Првомајска

01.05.2009 11:25
Првомајска

Вуна

Денес е Први Мај, денот на трудот. Пред 123 години, група работници и анархо-синдикалисти во Чикаго се кренаа на протести барајќи воведување осумчасовно работно време. По неколку дена, нивното востание беше задушено во крв, а некои од идеолозите на протестот беа осудени на смрт.

Многумина ќе речат дека главна заслуга на Чикашките настани е тоа што денес осумчасовното работно време е стандард кој не смее да се прекрши. Но, тоа е само една од можните манифестации на она што беше изнудено во 1886. Вистинската придобивка може да се разгледува само низ леќата на етиката. Вистинската придобивка на Првомајските побунети, оттаму, е победата на иделот за рамноправен третман на секое човечко битие.

Но, победата на еден идеал не значи дека тој станал општоприфатен и спроведен во пракса. Конкретно, зборувајќи за третманот на работникот и обичниот граѓанин – и покрај напредокот на генерално ниво (уште повеќе во посебните случаи), се’ уште преовладувачката слика е далеку од прокламираното од страна на хуманистичките мислители пред век и пол.

Согледувајќи го континуитетот од тогаш до денес, слободно може да се заклучи дека позициите на граѓаните спрема општеството се драстично променети. Тогашната слика во голема мера била една рововска битка помеѓу задоволните и незадоволните, една диференцирана поделба по класи која понатаму ги индуцирала сите социјалистички, марксистички и анархистички движења. Денес, после сите преживеани општествени револуции, светски војни и сл., се чини сликата е многу позамачкана.

Се разбира, со текот на времето прогресивните идеи забележувале победи. Осумчасовното работно време, универзалното право на глас за мажи и жени, расната и етничката рамноправност – тоа е само дел од победите извојувани, се разбира, со непроценливи жртви.

* * *

Да бидам искрен, скоро налетав на податокот дека Први мај во Македонија за прв пат е одбележан пред точно 100 години. Во 1909 година група работници, водени од “чикашкиот” идеал, побарале од Отоманската власт воведување осумчасовно работно време и рамноправен третман. Исто така, скоро налетав и на податокот дека 100 години по 1909, македонските синдикати се откажале од намерата за организирање Првомајски протест.

Од најавеното до денес, единствената протестна активност за Први мај ја најави Движењето за социјална правда - “Ленка”, во чие основање учествував и јас. Со другарите од “Ленка” и претходно сме се бавеле со протести, излегување во јавност и барање, меѓу другото, поголеми социјални права. Една акција која ми текнува, на пример, која сме ја организирале со Ленкашите, е иницијативата за укинување на партиципацијата на државните факултети. Таа иницијатива беше водена од нас неколкумина студенти, кои можевме да си дозволиме да платиме партиципација. Значи, не ни беше дојден нож до коска, туку бевме водени од идеал дека образованието не е стока или услуга, па да се плаќа. Организиравме неколку трибини и концерт на кампусот на УКИМ, и можам да кажам дека не успеавме да постигнеме ништо посебно. На трибините доаѓаа едни-те-исти луѓе (некои од нив не беа ни студенти), потписи не успеавме да собереме, од некои невладини не добивме поддршка зашто сме биле прерадикални, а од официјалното претставничко тело на студентите чии членови ни ги кинеа плакатите, добивме само закани дека ќе бидеме суспендирани од полагање. И тука студентскиот бунт заврши. Но, за мене тие аспекти на нашиот неуспех беа најмногу резултат на неискуство. Она што го сметав за најпоразително беше моментот што не ни се приклучи речиси ниту еден материјално необезбеден студент кому навистина ќе му значеше укинувањето партиципација.

Такво нешто верувам ќе се случува и во иднина. На пример, на Првомајскиот протест на “Ленка” очекувам да има одреден број присутни, но повеќето од нив нема да бидат многу засегнати за своите работнички права; додека оние чии работнички права се кршат веројатно ќе бидат некаде на пикник. А поголем пораз од тоа нема – зашто тоа ќе значи пораз на идеалот за кој луѓе порано дури и гинеле. Тоа ќе значи дека идеалот останал за оние кои го прочитале во книга или на интернет, додека оние на кои таа борба се однесува, ко што реков, ќе бидат на пикник.

Тоа е така зашто идеалите (на хуманистичката и прогресивна политика) во Македонија денес се девалвирани. Не велам дека ситуацијата во светот е нешто порозова; македонското искуство сведочи за триумф на еден комплекс од реализам, цинизам и псевдо-пост-модернизам, комплекс кој го уништи идеализмот. Суров реализам е гледањето на општествениот поредок низ призмата на еволуционизмот – “посилниот победува”, отпишувајќи го послабиот, отпишувајќи се и себе си од било каква борба за промена на таа реалност која не ни се допаѓа. Меѓу “реалистите” ги вбројувам сите оние кои се свесни за својата лоша состојба, а кои мислат дека не можат да ја сменат поради општествената констелација. Огорчениот цинизам, пак, е “скопскиот” потценувачки однос – “како да не бе”, кој врз “реалното” гледање на работите додава и доза на сарказам, демотивирајќи ги оние кои решиле да одат против реалноста. Тука ги вбројувам сите оние “на кои им е преку глава од политика” и за кои оние што се жртвуваат не се ништо повеќе од “будали”. (Псевдо-)Пост-модернизмот пак, го гледам во релативизирањето и деконструирањето на статичните гломазни реторики, преиспитувајќи дали чини или не чини да се поддржи некоја акција, дали организаторот бил воден од личен интерес или има идеал, дали вреди да се гине за тој идеал и слично. Тоа го гледам кај сите оние кои велат “да, во право си, ама шо знам, абе, туц муц” и слично.

Можеби овие три категории се произволно бележани, ама едно е сигурно: во Македонија прогресивните идеали се во дефанзива. Идеалите ги шири, за жал, ВМРО. Она што го кажав во минатиот текст, ќе го повторам: крајно ирационално, ВМРО нуди одговор на сите прашања и така го шармира очајниот народ. Колку ВМРОвските идеали се доминантни сведочат два примера. Прво, жените од Социјалистичката партија деновиве ревносно се бореа за веронауката наместо за социјализам (да, тие се во коалиција, но овде ја потенцирам вредносната матрица – социјалистки бараат веронаука?!). Второ, Студентското преставништво исто така бараше веронаука, а ниедно студентско движење не се огради (во исто време нивните колеги во Хрватска бараа бесплатно образование). ВМРОвскиот фанатизам апсорбира како Борг. Затоа работниците нема да протестираат на Први мај. Впрочем, не знам дали ви текнува на една од серијалот пропагандни пораки на ВМРО: работник, страда за време на транзицијата. Додека е во немаштија, тој верува во нацијата, семејството и традицијата (ваљда и во Господ). Така успева да заработи пари, да почне бизнис и да стане среќен. Иако нема многу смисла, според рекламата, сепак токму вербата во тие идеали (чие олицетворение е самото ВМРО), му помогнала на работникот да успее. Да, ВМРОвизмот нема смисла, ама нема ни алтернатива. Зашто ако не си ВМРО, најверојатно ти останува да му речеш на работникот дека протестот е нереален, а плус па и кој ќе го слуша, а па и зашто да протестира најпосле, нели?

Сепак, едно е вистина: без работници нема да има компании. Без студенти нема да има факултет. Без народ, нема да има влада. А не обратно. Тоа е една ситуација која мора да се искористи за да се промени реалноста. Затоа, да се биде реален, всушност значи да се бара невозможното. Никогаш не е доцна за освестување и никогаш не е доцна да се биде идеалист. Честит Први мај на сите оние кои сакаат да го променат светот на подобро и особено на оние работници кои, ко што вика еден другар, “не сакаат да трпат срања”.

Слични статии

Вуна

ОкоБоли главаВицФото