
Фондацијата на Мендела, наречена 46664, започна акција која беше потврдена со резолуција на ОН, роденденот на Нелсон Мандела, 18 јули, да се прогласи за Ден на Мандела и да се слави секоја година низ целиот свет, од Јоханесбург до Њујорк.
46664 претставува непрофитна организација чие име потекнува од затворскиот број на Мандела кој цели 27 години претставувал негова идентификација во затворот. Оваа организација е создадена за борба против сидата, сиромаштијата, лошото образование и за подобрување на здравствените услови, не само во Африка, туку и во целиот свет.
Денот на Мандела не е празник; тоа е повеќе глобално движење кое на акција ги повикува поединците и организациите ширум светот, со само една единствена порака – да го променат светот на подобро.
Пораката на кампањата на 46664 е едноставна: Нелсон Мандела посвети 67 години од својот живот борејќи се за подобра и послободна Африка и за подобар свет во кој живееме. Сè што бара оваа кампања од нас е тој ден да посветиме симболични 67 минути доброволна општествена работа или преку доброволни прилози да покажеме дека малку е потребно за да ги подобриме своите животи.
Харизматичниот Мандела со својот личен пример, со скромниот и едноставен пристап кон проблемите ни покажа дека промените зависат од сите нас, а на тој начин инспирираше и поттикна многу други луѓе, на кои им ја врати изгубената надеж, посебно на својата земја со огромни расни и етнички разлики, драстична подвоеност и немири – Јужноафриканската Република.
Тој помина 27 години во затвор, но оттаму не излезе гневен и подготвен за одмазда. Го воодушеви и зачуди светот со својот разум и толерантност, како и со искреноста во борбата да му се врати угледот и почитта на огрденото лице на Африка.
„Време е поколенијата што доаѓаат да ја продолжат борбата против општествените неправди, како и борбата за човековите права. Сè е во нашите раце“, изјави Мандела за време на посетата на Лондон во 2008 г.
Оваа година Денот на Мендела се прославува во Мадрид.
Во 2008-та Денот на Мандела беше прославен со огромен концерт во Лондон, а 2009-та во Њујорк.
Мадрид ја приреди прошетката во Ретиро паркот. На концертите и аукциите на уметнички дела имаше многу присутни, а собраните средства ќе се пренаменат за фондацијата 46664.
„Неговата посветеност за демократска, мултирасна Јужна Африка, неговото упорно залагање за правда и подготвеноста да се помири со оние кои најмногу го прогонуваа – се само неколку од особините на овој исклучителен човек“, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
Погледнете неколку импресивни фотографии од серијата со познати личности кои се следбеници на пораката на Мандела.












Извор: P.U.L.S.E