
Истражувањата покажаа дека иако мозокот успорува со текот на годините, тоа само помага постарите лица да имаат попромислени и помудри реакции.
Старите навистина биле во право – мудроста се стекнува со годините, тврдат научниците. Постарите лица се помалку импулсивни, покажаа истражувањата.
За разлика од младите, со мозокот на старите лица не владеат хемикалиите кои предизвикуваат силни емоции и импулси. Значи, нивните побавни реакции се навистина попромислени и „помудри“.
Научниците ги скенираа мозоците на 3000 жители на Калифорнија на возраст меѓу 60 и 100 години. Резултатите покажаа дека постарите лица губат време на реакција, но тоа се надоместува со носењето подобри одлуки.
Професорот Дилип Џест од Универзитетот Калифорнија во Сан Диего вели дека врз постарите лица помалку влијае допаминот, кој е вклучен во системот за надградување во мозокот и кој помага сигналите да поминуваат меѓу невроните.
„Факт е дека постарите луѓе побавно реагираат од младите и многумина сметаат дека тоа е недостаток. Но тоа не е секогаш случај“, тврди професорот Џест.
Мозокот на старите луѓе е помалку зависен од допамин, па со самото тоа тие се помалку обземени од емоции и се помалку импулсивни.
„Мала е веројатноста дека старите лица непромислено ќе реагираат на негативните емоционални дразби, бидејќи нивните мозоци се побавни во однос на младите лица. Ова, во суштина, е она што ние го нарекуваме мудрост“, беше кажано на Кралскиот колеџ за време на Меѓународниот конгрес на психијатри во Единбург.
„Со истражувањето беа идентификувани четири области на мозокот кои придонесуваат за мудроста. Кај постарите лица има повеќе активности во овие делови на мозокот, што доведува и до помудри одлуки“, додава Џест.
Скенерот исто така покажа дека мозокот никогаш не ја губи способноста да расте, што значи дека и бабите и дедовците немаат изговор да го избегнат учењето нови вештини.