Десницата и вистината

25.06.2010 12:29
garry_trinh_01.jpg

Дали е „неприродно“ спојувањето на левиот и десниот опозициски фронт контра политиката на актуелната власт?! Ми се чини дека не само што окрупнувањето на опозицијата е елементарен политички рефлекс кога иднината на земјата е доведена во прашање, туку дека коалицирањето меѓу левите и десните може да биде знак за стратешко репозиционирање на македонската политичка сцена. Клучниот политички влог, кој среднорочно ќе ги одреди политичките односи во земјава, треба да биде европското прашање. И затоа мислам дека застарената идеолошка „лево-десна“ поларизираност ќе нема никакво влијание врз новите распореди на моќта.

ВМРО ДПМНЕ, откако е дојдена на власт, си ја одбира позицијата радикално десно, недвосмислено застапувајќи ги дури и најзабеганите и најанахроните десничарски политики (хомофобија, антиабортус, омраза кон граѓанскиот сектор, антиевропејство итн.). Се покажа дека на краток рок таквото позиционирање дава резултати (особено ако истовремено работите на уништување на општеството преку неуморното произведување нови поделби и катастрофално неодговорните економски политики). Но, заземањето на најекстремната десна страна од политичкиот спектар долгорочно не е добра политика, оти го намалува коалицискиот потенцијал. Голема е можноста ДПМНЕ во некоја нормална иднина (без граѓанска војна и расцепи) да биде изолирана како радикална десничарска партија, слично како што во Европа беше изолирана партијата на Хајдер. Во Европа, всушност, многу е јасна таа политичка тенденција радикално левите и радикално десните да бидат ставени на политичките маргини, а клучната борба да се одвива во центарот.

Во Европа, всушност, се случува необичен микс меѓу левите и десните политики.

Холандија е интересен пример, особено поради неодамнешните избори. Пим Фортјун, влијателниот десничарски популист и демагог, но и отворен хомосексуалец, вака вели, застапувајќи ја својата антимуслиманска агенда: „Не гледам зошто одново треба да се бориме за правата на хомосексуалците и еманципацијата на жените“. Талибанските ретро десничари во ДПМНЕ не можат да ги разберат ваквите европски тенденции, кога националистички и антимуслимански агенди одат во комбинација со геј правата и со другите права од социјалната револуција во шеесеттите години. Тоа можеби е шанса некои поинтелигентни и посовремени десничарски политики да го заземат десниот центар од кој ДПМНЕ сосема избега ловејќи ја наклонетоста на сè помногубројните лумпен пролетери и очајници (кои владата на Груевски ги произведува со неверојатната транзициска брзина од деведесеттите; дојдовме до тоа дереџе што дури ни основната здравствена заштита веќе никому не е гарантирана).

Раслојувањето на десницата на Западот се случуваше кон крајот на седумдесеттите, со слабеењето на „државата на благостојбата“ (левичарски политички модел кој доминираше триесетина години) и со помрднувањето на политичкото клатно кон либералниот центар. Сите три типа на десницата, социјално-либералната, неолибералната и револуционерно-екстремистичката, тогаш стануваат меѓусебно непријателски расположени; со таа важна разлика што првите две постојано ќе се движат во рамките на либерално-демократскиот поредок, додека третава ќе биде отворено и директно против него (како што кај нас ДПМНЕ работи против демократскиот поредок, сеејќи страв и закани на сите страни, од судството, преку медиумите до директното жигосување на поинакумислечките поединци).

Велам, европското прашање треба да стане клучно македонско политичко прашање, слично како што тоа се случуваше во Европа во седумдесеттите. На пример, својот европски и својот либерално-демократски идентитет европските демохристијани во 1976 година ќе го потврдат со создавањето на „Европската народна партија“ (десноцентристички пандан на „Социјалистичката интернационала“). И двете структури, и левиот и десниот центар, оттогаш се обидуваат да бидат носители на широкиот граѓански консензус и чувари на европската стабилност и рамнотежа. И едните и другите „центристи“ се обидуваат и успеваат да ги маргинализираат радикално левите и пред сè радикално десните политики (заради длабоко вкоренетата европска вредност: антифашизмот). Повторувам уште еднаш: дури и на релативно неупатените почнува да им станува јасно дека рушењето на Груевски е најголемиот политички приоритет, просто прашање на опстанок на земјава. Но, рушењето на оваа власт може да биде залог за една општо подобрена конфигурација на целата политичка сцена, залог за многу потолерантно разбирање на политиката.

Лесинг низ својата славна парабола за прстенот ни дава слика за тоа како треба да изгледа „толерантната религија“. Еден татко имал три сина и еден прстен, кој имал моќ оној што го носи да го направи угоден и за бога и за луѓето. Кој треба да го наследи прстенот? На таткото сите синови му биле подеднакво драги, така што тој направил две копии и на секој син му дал по еден прстен како да е вистински. Сите тројца синови, сега убедени дека го имаат вистинскиот прстен, настојуваат да водат живот угоден и за бога и за луѓето, така што никогаш нема да се дознае кој всушност го наследил прстенот.

Поуката на приказнава е дека мораме да се ослободиме од сликата за поседување на апсолутната вистина. Сите религии (сите политики) се подеднакво оддалечени од вистината, којашто никогаш не ја поседуваме, туку кон неа можеме само да стремиме.

фотографии: Garry Trinh

„Глобус“, 22.06.10.

Драго ми е што текстот на

Драго ми е што текстот на Гелевски, на некој начин, се обидува да ги пацификува македонската левица и десница (во тоа ново консолидирање на политичката сцена, се разбира, не би требало да има место за сосема дискредитираните Љубчо Георгиевски и Никола Груевски). Се чини дека намерата е конструктивна, но прашање е колку навистина ќе ја помрднат овдешната демократија ликови како Бранко Црвенковски, Љубе Бошковски, Тачи, Ахмети, Андов, Лиле Поповска, Трајанов, вечниот калкулант Манасиевски (во друштво со, благи боже!, Боцевски химселф!) итн.
Треба да се работи на создавањето нови актери на политичката сцена. За жал, се покажа дека токму новите млади актери (пред се’ оние околу Груевски) се најпогубната можна политичка иднина на Македонија: ем неспособни, ем глупи, ем алчни и страсни во својата глупост. Како да се излезе од тој маѓепсан круг на дискредитираните „стари“ и хиперкорумпираните „млади“?!

Слични статии

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото