis mutandis. За градот да биде вистински град, за да биде еден и неделив, тој парадоксално мора да биде двоен. Секогаш во себе мора да го носи градот-десен и градот-лев, градот-машки и градот-женски; мора истовремено да биде и невидлив и видлив, и во секој миг да се искажува како допирлива стварност и како недопирлива нарација, како град-упатство-за-употреба и како град-приказна-за-градот.
Наравоучението можеше да биде колку едноставно толку и филозофско: технологијата и митологијата на артефактите не смеат да се раздвојуваат – градот машки/градот женски мораат да се држат и да останат како едно единствено едно. Дури и најмалото навестување за раздвојување веќе е сериозен знак за криза.
Никогаш не е добро, според зборовите на Пол Валери, кога власта на фактите ќе го задуши достоинството на апстракциите, а тоа, на пример, би бил мигот кога градот десен и машки би го надвладеал градот лев и женски. Сликата на стравовладеењето на фактите, попрецизно на артефактите, сите добро ја познаваме. Тоа се фантомските конури на огромниот град на денешницата, поврзан со естакади и сообраќајни чворови, железнички лири, затруени речни токови и канали. Градот се распаѓа на технички поединости, на осамостоени парчиња, би рекол, речиси на остатоци.
Од светот на артефактите не можеме да побегнеме; би било неразумно, па и морбидно, такво нешто и да пробаме. Меѓутоа, исто толку е морбидно, па дури и повеќе, да се препуштиме на слепата превласт на материјата и кога од стварноста лекомислено ќе се отстрани дејството на идејата, идејата-слика, идејата-сенка на тие благородни крилати гении кои од искон ги населуваат градските простори. Градот не е само она во што невнимателно можете да ја удрите главата; градот е сето она што со мислите и со емоциите може да се опфати.
Еднозначните серии на технички факти, еднозначната артефактска стварност многу често ги уништува метафоричните супструктури на градското суштество. Таа немилосрдно го редуцира богатството на сите оние сликовити, недофатливи, а сепак неопходни категории кон кои прибегнуваме кога што било суштински за градот сакаме да соопштиме. Што е тоа што, на пример, слободно можеме да го означиме како „личност“ на градот, што е тоа „градот како појава“, а што е тоа „лице на градот“, „природа на градот“, „душа на градот“, „меморија на градот“? Што друго освен грст, букети преносници и симболи со кои градот, речиси како некое живо суштество, се искажува и се објаснува. А ако му се одземе правото на самоисказ, тогаш неговата природа станува заканувачки нејасна, а ликот му се заматува како кај човек што го загубил разумот, па веќе не знае и кој е, ни што е. За жал, и такви постојат – градови без свест, без самосвест, па можеби и полошо, градови без потсвест.
Но, не е добро ни кога непослушната човечка фантазија сосема се откачи од причинската техничка форма и кога ќе почне да ги исполнува градските простори со ведри, а понекогаш и депримирачки бесмислици. Поплавата на обезвреднетиот знак (како на карикираните градски појави на Сол Стајнберг) ја затрупува до целосна невидливост и онаа мала срамежлива градска содржина. На пример, кралевскиот, секако, Лас Вегас... градот фантазам, градот-сега-го-гледаш-сега-не-го-гледаш, кој, се плашам, одигра немала улога во многуте егзалтации на денес веќе демодираните архитекти постмодернисти.
Не е тешко да се процени дека денес, во периодот на технолатријата, агресијата на десната, машката и машки разурнувачката форма е предоминантна и многу поопасна. Но еве, ниту левата, женска варијанта на наконтен Град и искарикиран Свет не е сосема невина. Рамнотежата на двата паралелни принципи, врз кои почива единството на Големата Целина, повторно, од другата страна, е начната. За сега, за среќа, само симболично.
1996.
Извор: Bogdan Bogdanović, Grad i budućnost
Од истиот автор прочитајте и:
Илустрација: Сол Стајнберг
Запрепастувачки добро!
Испратено на 13 мај 2010 од Андреј БолконскиЗапрепастувачки добро!