
Епизода втора
Црвенкапа опозиционерка
Тоа утро беше убаво и сончево (а зарем може да биде убаво, а да не биде сончево?), а Црвенкапче беше во најубаво можно расположение. Знаеше дека денес треба да ја посети баба си, која живееше на другиот крај од градот, и многу се радуваше на тоа. Мама веќе се беше разбудила и ја чекаше во кујната:
- Ајде злато, измиј си ги рацете, па да појдеш да и’ земеш лекови на баба и да и’ ги однесеш, знаеш колку и’ требаат.
Црвенкапа весело се растрчка по дома, се изми, се облече во своето најубаво руво, пивна две-три голтки цедено сокче, ги прибра рецептите од маса и тргна кон домот на баба.
Веселко потскокнувајќи Црвенкапа тргна кон најблиската аптека. И така потскокнувајќи замалку ќе пропаднеше во една дупка среде улица, која очигледно градските татковци сосема ја заборавиле. Прилично поднамуртена влезе во првата аптека, но таму имаше што да види: гужви невидени! Аптеката беше преполна со разни бабички и дедовци кои нервозно се расправаа со аптекарката. Црвенкапа, виде-не-виде, реши да си ја проба среќата во следната блиска аптека. Кога влезе таму немаша ич гужва, па и’ се обрати на аптекарката:
- Дали имате од овие лекови, ве молам?
Аптекарката ја погледна онака студено и’ ги зема жустро од рака рецептите и книшката, погледна одважно во нив, па и’ ја фрли книшката назад:
„Нема ништо од ова, дојди после 15-ти!“ Црвенкапа се зачуди, па праша:
- Ама ве молам, овие лекови и’ требаат на баба ми, таа не може да чека до тогаш.
- Девојче - и’ возврати аптекарката - што да ти правам, ајде мавни се настрана, се прави гужва.
Виде-не-виде, Црвенкапа побара и трета, четврта, петта аптека, ама одговорот сегде беше ист: нема лекови. Таа многу се натажи, но сфати дека мора да се врати дома со празни раце. И така тргна кон дома кога пред неа ете ти една група сè непознат народ. И се иставија, па остро ја погледнаа.
- Кои сте вие? – праша Црвенкапа.
- Ние сме група невладини организации и имаме информации дека си поврзана со Соросоидите!
- Какви Соросоиди? – викна Црвенкапа – јас не ни знам кој или што е тоа?
- Море те знаеме ние добро, која си и со кого си, скапанице една низаедна - и продолжија со пцости и плуканици, па ја набркаа од лице место.
Се упати Црвенкапа по друг пат кон дома. Ни малку потем кога ете ти ги на-ќош собрани некои патриоти, новинари, архитекти и друг различен народец. Штом малку им се приближи веднаш и’ се сипаа:
- Види ја ти неа, се рашетала низ градов како на дедо и’ да е, и уште со црвена капа, права комуњарка! Подалеку од нас, слушаш!
- Ама добро луѓе, што правите таму набутани по тие темни сокаци? – праша таа.
- Го чуваме името и идентитетот, како што правиме.
- А од кого го чувате? – праша љубопитно Црвенкапа.
- Па од такви како тебе, само ти прави се наивна, мислиш не знаеме која си ти? – и’ возвратија – ма ти го знаеме целото семејно стебло! Братучедот на мајка ти е вработен од вујкото на татко ти, кој му е школски на еден висок функционер на опозицијата и од кого има земено поткуп уште 1996 година!!! Цела фамилија ти се со олигарсите!!
Црвенкапа виде оти нема дијалог со овие па се повлече. И така растажена, навредена и етикетирана Црвенкапа се врати дома.
Мама само ја погали Црвенкапа и ја тешеше:
- Не плачи злато, еве пред малку гледав Ходници на Менче Точи, пак нема лекови. Оној Волкот повторно ги потрошил сите пари на реклами и скулптури. Аман!
И останаа двете така натажени чекајќи ја својата судбина, а бабата остана изолирана и без лекови.
Без неопходната здравствена нега, почина набргу потоа.
(продолжува; во следната епизода: „Рамковната Црвенкапа“)