Очи на кожата

14.05.2010 11:25
Frank-Lloyd-Wright.jpg

Интересно е како политичката и економската несоодветност на проектот „Скопје 2014“ е совршено испреплетена со неговата естетска и филозофска неиздржаност. Бодлер велеше: „Лошиот вкус води во злостор“. Уште еднаш имаме прилика на дело да ја видиме таа стара мудрост, за безмилосно неумоливиот преграб (од кој пукаат коските на натиснатите среде) меѓу лошите политики и лошите уметници. За политичката малигност на проектот доволно е пишувано: за агресивниот културно-идентитетски инженеринг (антиквизацијата), за простачката фараонска мегаломанија и манипулативниот национализам во функција на зацврстување на власта... Исто така, доволно е пишувано за економската бездна во која ќе пропадне лошо замисленото и мошне лошо започнатото...

Да се осврнеме, значи - посебно со оглед на тоа што во одбрана на проектот застанаа неколкумина уметници од скопските „алтернативни кругови“ - на естетско-теориските аспекти на проектот. Наместо објекти суптилно сместени во просторот и времето нам ни се нудат слики и фасади. Наместо слоевитост и комплексност (што уметноста треба да нуди) ни се нуди плакатизам од најлош тип, агитаторски и плитко пропаганден. Наместо, велам, продлабочување на контактот со конкретниот простор и со времето (макар тоа било древното „национално време“) ни се нудат евтини украси и површни сензации.

Но, нашиот случај не е посебен. Она што ни се случува нам, се случува и на други места (вистина, веројатно не во толку карикатурална форма). Дејвид Харви, на пример, ги поврзува загубата на нашето чувство за континуитет и потрагата по „моментен учинок“ во современиот израз со загубата на длабочината на доживувањето. Фредрик Џејмсон го употребува изразот „создадена плиткост“ за да ја опише состојбата на современата култура и нејзината „фиксација врз надворешноста, врз површината и брзото дејствување без долготрајна сила“.

Парадоксално е, во нашиот случај, што зад сликите за 2000 години долгиот национален континуитет се кријат фриволни брзопотезни стратегии кои траат колку што трае една рекламна кампања. Тоа е најсмешното во случајов: поврзаноста меѓу непрекинатиот адвертајзинг на владата со „вечната нација“ и со како тезгарските потреби на одредени уметници и архитекти така и со оние навистина искрени потреби на други некорумпирани уметници, архитекти и граѓани кои имаат реална потреба од понагласено симболичко присуство на национални симболи, па макар биле и новокомпонирани. Велам, сè е испомешано: јаките национални чувства, „вечноста и убавината“ со глупоста, манипулацијата и евтиноста - како во турбофолк песна кајшто се сечат вени и се кршат крвави чела од веќе скршени чаши.

Уметноста, барем теориски, би требала да биде далеку од тоа. Како што вели финскиот архитект Јухани Паласма во својата книга „Очи на кожата“, некоја градба не е цел самата за себе; таа врамува, спојува, организира, дава значење, создава однос, спојува, раздвојува, помага, забранува... „Изворното доживување на архитектурата се состои, на пример, од тоа да се приближиме до зградата и да застанаме наспроти неа, а не укочено да ја гледаме фасадата; од тоа да влеземе, а не од обликот на вратата; од тоа да погледнеме низ прозорот, а не од самите прозори како материјални предмети; или од тоа да го заземеме просторот на топлината, а не од огништето како визуелно обликуван предмет. Архитектонскиот простор е животен простор, а не само физички простор...“

Паласма дава совршен пример за тоа дека првенствена задача на архитектот е да создава неразделно единство на впечатоците: „Средбата во живо со ’Куќата на слаповитè на Френк Лојд Рајт ги обединува во единствено и целовито доживување околната шума, волумените, површините, текстурата на материјалот, боите на куќата, па дури и мирисот на шумата и шумот на водата. Архитектонското дело не го доживуваме како низа од одвоени слики, туку во неговата целосна материјална и духовна присутност. Тоа ги опфаќа и ги воведува физичките и менталните структури.“

И уште една работа мора да се нагласи на крај: интегритетот на уметникот. Нема уметност без автономија и без уметнички интегритет. Тоа е една од најголемите причини - барем кога гледаме низ овој естетско-теориски ракурс - зашто проектот „Скопје 2014“ е сосема безвреден во естетска смисла: затоа што го понижува не само интегритетот на граѓаните (сфатени како маса за вајарско обликување на нацијата, онака како што народот го разбираше Мусолини), туку се понижува и интегритетот на непосредните извршители (уметниците, архитектите, филозофите) на сништата на „пастирот“ (па дури и тогаш кога сништата на „пастирот“ го „олицетворуваат несвесното на народот“, како што во сомнителен наци-мистички стил тоа го формулира Ацо Станковски - дури и тогаш понижувањето е неминовно, и спрема „несвесниот народ“ и спрема уметниците или архитектите секогаш спремни за ониричка транскрипција на тиковите на владетелот).

Френк Лојд Рајт во 1954 година, во својата 85 година, го остави следниов аманет: „Она што денес најмногу е потребно во архитектурата е истото што ни треба и во животот, а тоа е интегритетот. Подеднакво како во човекот, интегритетот е најголемиот квалитет на архитектурата. (...) Ако успееме во тоа, ќе направиме голема работа за нашата морална природа - за психата - на нашето демократско општество. (...) Заземајте се за интегритетот на вашата градба и со тоа се заземате и за животниот интегритет на оние што граделе пред вас, бидејќи взаемниот однос е неизбежен во општеството.“

„Глобус“, 11.05.10.

ОкоБоли главаВицФото