
Веројатно ниту една сила на модерното движење не е толку сеприсутна, а сепак не и’ се посветува доволно внимание како глобалната миграција, тоа орудие за креативно уништување кое сè повеќе го преуредува светот. Не и’ се посветува доволно внимание? Скептикот би се запрашал во врска со таквиот став, кога ќе земеме предвид колку оваа тема се споменува во вестите. На крајот на краиштата, кампањата која во Аризона се води против илегалните доселеници ги поттикна расправите од Мелбурн до Мадрид. Меѓутоа, миграцијата исто така го обликува пејзажот под површината на навидум неповрзаните настани за кои одекнуваат насловите во весниците.
Тоа е приказна зад приказната. Дури и луѓето на кои проучувањето на миграциите им е работа во целост не можат да го сфатат нејзиното влијание. „Политички, социјално, економски и културолошки – миграцијата се наоѓа на сите страни“, вели Џејмс Ф. Холифилд кој се занимава со политички науки на Универзитетот Southern Methodist во Далас. „Често не знаеме да го препознаеме тоа.“ Зошто Гугл ја затвори канцеларијата во Кина, наместо да ја прифати цензурата на владата? Несомнено станува збор за многу фактори. Но, еден од оние што ги спомена Сергеј Брин, еден од основачите на Гугл, е репресијата која неговото семејство ја трпела во поранешниот Советски Сојуз и заради која емигрирале во САД додека тој бил дете.
Имиграцијата го забрза горчливото раздвојување во американското движење за работнички права. Во 2005 година шест синдикати ја напуштија почитуваната Американска федерација и основаа друг сојуз, „Со промена до победа“. Дисидентите во своите редови ги прифатија доселениците кои работеа за мали надници. Раздвојувањето, сепак, имаше последици кои одат подалеку и од работничкото движење. Џенис Фајн, професорка по политички науки на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, изјави дека сојузот на синдикати „Со промена до победа“ одигра важна, ако не и пресудна улога во раната фаза од претседателската кампања на Обама. „Ако беа дел од поголем бирократски систем, ќе им беше потешко да дадат поддршка на почетокот на кампањата и да ги пренасочат парите кон Обама“, вели професорката Фајн.
Теоретичарите понекогаш движењето на луѓето го нарекуваат трет бран на глобализацијата, по движењето на робата (трговијата) и движењето на парите (финансиите) кои почнаа во претходниот век. Ако глобалната трговија и финансиите ги нарушуваат животните текови, тоа го прават на помалку видлив начин.
Маичката изработена во Мексико американскиот работник може да го чини неговото работно место. Работникот од Мексико би можел да се досели во куќата покрај неговата, да ги школува децата и можеби никогаш нема да научи англиски јазик. Една причина за толкавата моќ на миграцијата е фактот што таа се појави неочекувано. Уште во текот на седумдесеттите години на минатиот век имиграцијата изгледаше толку малку значајна што заводот за статистика на САД реши да престане да бара податоци за местото на раѓањето на родителите. Денес една четвртина од жителите на САД помлади од 18 години ја сочинуваат доселеници или деца на доселеници. Обединетите нации проценуваат дека во светот во овој миг постојат 214 милиони мигранти, што е пораст од околу 37 отсто за дваесет години. Бројот на мигрантите во Европа порасна за 41 отсто, а во Северна Америка за 80 отсто.
„Моментално мобилноста во светот е поголема отколку кога било во историјата“, ни изјави Гери П. Фриман, професор по политички науки на универзитетот во Тексас. Најпознатите земји во Европа од кои луѓето заминуваа – Италија, Грција, Шпанија – одеднаш станаа дестинации на мигранти, а во Ирска во 2007 година за прв црнец градоначалник е избран човек кој е роден во Нигерија. Колку и да е спорно ова прашање во Америка, на моќта на САД да примат доселеници завидуваат многу Европејци, дури и оние кои не се склони да им завидуваат на Американците. Сепак, предизвиците на денешницата се разликуваат од предизвиците (на митологизираното) минато. Има најмалку четири фактори на различности кои денешното време го прават поинакво и ги засилуваат ефектите на миграцијата. Првиот е глобалниот дострел на миграцијата. Движењето на луѓето во 19 век главно се случуваше преку Атлантикот. Денес Непалци работат во корејски фабрики, а Монголците извршуваат физички работи во Прага. Фирмите во Персискиот залив би пропаднале без прилив на голем број странски гости. Исто така, фактор кој е поврзан со доселеништвото е феминизацијата: речиси половина од мигрантите на светот денес ги сочинуваат жени, а многу зад себе ги имаат оставено децата.
Меѓутоа трговијата со жени стана светски проблем. Технологијата воведува трета разлика во денешната ситуација во однос на минатото: масите луѓе на островот Елис стигнуваа без мобилни телефони и интернет камери. Денес дадилката на Менхетен може да разговара со своето дете во Мексико, да гласа на мексиканските избори и да гледа мексикански телевизиски серии. Овој „транснационализам“ теши, но и ги загрижува оние кои сметаат дека ја спречува интеграцијата. Во време на глобален џихад би можел да стане и закана за сигурноста. Пакистанските доселеници кои ја признаа вината за обидот за бомбашкиот напад на Тајмс Сквер изјавија дека инструкциите ги добивале од Јемен преку интернет. Барем уште еден фактор го зголемува влијанието на модерната миграција, а тоа е очекувањето дека владата ќе врши контрола. Во Америка во 19 век немаше правни пречки за влез во земјата. Прашањето беше и тоа како спорно, но владата врз себе го преземаше само незначителниот дел од вината. Денес од владите од западот се очекува да го поттикнуваат туризмот и трговија, како и да ги почитуваат етничките права, но покрај тоа да се запечатат границите. Секој нивен неуспех ја намалува вербата во способноста на федерацијата. „Тоа едноставно на луѓето им кажува дека владата не знае да ја извршува својата работа“, вели Диметри Пападеметриоус, еден од основачите на Институтот за политика на миграцијата со седиште во Вашингтон. “На тој начин се создава антивладина реторика за која сведочиме, но и гнев кои луѓето го чувствуваат.“
Извор: Њујорк тајмс