
Додека пиете кафе во некое балканско кафуле, да помислиме дека размислувате за тоа колкав пат поминало кафето пред да дојде во вашата шолја. Накусо, тој пат би можел да биде ваков: сировото кафе е увезено од Етиопија, земјата од која потекнуваат растението чии семки се користат за подготвување кафе. За ова се платени околу еден долар за килограм. По преработката во развиените земји од оваа количина ќе се послужат околу 80 пијалаци, чија поединечна цена во просек се движи од еден до три долари. Во тој синџир заработуваат сите, освен онаа прва рака, особено работниците на плантажите со кафе, кои најчесто работат во речиси ропски услови. Слична е ситуацијата со чајот, бананите, какаото, памукот, шеќерот, кои доаѓаат до земјите на Третиот свет. Залагајќи се за почесна распределба на заработувачката на овие готови производи и суровини, уште во шеесеттите години почна движењето fair trade или чесна трговија, која во основа го има поттикнувањето да се плати чесна цена за производителите во земјите во развој, со што им се одржува исплатливоста, одржливоста и конкурентноста.
Во почетокот чесната трговија имаше силен печат на политички антиимперијалистички став. Веројатно го има и денес, но постигна и конкретни резултати. Fair trade производите остваруваат промет од околу три милијарди евра годишно и за време на финансиската криза бележат значителен пораст. Ако се земе предвид бројот на жители, Швајцарија е најголем потрошувач на fair trade производи, а потоа следи Велика Британија. Денес на развиените пазари се присутни околу шест илјади различни fait trade производи, најчесто кафе, какао, чоколада, шеќер, ткаенини, разна храна, украси... И што е најважно, се проценува дека околу осум милиони луѓе имаат корист од овие производи, како што се производителите, работниците и нивните семејства или корисниците на инфраструктурата изградена со парите кои се издвојуваат од локалните заедници. Зашто fair trade не означува само почесни трговски односи, туку делот од заработувачката се вложува во она што и’ е потребно на локалната заедница – изградба на патишта, набавка на филтри за прочистување на водата, обновување на училиштата, сето она за што ќе се процени дека е приоритет. Така се засилува заедницата, малку по малку се менуваат условите за живот и се поттикнува понатамошното производство.
На просторите на Балканот, во меѓувреме, во центарот на Загреб се отвори продавница која во целост има асортиман базиран врз чесна трговија. Станува збор за продавница во која се продаваат разни африкански предмети за домот и накит. Сè е рачно изработено во Уганда и по чесни цени директно откупено од малите продавачи (не е купено на големо во некоја фабрика).
Според сопственичката на продавницата, Марина Пирш, важно е да се вложува во образованието на луѓето кои би можеле да ги произведуваат овие производи, зашто тие најчесто не знаат кому можат да ги продадат своите производи. Ја прашавме Марина Пирш дали fair trade производот автоматски значи и поголема цена, како што е случајот со еколошките производи?
„Нужно не, но тоа зависи од продавачот. Fair trade производот е околу 15 до 20 отсто поскап да се набави од обичниот производ, па ако маржите се намалат, тогаш производот не мора да биде поскап. Нешто поскапи се fair trade производите кои истовремено се и еколошки. Нам, на пример, најголема финансиска ставка ни е авионскиот превоз на производите од Уганда во Хрватска“, објаснува таа.
Праведната цена на производот се одредува на тој начин што се зема предвид потрошеното време и труд, како и трошоците за живот во локалната заедница, а целта е да се намалат негативните ефекти на неолибералниот капитализам, како што се нереално ниските плати, ниските социјални и здравствени стандарди, како и негрижата за одржливиот развој. Зошто производителите и продавачите ви се одлучиле на чесна трговија кога со тоа ја намалуваат својата добивка? Затоа што тоа е вложување во позитивен имиџ, со што се придобиваат потрошувачите кои се грижат за условите во кои настанало она што тие го купуваат. Станува збор за тренд кој стабилно се засилува насекаде во светот и можеме со сигурност да очекуваме дека тој и понатаму ќе расте. Дури и да стане еден вид мода, општествено одговорната потрошувачка и производство е „мода“ која треба да се поддржи.
Извор: Poslovni dnevnik
фер трејд производите во
Испратено на 24 јуни 2010 од lepa angelinaфер трејд производите во Австрија се продаваат по нешто повиски цени, но луѓето кои ги купуваат се свесни за тоа и свесно одвојуваат поголем дел од домашниот буџет за купување на истите. за жал тоа може да си го дозволат земјите со стабилни економии. Мислам, малку е чудно да продаваш фер трејд производи во земја како што е Македонија, каде на пример, шивачките, градежниците, угостителските работиници заработуваат по 1,5 долар на ден, каде што здравството е у несвест, а правото на жалба го имаш само дома!!!