Приказна за двата града

19.05.2010 11:36
Magi-528.jpg

Платон еднаш си поиграл со читателите тврдејќи дека во секој грчки полис паралелно живеат барем два, еден со друг спротивставени градови. Не е сосема јасно што атинскиот аристократ сакал да каже и да докаже, но не е тешко да се претпостави дека предвид имал некои подлабоки интелектуални и морални разлики во грчкиот свет, кои се одразувале и во животот на градовите-државички... Меѓутоа, неговото дамнешно поигрување со поимите-слики денес би можело, во променетиот контекст, да добие нова и многу актуелна смисла.


Две касти

На пример, во секој поголем град од современиот свет жителите се речиси судбински разделени на две половини кои физички се мешаат, но духовно речиси и не се допираат. На една страна се оние кои го разбираат ракописот на градот, умеат да читаат манускрипти, дури и манускрипти во слоеви, значи палимпсести. Тие умеат, или барем веруваат дека умеат, да ги прочитаат скриените пораки; често, како кабалистите, се обидуваат да продрат и во повисоката смисла на градското писмо и во највисоките езотерични сфери на пренесените пораки. На другата страна, меѓутоа, се наоѓа кутрата каста на оние кои и не забележуваат дека градот е некој вид писмо. Во најдобар случај им поаѓа од рака нешто да проговорат на ниво на почетно растајнување – но, и тоа е вистинска реткост. За нив градот е раскошно укоричена, но затворена книга. Ако се осмелат да ја разгледаат, тоа го прават колебајќи се, зашто илуминираните записи истовремено и ги зачудуваат и ги збунуваат.

Важно е да се забележи дека денешните „два града“ не се делат ни според бојата на кожата на жителите, ни според првите зборови на мајчиниот јазик, ни според наследените или стекнати богатства, па понекогаш не се делат дури ни според степенот на образование. Најверојатно клошарот со поголема сигурност и со многу повеќе лично учество го чита својот град од полуинтелигентниот плејбој или забрзаниот академски шампион, зафатен со почетните ефекти на аутизмот на неговата област. За волја на вистината, во денешниот свет има малку вистински „квалификувани“ клошари, а малку се и градовите кои со своите убавини, дури и од самото дно, нудат можност за обратно, а сепак поттикнувачко читање одоздола нагоре.


Магијата на хиероглифите

Ако се прифати дека градот навистина може да се чита, тогаш првата и најголема тешкотија претставува не само изобилието на знаци (како на пример во кинеското писмо), туку и загадочноста на запишаното. Визуелните, звучни, тактилни, олфакторни сигнали се комбинираат во бескрајно сложени паралингвистички системи, а соопштенијата кои можат да се насетат често се алузивни и повеќезначни. Да го додадеме и ноторниот факт дека јазикот, говорот, идиолектот се нешто што отсекогаш најефикасно ги спојува, односно ги раздвојува вистинските, но и фиктивни касти, па ќе стане многу јасно какви и колку тајни современата метропола крие пред голем дел од своите жители.

На пример, за многу жители на денешните градови традиционалните кодекси на стилистичките и архитектонски украси мораат да бидат целосно неразбирливи. Нивната почетна, обично алегориска содржина одамна е заборавена, а нивната крајна смисла едвај дека можат да ја насетат и проверените ерудити. Раскошните инсценации во штукатурата, во малтерот и во каменот можат да послужат уште само како разонода на шетачите сладокусци, на оние кои имаат време и волја да ги искривуваат вратовите и да ја проценуваат елеганцијата на „Ангелот и Лемурот“ крај работ од покривите. Да додадеме уште дека кодовите, дури и во рамки на истата стилска епоха, видливо варираат од град до град. Намерно не ја споменувам соматската макроорнаментика на модерната (и постмодерната, и пост-постмодерната) архитектура која, доколку и ја има, дури и добро извежбаното око тешко ја забележува. Сега замислете го простодушниот полуградски човек кому секојдневниот урбан пејзаж му е горчливо бојно поле на славата, на успехот или на елементарниот опстанок! Замислете го пред толку таинствени фантоми! Којзнае: можеби нему, преморен и збунет, неразбирливите стилски хиероглифи му личат на окултни спомени од сферата на злите духови – токму онака како што вистинските египетски хиероглифи, пред Шамполион, им изгледале на наивните патници и патописци.

Намерно го пренагласив сето ова што важи за немиот јазик на каменот, на челикот и на бакарот. Тоа се видливи „предупредувања“, па со самото тоа се и помалку „опасни“. Сигналите кои доаѓаат од подлабоките и сосема недопирливите сфери на градскиот живот можат да зазвучат и уште позлокобно и да поттикнат уште понасилен внатрешен отпор. Зашто, покрај камената кореографија, покрај орнаментиката на челикот и на стаклото, градовите често имаат и многу посебна хумана кореографија, синтакса на гестови, многу сложени дијаграми на немо однесување. Дури и живиот збор во градските простори каприциозно ги менува скалите на значење и на вредности: велат дека Делакроа умеел на повеќе од дваесет различни начини да ја изговори толку вообичаената секојдневна лозинка што се кажува при средбата, познатото „добар ден“. А што да се каже за неброените лозинки на модата, на еротизмот, на хуморот, на симпатијата, но и на нетрпеливоста.

(...)

Пофалба на метрополата

За среќа, во европскиот културен контекст градовите сè уште се градови: градскиот човек во просек, барем засега, сè уште е градски човек. Градот-метропола, таа благородна јазичка одредница, не само што е поим од европска провиниенција, туку сè уште е претежно и еминентно европска појава. Сакале или не, самиот збор носталгично потсетува на „убавите времиња“ и на „убавите квартови“, а обилните асоцијации неизбежно упатуваат на периодот на материјални, но и на интелектуални и уметнички богатства на граѓанскиот просперитет.

Метрополата според сфаќањето на денешниот просечно мудар човек е нешто како најградски град: оптимална мерка за големината, моќта, знаењето и мудроста – убава, вредна за внимание, но и многу лабилна рамнотежа.

Каталонците својата Барселона од љубов ја нарекуваат Градот на градовите, а оваа игра со зборови можеби е и најдобрата дефиниција: секоја вистинска метропола во себе собира рефлексии и честички од многу други скапоцени градови – таа е свет во мало, па токму затоа е и многу сложена, но и кршлива антрополошка метафора. Со други зборови, „градот на градовите“ не е само структура и суперструктура (техничко ниво на градското писмо!), не е само конструкција и натконструкција (функционално ниво на градското писмо!), туку е и конструкт – „творба“, творба на човечкиот дух. Искусниот познавач и љубител на читањето на градот и на градовите многу добро знае дека најдлабоката смисла на секој метрополитенски запис мора, пред сè, да го побара во себеси. Зашто, да го прочиташ градот не значи ништо друго освен да се откриеш себеси во огледалото наречено Град/Свет...

1997

 

Извор: Bogdan Bogdanović, Grad i budućnost

Од истиот автор прочитајте и:

Принцези и технократи

Градот и иднината (1)

Градот и иднината (2)

Фотографии: Меги Лохтенберг

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото