
На денешен ден, пред 50 години, во Аргентина беше уапсен Адолф Ајхман – воен злосторник, творец на нацистичката политика за решавање на т.н. „еврејско прашање“. Но одредени детали околу неговото апсење сè уште се спорни.
„Врескаше како животно, но кога го слушнав како на германски јазик вели дека се препушта во рацете на својата судбина, во тој миг бев сосем сигурен дека е – навистина ТОЈ“. Вака го опишал мигот на апсењето на Адолф Ајхман агентот на израелската тајна служба Мосад, Зви Ахарони. На неговата среќа и’ немало крај. „Кога мене, еден еврејски офицер, ми се посреќи во рацете да ми падне нацистот одговорен за смртта на шест милиони Евреи – се чувствував неверојатно“, изјавил Ахарони. Ова спектакуларно апсење кое наводно се случило без знаење или претходно информирање на аргентинските власти, се случило во вечерните часови на 11 мај 1960 г.
Наместо чудовиште – настинат бирократ
Набрзо потоа, Адолф Ајхман, или во Аргентина познат како Рикардо Клемент, бил префрлен во Израел каде во судот во Ерусалим, една година подоцна, започнал процесот против него; по Нирнбершките процеси, ова судење било второ според важноста и значењето во врска со нацистичките злосторства сторени за време на владеењето на Адолф Хитлер.
На судењето присуствувале повеќе од 500 новинари од целиот свет, биле сослушани повеќе од сто сведоци, биле приложени околу 2000 доказни документи, додека самиот протокол на судењето од страна на израелската полиција бил испишан на повеќе од три и пол илјади страници.
Интересот на јавноста бил огромен. Сите, се чинело, сакале да го видат „чудовиштето, организаторот на холокаустот, одговорниот за геноцидот на милиони луѓе, фанатичниот националсоцијалист, СС-овецот, верниот следбеник на Хитлер“. Меѓутоа, како што подоцна потврдил и Хари Мулиш, холандски писател и еден од сведоците на судењето – „на крајот сите бевме малку разочарани. Сите очекуваваме отелотворување на злото во човечки облик. Но кога конечно се појави, тој беше настинат, со неугледен и неупадлив изглед“.

„...виновен сум бидејќи бев послушен“
За многумина најшокантен бил токму овој факт – тоа што немало ништо исклучително и необично на надворешниот изглед на Ајхман. Напротив, еден од најголемите злосторници во историјата на човештвото, како во својата надворешност, така и во самата природа, бил всушност – еден обичен бирократ, сосем лишен од чувството за сопствената одговорност, без нималку самоиницијатива, но затоа, многу послушен.
Онака како што некогаш прецизно и предадено работел на Хитлеровата машинерија за уништување на Евреите, Ромите и останатите жртви на холокаустот, на сличен начин соработувал и со израелската полиција за време на судењето – иако никогаш не го признал она што го сторил, ниту покажал чувство на вина, каење и жалење, а не ја прифатил ни својата одговорност.
„Мојата вина лежи во мојата послушност. Се заколнав на послушност и верност кон мојата служба и работните обврски. Владејачкиот слој, на кој му припаѓав, ги издаваше наредбите. Според мене, тие беа виновниците кои заслужија казна. Сега и оние кои само извршуваа наредби се жртви. Јас сум една таква жртва“, изјавил Ајхман на судењето.
Неразјаснети детали околу апсењето
На 31 мај 1962 г. Адолф Ајхман бил осуден на смрт со бесење. Неговото судење успеало да даде одговори на речиси сите битни прашања поврзани со неговото делување и улогата во т.н. Третиот Рајх – без оглед на содржината на одговорите на Ајхман.
Но она што и до ден денес на некој начин е сè уште недоволно разјаснето се деталите од неговото апсење. Многумина тврдат дека германските и американските тајни служби одамна знаеле каде и под кое име се крие Ајхман. Многу членови на повоената германска влада биле активни и во времето на хитлерова Германија – и со самото тоа, според мислењето на историчарите, дел од нив сакале да го спречат неговото судење, односно сведочење, плашејќи се од она што го знаел и што можел да го каже на судењето.
Но, од друга страна, Адолф Ајхман никогаш не прозборел за одредени лица, и на тој начин очигледно останал верен и послушен кон нацистичкиот систем до самиот крај.
Извор: deutsche welle
Gebels
Испратено на 11 мај 2010 од VaskoAjhman za razlika od Jozef Gebels - ministerot za propaganda vo Hitlerova Germanija, ja nemal doblesta da go pochuvstvuva toploto olovo.
It could be a good topic for
Испратено на 20 јули 2010 од term paperIt could be a good topic for my term paper.