Избрани, но не и посебни

23.06.2010 12:30
eu1.jpg

„Конвојот за Газа го однесе Израел на морето на глупоста“, напиша израелскиот весник Хаарец, како со тоа да откри некоја досега непозната водена површина. Граѓаните на другите земји, секако, одамна се навикнаа да пловат по тие прометни води, но за Израелците – и за сите останати Евреи – ова беше ударна вест.

Без разлика на тоа дали на крајот ја осудивме или ја оправдавме несреќната рација на бродот Мави Мармара, првите реакции кај нас Евреите беа шок и збунетост, додека се обидувавме да ја сфатиме ова невидена демонстрација на глупост. Џефри Голдберг од Атлантик внимателно бараше сличен пример за тотална глупост во еврејската историја, но наместо тоа откри дека Евреите ширум светот себеси се гледаат како некои кои се надарени со вродена и речиси натприродна интелигенција.

„Во јидиш постои зборот сејкл, што значи мудрост, но и многу повеќе од тоа: зборот означува генијалност, креативност, суптилност, умеење да се препознаваат нијанси“, пишува Голдберг. „На Евреите отсекогаш им бил потребен сејкл за да преживеат во овој свет. Човекот со ’еврејска глава’ има сејкл, тој бара мудар начин за излегување од проблемите, зашто знае дека најдиректниот начин – на пример голата сила – често е најмалку елегантното решение. Тоа е човек кој умее да ги предвиди последиците на своите дела.“

Тоа, секако, се бесмислици – но, го уверувам г. Голдберг, бесмислици во кои и јас верував. Општо земено, Евреите можат или не мораат да бидат поумни од другите народи, но во нашата историја нема вистински докази за вроден или културно предодреден, натприроден сејкл. Напротив, нашата историја е полна со примери за индивидуална и колективна глупост, како и историјата на секоја друга нација, народ или племе. Со објективна оценка на еврејската историја би заклучиле дека дури и колективниот чин кој навидум ја потврдува еврејската интелигенција – опстанокот низ милениуми, наспроти постојаната омраза, војни, прогонувања, нетолеранција и геноцид – на крајот сепак се сведува на истиот трик кој го изведува целиот човечки род (барем засега).

Постоењето на Евреите меѓу сè-уште-неистребените народи на светот не може да се припише на некоја нивна посебна карактеристика или однесување, како што ни Тасманците или Таино Индијанците не можат да се обвинат за нивното исчезнување. На крајот, човечкиот опстанок е прашање на среќа – или судбина – прашање на одлуки одамна донесени во далечни градови, од кои по 200 години се раѓаат непредвидени последици, прашање на хаотично преплетени системи на временски непогоди, метафизика и пандемии, прашање на неуспех и на слабост на нашите несудени убијци.

Историјата на сопствената мудрост ја креираме на тој начин што своите глупости ги спуштаме во фусноти. За да го замислите Хелм – градот во кој според преданијата на Ашкенази Евреите живеат само будали – морате да претпоставите дека насекаде надвор од него владее мудрост, како што за да го замислите рајот претпоставувате дека со овој свет владее несреќата.

Мене како дете ме учеа дека Евреите, во кои се вбројуваат и Мајмонид, Алберт Ајнштајн, Џонас Салк и Мајер Лански, по правило се поумни, помудри, погенијални и попроникливи од другите. И јас за време на вечерата го гледав своето семејство и гледав многу интелигенти, досетливи, остроумни и образовани луѓе полни со информации и мислења за различни теми. Во желбата да ја потврдам теоријата за народот на Ајнштајн, ги прескокнував присутните противмерки.

Затоа Евреинот секогаш се запрепастува кога ќе сретне глупави Евреи. Филип Рот тоа чудно искуство го преточи во главната тема на романот „Збогум, Колумбо“. Ние не сме шокирани затоа што никогаш порано не сме виделе глупави Евреи – Евреите се пропорционално глупави како и другите народи на светот – туку затоа што нас од мали нозе нè учеа, посредно или отворено, да ги игнорираме. Глупавиот Евреин е како издупчен џеб на панталоните – дупката секогаш е тука, но ние ја забораваме сè додека ситните пари не ни се растурат врз подот.

Токму овој многу пати повторен, но никогаш запаметен шок на соочување со сопствената глупост – кој сега предизвика елитната воена акција на нацијата чија историја ја пишувавме спуштајќи ги спротивните примерите за сејкл во фусноти – доминира во првите реакции на Евреите во врска со рацијата на бродот Мави Мармара.

Но, изгледа дека не се Евреите единствени кои се запрепастени од глупоста на Израел. Дури и најострите критичари на Изразел ќе признаат дека израелската држава умее да опстане во непријателскиот свет, повлекувајќи интелигентни и креативни потези и успешно контролирајќи ги спрегите на среќата и дипломатијата (да не зборуваме за глобалната економија и медиумите). Всушност, многу антисемити и непријатели на Израел цврсто веруваат ви митот за сејклот, а особено – добро, за дијаболичната – еврејска интелигенција.

Од друга страна, изгледа дека на самите Евреи овој мит престанува да им годи, што се гледа од нашето закашлување и мрморење кога некој не-евреин ќе го пофали нашиот ум. Таков е политикологот Чарлс Мари, автор на влијателниот есеј „Генијалноста на Евреите“, или Кевин Б. Мекдоналд, професор по психологија на Универзитетот Калифорнија стејт во Лонг Бич, кој тврди дека Евреите со векови спроведувале програма за позитивна селекција, водејќи сметка за интелигенцијата, снаодливоста и математичката вештина, како некој вид еволутивна адаптација на ударите и прогоните.

Кога таквите тврдења ги кажуваат не-евреи зад нив одѕвонува вознемирувачкото ехо на извршители на геноцид. Сите тие своите ножови ги остреле со истиот брусен камен на воопштувањето, со кој ние ги мазневме нашите очила за зголемување низ кои со воодушевување се набљудуваме себеси. Оној кој ги фали вашите историски достигнувања еден ден во нив може да пронајде причина за ваше уништување.

Во прашање е, се разбира, клучната двосмисленост на јудаизмот и на еврејскиот идентитет: идејата за избраноста како проколнато богатство, проклетство на благословот, исклучителност која може да биде знак за спасение, но и за истребување. Низ нашата историја, да се биди избран често значеше да се биде отфрлен.

Оваа двосмисленост е причината поради која Евреите истовремено инсистираат на посебниот статус на земјата, а се бунат кога светот – цинично или искрено – врз нив применува посебни стандарди.

Тоа е причината зошто Израел гордо ја истакнува својата обврска да биде ѕвезда водителка меѓу народите, а потоа укажува на неделата (потопување на брод и масакрирање на морнари) на Северна Кореја – на Северна Кореја! – обидувајќи се своето релативно помало зло да го смести во поинаков контекст.

Сега е мигот, додека сеќавањето на Мави Мармара ни е свежо, како Евреи конечно да се соочиме со древната вистина за нашата национална глупост, која можам да ја споредам, пример по пример, со глупоста на кој било друг народ кој живее и кој некогаш живеел, на оваа будалеста планета, во овој свет на Хелм. Сега е мигот да признаеме дека шеесет годишната историја на Израел, како и историјата на еврејскиот народ и човечкиот род, сочинува низа славни мигови и промашувања, триумфи и грешки, јунаштво и злоба, благородни чинови и злосторства.

Во последните две децении, на Евреите и на остатокот од човештвото им стана очигледна болната вистина, која е вградена во самите зачетоци на ционистичката идеја: ако еврејскиот народ, како што стои во Декларацијата за воспоставување на државата Израел од 1948 година, има право „да биде господар на својата судбина како и сите други народи, во сопствената суверена држава“, тогаш следи дека еврејскиот народ „како и сите други народи“ е способен и за варварство и за глупост.

Ако Израел требаше да стане, според зборовите на Хаим Вајзман, „еврејски како што и Англија е англиска, а Америка американска“, тогаш и Израел, како и Англија и Америка и другите современи општества, се движи низ историјата, разнишан и паничен, од своето основање до последниот ден, во секој миг во опасност – а, со божја помош и заштитувајќи се – од богата, неславна традиција на човечката глупост.

Кога моето запрепастување од најновото искажување глупост попушти, почнав да ги сожалувам залудно убиените, и заблудите на манипулираните војници кои ги убија. Почнав искрено да го сожалувам и Гилад Шалит, израелскиот војник кој Хамас го држи во заробеништво веќе четири години, како и неговото семејство. Но, почувствував и некое олеснување и решителност.

Да се ослободиме од илузиите. Да почнеме од себе, кои да и се и колку да е големо наследството на нашата глупост. Ајде да не го губиме од вид оној вечно издупчен џеб кој го има секоја нација. Ајде отсега да не го осудуваме Израел, ниту да му судиме според интелигенцијата, јунаштвото, чесноста, моралниот авторитет или кој било возвишен стандард. Да му судиме според снижениот стандард кој недоследно и арбитрарно го применуваме на себе и на оние околу нас. И ајде да не си ја простуваме себеси – како што не му простуваме на Израел, и како што Израел не си простува на себеси – таа ужасна недоследност.

Извор: The New York Times

Слика: Elene Usdin

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото