Пред нешто повеќе од десет години стигнаа првите вести, од САД, за сè пораниот почеток на пубертетот. Научните кругови ја објаснуваа појавата со зголемиот број деца со прекумерна тежина, преголемото седење пред електронските уреди и зголемената конзумација на хормонски третирана храна.
Истражувањето на Универзитетот од Копенхаген покажа дека возраста на девојчињата и момчињата кои влегуваат во пубертет е сè помала, а оваа промена во Европа се случила за многу краток период.
Кај девојките, почетокот на пубертетот сега во просек почнува за една година порано – уште на 11 години. За момчињата границата се намали за 4 месеци и почнува веќе на 10 години.
Посебните истражувања во Холандија и Италија ги потврдија овие наоди. Ендокринолозите известуваат за зголемениот број деца со симптоми на преран пубертет.
Д-р Ричард Стенхоуп, од Great Ormond Street Children's Hospital од Лондон, смета дека ова претставува проблем бидејќи психичкиот развој не го следи телесниот, па децата не можат да се справат со изгледот кој покажува повеќе години одошто имаат.
„Тие се физички спремни за сексуална репродукција, но ментално неспособни“, вели тој, додавајќи дека поради тоа се поранливи на обидите за сексуално злоставување и тинејџерска бременост.
Кај момчињата тоа може да се манифестира преку ризичното однесување и злоупотреба на алкохол и наркотици. Се смета дека зголеменото ниво на машкиот хормон тестостерон може да доведе до агресија кај момчињата кои се премлади за да ги контролираат импулсите.
Освен тоа, децата се свесни за разликите меѓу себе и своите врсници кои сега им делуваат детинесто, па почнуваат да се дружат со постари или да се срамат поради својот забрзан развој, држејќи се подгрбавено и сокривајќи ги облините со облеката.
„Да се вклопиш во друштвото им е многу битно на децата“, смета британскиот психолог Линда Блер. Многу психолошки проблеми знаат да започнат токму во пубертетот, а според неа, наглиот пораст на оние кои поради пубертетот се поинакви е причина за нивното страдање.
Калоричната храна веројатно делумно е виновна за овој тренд, но не може целосно да го објасни. Имено, италијанското истражување сугерира дека светлината и зрачењето од ТВ и компјутерските екрани можеби го поттикнува производството на хормонот мелатонин кој го регулира внатрешниот биолошки часовник. Според научниците, мелатонинот ја спречува прераната појава на пубертетот.
Освен тоа, хемикалиите, како фталат или бисфенол А, кои делуваат на нашите жлезди, се главните осомничени бидејќи можат да го попречат хормоналниот развој или да имитираат одредени хормони. Сите ние секојдневно сме изложени на различни коктели хемикалии, а децата, чиј организам допрва се развива, се посебно ранливи.