Кратка историја на современата кинеска уметност

11.06.2010 14:49
Кратка историја на современата кинеска уметност

 Современата уметност во Кина се развива во еден мултикултурен контекст; таа претставува спој на современите светски струења и традиционалната кинеска уметност, балансирајќи помеѓу својата единственост, глобалните општества и разновидноста на современата светска уметност.


Кина направи значајни промени во изминативе две децении, и една од областите каде тие промени се посебно изразени се и визуелните уметности.
 
Во текот на 50-те и 60-те години сликарството е подредено на политичката состојба во Кина, и во него преовладува социјалистичкиот реализам, па така,  сè до 70-те години се обработуваат наложени теми кои го претставувале развојот на државата, националните достигнувања, индустријата и општеството. Клучен момент за ваквата појава е одлуката на претседателот Мао во 1949 година -  „уметноста да и’ служи на државата и народот“, која била целосно имплементирана откако комунистичката партија го презема водството во државата. За време на Културната револуција, во втората половина на 60-те и во текот на 70-те години, уметноста повеќе имаше политичка улога, користена во политички цели и ограничена на теми од социјализмот, во тогаш доминантниот советски реализам.
 
Од 70-те години, по оној период на затишје за време на Културната револуција, полека доаѓа до одредено ослободување на уметниците, поради реформите во општеството и поотворената кинеска политика во тоа време.
 
 
Во 80-те доаѓа до почести меѓународни размени, употреба на различни средства и материјали, истражување во уметничките форми и стилови, и развој на уметничката идивидуалност. Уметниците, на некој начин, поради недостаток на поддршка од општеството за новите креативни идеи, твореле под влијание на западната уметност, постепено прифаќајќи ги различните искуства, вредности и наративи што таа ги носела со себе.
 
Во средината на 80-те години, беа направени посмели експериментални дела, и тој период на авангардната уметност во Кина беше наречен „Движење 85“ од страна на уметничкиот критичар Гао Минглу (Gao Minglu). Ова движење не беше поттикнато само од создавање на нови уметнички форми и стилови, туку се однесуваше и на активностите и ангажираноста на уметниците, како дел од општествената промена.
 
Минглу ја организираше контроверзната изложба во 1989 година во Пекинг – „Кинеска авангарда“, наидувајќи на многубројни пречки за време на тригодишната подготовка на нејзиното поставување, вклучувајќи и цензурирања од страна на власта.
 
Во 90-те години новата генерација уметници истражува во концептуалната уметност и постмодерните идеи,  се осврнува кон актуелните искуства, урбаните теми, социјалната свест, критикувањето на современото општество и политиката, што резултира со појавата на нео-реализмот и новата фигурација. Интересно е тоа што напоредно со овие нови форми, некои уметници сè уште творат во традиционалните древни техники на цртање со туш.
 
Последниве години настанаа радикални промени во уметноста во Кина, а делата на кинеските уметници почнаа постепено да го наоѓаат својот пат до меѓународниот пазар и да постигнуваат неочекувано голем успех. 
 
Слики: yue minjun
 
 
Аи Веивеи - еден од најпознатите и најконтроверзни уметници денес
 
(кинескиот аполитичен уметник сè уште чека да биде замолчен)
 
 
Аи Веивеи (Ai Weiwei) е можеби најпознатиот современ кинески уметник и домашната критика, овој ангажиран радикалец, го ословува на некој начин презриво. Што и не е така лошо, имајќи предвид дека неодамна тој за малку ќе изгубеше нешто многу повеќе од тоа.

Веивеи беше во Ченгду, главниот град на провинцијата Сичуан, подготвувајќи се да сведочи на судењето на еден негов пријател, кој е политички активист. „Околу 3 часот наутро чувме многу силна бука во ходникот, многу брутална, како во некој холивудски филм - тропање на секоја врата: ‘Отворете, полиција!’ Тие со клоци ја отворија вратата. Реков, ‘Како да знам дека сте полицајци?’ ‘Ќе ти покажеме’, ми рекоа и ме удрија овде.“ Покажа на десната страна од челото. „Тоа беше многу силен удар.“

Еден месец подоцна, на изложбата во Минхен, Веивеи отиде на лекар со силна главоболка и беше брзо однесен на операција за отстранување излив на крв во мозокот.

За малку ќе починел, вели дека и по три месеци меморијата сè уште го издава. Додава: „Всушност, и онака немам толку многу добри спомени“.
 
Нешто што можеби се чини претерано, со оглед на тоа што на педесет и две години Аи е витален човек, со речиси монашка смиреност и е меѓународна фигура во уметничкиот свет, успешен повеќе од она што некој можеше да го претпостави пред една деценија. Тој е познат архитект, ко-креатор на пекингшката атракција - Олимпискиот стадион Птичје гнездо, уметник што создава инсталации и режисер на документарни филмови со стотина учесници. Во уметноста, тој може да направи што ќе посака, како на пример - личната пратка на шеснаесет кутии со големина од 12 метри, со 9.000 специјално направенидетски ранци од Пекинг, за неговата неодамнешна изложба во Минхен. Сепак е јасно, не е сè така розово во светот на Аи Веивеи.
 
Во едно од неговите први широко прифатени дела, серијата фотографии наречена „Фрлање на урна од династијата Хан“, тој спокојно крши една древна скапоцена кинеска вазна, одбележувајќија темата - уништување и повторно создавање, што струи низ голем дел од неговата уметност.
 

Другите негови дела вклучуваат урни, мебел и архитектура од Минг и Чин периодот, собрани во прогонуванитенови креации, некогаш исликани во стилот на Ворхол со логото на Кока-Кола, или прободени со дрвени греди. Серијата фотографии ги отсликуваат глобалните икони - Забранетиот град, Белата куќа, Ајфеловата кула, и пред нив - раката на Веивеи со кренат среден прст.

Потоа, тука е и неговата политика, една отворена критика кон кинеските лидери која, со оглед на ниската толеранција конпокажувањето отпор во Пекинг, се чини речиси самоубиствена. Долго време пред Олимписките игри, Аи побивајќи ја валидноста на својата улога како дизајнер на стадионот Птичје гнездо, велеше дека владата ги претвора Олимписките игри во патриотска прослава, наместо да има цел  - создавање на многу поотворено општество.

Во 90-минутниот разговор во неговото минималистичко студио кое се наоѓа во северниот дел на Пекинг, Веивеи ја нарече владата прозаична, превртлива, постојано под сомнеж од страна на својот народ и крајно фокусирана да ја одржи власта.

„Тие не веруваат во слободата. Не веруваат во Кина пред комунистите. Постои само една едноставна, јасна задача: да ја заштитат својата контрола и да ја задржат власта, што претставува голема штета.“

Сето ова е изречено од него и порано. Кинеските националисти често го обвинуваат за поклоник на западот, и навистина, тој го заврши својот разговор со молба до претседателот Обама да помогне за поголема слобода во Кина, велејќи „ние сè уште имаме потреба од моралната поддршка на западните лидери“, со намера да инсистира за што поголем простор без доминација, во сè уште затвореното општество.

Со или без помош, стремењето на Аи Веивеи е силно. Неговата провокативна уметност, како што е и најновото дело, се однесува на прашањето - зошто во мај 2008 година во земјотресот во Сичуан загинаа илјадници деца во училиштата, и зошто владата одби да даде официјално објаснување на јавноста.

По земјотресот, Аи ги користеше интернет мрежите да собере голем број волонтери кои ја пребаруваа опустошената област, составувајќи листа на повеќе од 5.000 мртви деца, запишани според возраста и училиштето, која е сега на еден од ѕидовите во неговото ателје. „Сликата стана јасна. Сите се наоѓале во околу дваесетина училишта, а тие училишни згради се урнаа во прав“, рече тој. „Зошто стојат оние градби кои се веднаш до нив, а училиштата се урнаа?“

Барањето на граѓаните се состоеше од детален список на прашања испратени до владините институции, кои требаше да се одговорат, и допрва треба да бидат објавени.
 
Во Минхен, истрагата всушност го создаде најоспоруваното уметничко дело на Веивеи: 9.000 детски ранци, покривајќи еден надворешен ѕид на Haus der Kunst (музејот Куќа на уметноста во Минхен). Наспроти сината позадина, обоените ранци ги формираа кинеските букви за пораката: „Таа живееше среќно на оваа земја седум години“, која е цитат од една мајка на жртва во земјотресот.
Во Минхен изложбата е насловена „Многу ни е жал“, саркастичен коментар за немоста на владата во врска со училишната катастрофа.

Физичкиот напад на Аи се случи во август кога тој се подготвуваше да сведочи на судењето на Тан Зуорен (Tan Zuoren), писател и активист од Сичуан, кој се обидуваше да го истражи истото прашање. Тан беше обвинет за поттикнување субверзија кондржавната власт. Веивеи беше спречен да сведочи на неговото судење, кое допрва треба да ја донесе пресудата. Оваа недела, меѓутоа, друг активист, Хуанг Чи (Huang Qi), доби три години затвор за поттикнување на родителите да го искажуваат своето жалењe.

Вознемирувачки претчувства ги придружуваат овие натпреварувања со семоќната држава.

Таткото на Аи Веивеи, Аи Чинг (Ai Qing), беше уметник и еден од најпочитуваните кинески современи поети, кој како млад, го изучувал Бодлер и Maјаковски во Париз. Кога се вратил во Шангај 1932 година, бил затворан и измачуван од страна на владеачката партија Куоминтанг (Кинеската национална партија), нарекувајќи го левичарски. Тоа беше точно, во 1941 година, Aи Чинг се приклучува на Комунистичката партија.
 

Но 17 години подоцна, во зародишот на новата Народна Република на Мао Це Тунг, тој беше во судир со Комунистичката партија заради критиката упатена кон спречувањето на слободниот говор. Партијата го прогони, прво во Манџурија, а потоа до најзафрлените области на северозападна Кина, дури до Сибир.
Аи и неговото семејство живееле во колиба вкопана во земја. Неговата работа за следните 16 години била чистење на селските заеднички тоалети.

„Тој имаше 60 години, никогаш во својот живот не беше извршувал физичка работа и тогаш мораше да почне да го прави тоа“, вели неговиот син. „Секоја вечер се враќаше дома премногу валкан“. Но, додава: „За овие 60 години, не знам кој ги чисти моите тоалети. Така што сега јас правам нешто за нив.“

„Тоа е нешто што научив од него. Тој стана многу моќен во своето размислување. Тој го правеше тоалетот толку чист, што гледаше на него како на уметничко дело - како музеј, како МОМА.“

Семејството се врати во Пекинг во 1976 година, со крајот на Културната револуција. Во 1985 година, неговиот татко, веќе рехабилитиран, ќе добие книжевна награда од тогашниот претседател на Франција, Франсоа Митеран. Неговиот син пак, едвај чека да побегне од Кина.

Младиот Аи Веивеи студирал на филмската академија во Пекинг, но во 1981 година заминува за САД. Во Њујорк вели дека ја следел уметничката сцена, но не и дел од неа. Тој работел на неколку привремени места и се преселувал десетина пати, честопати приморен да фрла дел од своите платна поради недостиг на простор за чување.

Во 1993 година поради влошеното здарвје на татко му посакал да се врати во Кина, која била скривалиште за таквите болни спомени. Но по 1989 година и нападот на демонстрантите на плоштадот Тиенанмен, увидува дека „светот стана поинаков“, сметајќи на тоа дека еден ден можеби ќе се соочи со судбината на својот татко.

Во последно време, видливо е дека владата ја преминува својата граница.
 
Блоговите на Веивеи кои поставуваа политички и други прашања, беа блокирани.
 
Исто така, инсталирани се две камери пред неговото ателје. Полицијата ги прегледува неговите финансии, во земјата каде други политички критичари биле осудувани за финансиски малверзации, кои се чинат измислени.

„Никогаш не направил нешто незаконски, но ако продолжи по својот сегашен пат, вклучувајќи се во некои вакви случаи, ќе бидам загрижен за него“, изјави неговиот адвокат и пријател, Лиу Ксиаојуан. „Некои владини сектори веќе се многу вознемирени од него“.
 
Веивеи вели дека е подготвен за сето она што доаѓа. „Влегов во уметноста, бидејќи сакав да ги избегнам другите прописи на општеството. Целото општество е толку политичко. Но, иронијата е во тоа што - мојата уметност станува се повеќе и повеќе политичка.“

Извор: NYTimes

Автор на текстот: Мајкл Вајнс

Слични статии

Култура
Култура

ОкоБоли главаВицФото