Дел Бој – икона на антиглобализмот

28.05.2010 15:20
Дел и Родни

Бојси не може да купи толку батал стока колку што Дел Бој може да продаде! Тротерите преживуваат како и сите нормални луѓе, работејќи во потта на сопственото лице и продавајќи го она што на крајот самите ќе го купат.

Сепак, ризикот во новиот свет не е дозволива креација. „Транспарентност“ – тоа се бара. Но, Дел слабо стои со „латинските“ изрази. Блажена нека е оваа атомска мравка на преживувањето!

Дел Бој – херојот на најдуховитата и најпотресната хумористична серија од настанувањето на масмедиумите: „Лажги со опашки“. Наслов тежок за превод, но тоа не би му пречело на Дел Бој кој каков и да е преводот би одговорил со некоја пригодна поговорка на француски. Јазик кој, сепак, не го знае.

За среќа, овој од бога даден пропуст во образованието е причина за другиот сериозен хендикеп кој Дел не би можел да го препорача за храбриот „нов свет“ и да го стави меѓу хероите на глобалната нирвана. Имено, овој шатро-аристократски, духовито-недуховитиот тип не само што ги меша поимите, туку има проблем и со авторитетите. Секогаш кога може им дрпнува роба од магацинот или од тезгата. А тоа не е баш добар пример за либерално-пазарно стопанство кое вишоците ги испраќа таму каде што им е местото – во стомаците и челата на оние кои се курчат. И (дури) купуваат кај Дел!

„Што тапчо си ти Родни“ – како да го слушам Дел додека се клешти и го цевчи пијалакот за кој никогаш не слушнал додека не го нарачал.

Како некому, по ѓаволите, воопшто би можело да му падне на ум дека стариот добар Пекам, тоа пристојно работничко дно на Лондон, кое негува традиција како онаа според која тепачката со полицијата се сопира само кога поминува постар и поугледен фраер од крајот воопшто би можел да гласа за нешто што има толку репресивни значења како: имплементација, интеграција или инаугурација?!

Какви се шансите за тоа? Па, отприлика исти како и шансите на „Милвол“ на Дел да влезе во купот на УЕФА. Тука не помага ни Блер од најдобрите денови на политичкиот маркетинг.

На Дел му е полесно да го убеди Родни да се облече како малолетник и така да отпатува на (пред)меден месец со Касандра, а нему како на „татко“ да му овозможи дополнителна карта за летување, или онака братски наместо Родни да го прими тешкиот ќотек од измамениот маж кој тукушто се вратил од робија – отколку да го исчита непрегледното мени со називите на јадењата и на вината, кои чинат колку и Деловата кола со три тркала заедно со семејниот имот и онаа (по грешка) украдена антена за наведување авиони, која Дел ја продава како сателитска на својот балкон.

За што воопшто размислува лик како Дел додека го дува чадот од фалсификуваната „кубанка“ и пие голтки од (полу)оригинално виски од чашата во која наместо лед се брчка протезата на стрико му? Сигурно не за заштитата на човековите права или за мобингот на работа. Всушност, Дел сака да ја штипне келнерката за газот, да плати за добар секс или да го чести пријателот за роденденот на старлетата која излегува дека е неговата жена на животот?! Ајде често да пресметаме: колку невладини организации би го пријавиле „таму каде што треба“ и кои сè смртни гревови би му биле натоварени на врат? (Сепак, на хипотетичките обложувалници Дел е прекрупна риба дури и за Сорос!)

Да се разбереме, таа фасцинантна умешност на преживувањето, систем: „дрпни сè што можеш, зашто тебе ќе ти го дрпнат истото кога-тогаш“, е недозволив облик на лична иницијатива во времето кога улогите се поделени и кога постојат само – кооперативни и некооперативни! Одвишно е да се каже во која група спаѓа ова надри-трговско суштество кое бега меѓу тезгите на Пекам штом полицајците ќе се појават. Истите оние муфљузи на кои Дел ќе им продаде нови „уште подобри пендреци“... И тоа откако ќе го измати локалниот свештеник и ќе му продаде бело вино за причест?!

Знае ли тој водач на Тротери, се прашуваат низ бриселските ходници и канцеларии илјадници „високи претставници“ за нешто, дека низ Евролендот се отвораат центри за деконтаминација на сето она што сè уште купува весници, а нема навика да отвора веб страници?! Знае ли тој неважен маж, од којзнае кој кат на безбојниот сиромашен облакодер, дека по пијанката е забрането да се моча по контејнерите врз глувците што спијат?

Тој значи, жими големиот Брат, моча врз единствената сопственост која не е приватизирана, туку е оставена на најшироките народни маси!? Каде тука се моралните норми? Зошто молчат организациите за заштита на интелектуалната сопственост?

Дали со некој Пи-Ар (не Дел, не заради називот на тубата со кечап, а не е прекар на некоја старлета од околината) систем може да го поправи погубниот имиџ на овој популарен губитник, кога веќе Гвантанамо се затвора? Па не може идолот на 20 и 21 век, а денес и на плејстејшенот, интернетот, фејсбукот и другите реликвии на глобалното онанирање да биде тип кој не ја владее најдобро синтаксата на сопствениот јазик (кој, „бај д веј“, мораа да го научат дури и затворениците од Багдад за да разберат кога и како ќе бидат средени).

За што размислуваш Дел додека ја тураш водата од сопствениот мијалник во станот и ја продаваш како „Чиста пекамска“ заработувајќи фунти како на наместен покер? Цел живот сакаше да се збогатиш, а парите ти беа пред очите. Слепец низаеден! Еве ти ја последната влезница за глобалните кругови која, фала Боже, нема да ја искористиш!

Но, се сомневам дека тебе те загрижуваат евро-атлантските интеграции или (како сите нормални луѓе на нацијата) си ја кршиш главата со размислувањата како да им ги вратиш парите на ќелавите од ММФ. Ти не би ги делел парите со никој! Во тоа е проблемот, мустро една.

Па Дел, мајку му, живееме во свет на солидарност и милосрдие! Зарем не те боли срцето ( и уште нешто) за анорексичните манекенки, за војниците на демократијата кои ја ризикуваат главата донесувајќи ја слободата таму каде што повеќе пати ја донесуваа, за мутираниот грип кој сè уште (предавнички) мириса на лабораториите во кои го направиле како супа за да се заработи на лековите, кои потоа „хумано“ можат да се испратат во најсиромашните краеви на светот?!

Нее. Тие се муртиш на прдежот на стрико ти додека гледате телевизија (тој само се загрева), размислуваш како да им би утрапиш оние пакети со фалични телефони на чесните сестри, твојата единствена сметка се однесува на дуплото пиво со солени компири со кои го честеше друштвото додека мислеше дека твојот брат е извлечен на (минатогодишната) лотарија... Но, барем потоа ти се посреќи со бившата на Бојси!

Ако новиот светски поредок необично личи на светот од компјутерските игри и на „плејстејшн“ со ниво до кои се доаѓа преку многу ликвидирани (и со уште повеќе среќа) тогаш Дел-Бој е предодреден за подолните ниво. Оние на кои задолжително пишува: „Пристапот на новото ниво е оневозможен“. Како и за најголемиот дел од човештвото, всушност (забелешка: човештвото – малку пошироко, но не и нужно подрачјето надвор до Пекам).

Сега овој тип од Пекам, со своето знаење за тоа како се преживува секојдневно, упорно и во потта на лицето свое, со задолжителен оптимизам без покритие, е идеална личност од која може да се направи вирус со кој би се ресетирал вредносниот систем на жителите на виртуелната Меѓународна заедница.

Предлагам шифрата да биде: „Следната година во ова време ќе бидеме милионери“. Или сосема отворено: Дел за претседател, одете во п.... мајчина!!!

Извор: Slate

Можеш слободно да напишеш

Можеш слободно да напишеш „пичка мајчина“ -- доволно сме стари за да бидеме одамна расипани. :)

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото