Пасивноста убива

23.06.2010 11:48
pasivnosta-ubiva-2.jpg

Jus obruitur vi.

(Силата го закопува правото)

 

Минатата недела се случи усвојувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации. Последиците од овој чин допрва ќе се чувствуваат и допрва ќе бидат причина за различни турбуленции во општеството, од неизбежните политички (sic!), до обичните секојдневни граѓански. Тогаш кога се понадевавме дека децентрализацијата на власта и демократизацијата се (ахмм) неповратни процеси, се случува отрезнувањето во форма на пробивна шлаканица од политичките дрматори. Грубо враќање во реалноста и потсетување на фактот дека оној кој има моќ секогаш ќе тежнее само да ја зголеми истата, а пасивното однесување на граѓаните само ги охрабрува во ваквите постапки. Политичкиот Киклоп ја граби моќта при себе и трпеливо ја чека првата наредна пригода истата да ја зголеми. За апсолутната моќ нема граници, таа секогаш може да биде уште поапсолутна. За своите права и правдини граѓаните никако не можат да се изборат со пасивно однесување. Каде се механизмите и постапките за контрола на оваа зголемена моќ? Камо евиденција која, каде, колку надзира? Тоа нигде го нема. Се добива впечаток ако се замерите со некој од Овластените за оваа Толкиновско Око дека сте препуштени на нивна милост и немилост во проценката што да прават со вашите податоци, кои се повеќе од приватни. Прашајте се дали можеби Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе ве заштити? Или можеби јавниот правобранител? Некоја невладина организација? Стразбур? Камо референдум за вакво важно прашање? Ова не не засега, нели? Се разбира овој процес не е од вчера, сетете се на „правата“ на поштенските служби да ги отвораат сите пликоа, коверти и пакети кога ги праќате надвор. Каде е тука неповредивоста на приватноста зацртана во Уставот, Европските конвенции и Повелбите на ООН? Тие се газат и тоа на сосема институционализиран начин. Овој политички чин е само врв на таквиот процес на озаконување на обесправувањето.

Не би должел во смисла на убедување што е добро за вас, да сме живи, па ќе видиме. Би препорачал два ултра-упатни текста кои ја зачнаа дебатата по повод овој закон (Котеска Ј., блог-пост, Букарски А., Дневник), други допрва ќе следуваат, a за оние „политички налектризираните“, кои од партиите не го гледаат граѓанството, и ова го толкуваат како некаква-си исценирана „параноја“, веднаш тест-прашање: мислите ли дека оние кои ја имаат моќта во ова општество се навистина одговорни и достојни за „саморегулација“? Без разлика која политичка сила да е на власт и при моќ, граѓаните секогаш ќе бидат на другата страна: подредената и обезмоќената, таа која е под можен надзор и таа над која висне државната контрола. Вашите политички, идеолошки, верски и други убедувања ќе бидат ирелевантни.

Она што, во контекст на ова, би сакал да го приспомнам во ова писание e тоа како граѓаните се отупени на реалноста. Не знам што треба ним да им се случи, па да кажат: Е чекајте не може вака, па имаме ние свое достоинство, мојот живот вреди повеќе, нема да молчам, јас заслужувам повеќе, знам што може а што не може! Да почнат камери по дома да им инсталираат? (а ова суштински и не е толку различно од тоа). Не! Ние чекаме некоја си ЕУ или САД да го искритикува сево ова, па да ни заврши работа. Што имаме ние сега да се мешаме во заштитата на својата лична приватност? Ма ич не ме интересира мојата приватност, нека кршат глава таму, кој ќе стигне. Но, и пасивноста и игнорирањето имаат свои граница. Чесно е да се каже дека ние сме ти еден народ кој можеби со троа мрчење, вака-онака би прифатил ако треба и да ги носи гаќите преку панталони, како што тоа го бара Президенте во филмот на Вуди Ален.

Пасивизам, конформизам, игнорантство, ичнемиегајлеизам...сè ти е тоа, врти-сучи, еднно те исто. Овој нов демократски развиен пасивизам, неопределност или игнорирање на реалноста, мора да се разбере како отпор кој дијахрониски се развил против различните колективизми на едноумието, но и против различните јалови или манипулантски колективизми на плурализмот. Кога ќе погледнеш најбројна политичка опција секако е Партијата на неопределените, која се држи на некои 40-тина проценти, вака или онака. Проблемот е што таа најбројна опција е убедливо најслаба, затоа што е фрагментирана до ниво на поединец, кој не сака ни да чуе за здрав ангажман во општеството. Наместо жив демократски и граѓански плурализам, Дрматорите успеаја да ни всадат псевдо-демократски конформизам, кој се репродуцира и зајакнува со самото тоа што не правите ништо.

Во демократијата, со капиталистички предзнак, имате толку права, колку што ќе се изборите за нив. Во општеството има толку правдина, колку што сме спремни правдини да браниме и за кои сме спремни и да се бориме. Никој ништо не ви дава на жими мајка. Па какви сме тоа ние генерации кои не сме спремни да изустиме ни глас на отпор, ни папучи да навлечеме и да излеземе и подржиме граѓанска иницијатива за општо добро (ете, нека дури и не е оваа, нека е за заштита на правата на животните), а се гордееме со нашите славни и херојски истории?

Нашите славни претходници биле подготвени и животите да ги дадат за нештата во кои верувале (многумина и ги дале, нели?), ние па ни задниците да не си ги потргневме за навистина важни работи. Многумина од нашите претходници би ни плукнале во лице, и тоа со право. И потем нешто се лутиме што политичарите, види безобразие, не ни го решиле името 17 години? Па не го решиле, затоа што се исти со народот од кој доаѓаат. И нив не им се ризикуваат фотељите, и тие наместо да излезат и да ги решат работите, седат по своите кабинети, гледаат вести, и чекаат некој друг да им ги реши работите, чекаат посредникот да им донесе на тацна решение, ЕУ да се смени, НАТО да се предомисли. Е па нема.

слики: Kenichi Hoshine

што пасивност? еве блогираме!

што пасивност? еве блогираме!

ova

da, ama samo zborovi dela njet

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото