Bookcrossing: движење за ослободување на заробените книги

28.04.2009 15:05
Kniga_1.jpg

Книгите мора да бидат слободни, а не заробени на полиците. Тоа е основното начело на bookcrossing-от, чии следбеници ширум светот оставаат книги кои минувачите можат да ги понесат со себе, да ги прочитаат, а потоа некаде да ги остават за нов читател.

„За ослободување ми се потребни пластична кесичка во случај на дожд и налепница. Тоа е практично затоа што луѓето на прв поглед можат да видат за што станува збор, да не помислат дека книгата е заборавена, туку да видат дека намерно е оставена“, објаснува Барбара Милер, која во круговите на ова движење е позната по прекарот Синтра. Таа во раката ја држи книгата „Францускиот тестамент“ на Андреј Макин на која ја залепила пораката: Земи ме, прочитај ме и повторно пушти ме слобода! Ова е главното начело на bookcrossing-от. За своите лични мотиви за вклучување во оваа акција Барбара Милер вели дека ја интересираат реакциите на луѓето, но дека всушност целта е да се заинтересираат колку што е можно повеќе луѓе да читаат.

„Фантазијата нема граници“
Барбара има 31 година и студира книжевност во Бон. Пред пет години пронашла една „ослободена“ книга и потоа сама се вклучила во акцијата. Движењето е настанато во Соединетите Американски Држави и во 2001 година е покрената интернет страницата bookcrossing.com. На почетокот во акцијата се вклучиле повеќе од 90 луѓе, а денес во светот има околу 760.000. Само ве Германија се 50.000.
Во меѓувреме Барбара го избра местото на кое некој среќник ќе може да ја пронајде својата идна литература: основата на споменикот пред главната црква во Бон. „Книгите можат да се ослободат и на места кои одговараат на нивната тема или наслов. Фантазијата нема граници. Особено сакам да оставам книги пред кина, каде што има многу луѓе. А кога времето е убаво со задоволство ги ослободувам книгите во центарот на градот, каде што секогаш има многу луѓе.“
Но, жителите на Бон очигледно денес не се расположени за литература. По околу час и половина книгата во проѕирната пластична кесичка и понатаму стои онаму каде што Барбара ја остави.

Нападната варијанта како последно решение
Оние со мобилните телефони на уво и младите луѓе и така обично не гледаат ништо околу себе. На еден постар господин книгата речиси му падна врз ногата, но тој по кусо размислување, заминува понатаму со празни раце. Но, Барбара и за ваквите ситуации има решение: „Бидејќи книгата досега никој не сакаше да ја земе, ќе се обидеме со нападната варијанта и на луѓето едноставно ќе им ја тутнеме пред нозете. Да видиме што ќе се случи сега.“
Книгата сега лежи сред плоштадот и не е можно да не се забележи. Но, поминувачите и понатаму упорно ја игнорираат. А потоа конечно: една жена на велосипед нагло запира и ја зема книгата в раце. Но, не со намера да ја земе и да ја прочита, туку повторно на ја врати кај споменикот. „Мислев дека книгата некој ќе ја најде ако не е на земја. Идејата е добра, но мене моментално не ми треба книга“, објаснува минувачката.

Книгата сепак е ослободена
Барбара и овој нов пораз го прифаќа спортски. Вели дека обично не мора да се чека толку долго. Раскажува дека понекогаш го дознава и името на оној кој ја прифатил „ослободената“ книга, затоа што на приложената картичка има и молба пронаоѓачот да се регистрира на интернет страницата на bookcrossing.
А потоа „Францускиот тестамент“ на крајот сепак го најде својот иден читател. Еден маж од 50-тина години прво поминува, а потоа се враќа, ја чита налепницата со објаснувањето, ја вади книгата од кесичката и прво седнува. „Мислев дека некој ја заборавил книгата, а потоа погледнав подобро. Идејата е симпатична и првпат слушам за неа. Затоа сега седам тука и ја разгледувам книгата за да видам дали воопшто ме интересира или едноставно да ја вратам онаму каде што ја најдов“, објаснува среќниот пронаоѓач и повторно се задлабочува во лектирата. А дали на крајот ја зеде или не книгата – тоа не го знаеме. Малку таинственост никогаш никому не му пречело, смета Барбара.

Извор: Deutsche Welle

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото