Последниот европски диктатор

20.07.2010 14:06
Александар Лукашенко

Веќе никој не го сака белорускиот претседател Александар Лукашенко. Дали се ближи крајот на последниот европски диктатор? Ќе излезе ли десетмилионската Белорусија од изолацијата и ќе им се придружи ли на европските текови? Оваа сè уште неафирмирана земја како да западнала во временска дупка.

Но дека конечно би можело да дојде до пензионирање на Лукашенко покажува и фактот дека го напуштија и неговите досегашни покровители од Кремљ, кои почнаа да го честат со непопуларната „титула“ – диктатор, реликт од времињата на Студената војна.

Лукашенко, едноставно, почна да им оди на нерви на сите околу него. Имено, тој им се измолкна од контрола на Русите кои со години го спасуваа и поддржуваа. „Русија“, вели Александар Козулин, еден од ретките гласни противници на Лукашенко, „по 50 милијарди вложени долари во неговата поддршка, сфатија дека тоа не е доволна гаранција оти тој ќе игра според нивната музика“. Козулин се натпреваруваше за претседателскиот мандат, но сè што успеа да добие е затворска казна од пет години. По 2 години беше пуштен од затвор во замена за германски кредит.

Наспроти своите ветувања, Лукашенко одби да ги признае одметнатите грузиски покраини Абхазија и Јужна Осетија, потоа одби да му плаќа гас на Газпром според светскиот ценовник, што ова лето доведе до краткотрајна криза во испораката на гас во Европа. Лукашенко тогаш се сврте кон својот „заколнат непријател од Западот“ (позната е неговата изјава дека Западот е расипан и дека Белорусија претставува рај во центарот на европскиот капиталистички хаос) со кој склучи одредени договри – ослободување на политичките затвореници во замена за кредити.

Најмногу иритираат неговите пријателски односи со Иран и Венецуела, за кои вели дека му порачуваат: „Ќе ти дадеме онолку кредити колку што сакаш!“ Лукашенко претставува вистински постсоветски тиранин кој, по двата претседателски мандата, освоени со севернокорејско мнозинство, си овозможи себе си неограничен број претседателски мандати. Сето тоа, заедно со безочното угнетување на опозицијата во кое има и ликвидации, доведе до, како што вели некогашниот член на Претседателството на СФРЈ, Васил Тупурковски, „непринципиелна коалиција“ меѓу Москва и Брисел која на крајот би можела да резултира со симнување на озлогласениот европски деспот од власт.

„Лукашенко е сè понесигурен“, вели политикологот Константин Затулин. „Тој се обидува да балансира меѓу Русија и ЕУ, но тој сепак е ’мал играч’ кој нема да може да ги прелаже. Но засега е недопрен, иако не е лесен плен“, е уверен Затулин. Според него, Белорусија денес изгледа како Украина пред „портокаловата револуција“, а времето на лажниот белоруски „позлатен кафез“ е пред својот крах и крај.

Во чекалницата за отфрлени диктатори Лукашенко има резервирано и достојно место, но се чини дека неговиот пад ќе почека уште некое време. Генадиј Сисојев, аналитичар во московскиот независен весник „Комерсант“, ни вели дека наспроти заедничката руско-европска коалиција против него, нештата околу Лукашенко не се баш најчисти.

„Имено, тој политички е многу силен во Белорусија. И на најчесните и најрегуларните избори, според сите проценки, може да освои најмалку 50% од гласовите. Покрај тоа, белоруската опозиција е слаба и нема некои фигури од национално значење кои би можеле да претставуваат реална опасност за Лукашенко“, вели Сисојев.

Белоруската опозиција е поделена, слаба и разбиена, и ограничена е главно на престолнината Минск. Лукашенко добро си ја завршил својата работа преку заплашувањата и заканите. Опозицијата е само брак од интерес меѓу силните, но малубројни националисти, како и прилично инертните и преплашени демократи без поддршка во внатрешноста, кои немаат доверба во сопствените сили, па дезориентирано се вртат или кон Европа, главно Варшава и Берлин, или кон Москва.

Лукашенко, нарекуван Батко (Татко), претставува последен остаток од архаичните полуписмени диктатори од советски тип. Тој е поранешен директор на селска задруга (колхоз) кој и целата Белорусија ја доживува токму така – како еден огромен колхоз. Кога Белорусија нагло се здоби со независност, Белорусите не знаеја што сакаат со неа, па Лукашенко најдобро го опипа расположението на народот, и преку борбата против корупцијата си обезбеди поддршка меѓу него. Тој, исто така, беше иницијатор на сојузот меѓу Русија и Белорусија, а едно време, пред крајот на несигурното владеење на Елцин, беше и кандидат за претседател на истиот. Но подоцна Путин му упати ултиматум – бидејќи не постои можност Русија и Белорусија да изградат рамноправен сојуз, Белорусија да влезе во Русија како составен дел. Тоа беше првата пукнатина во врската меѓу Лукашенко и Москва.

Лукашенко одредува која музика ќе се пушта на белоруските радио-станици, тој ја контролира кабелската телевизија, редовно му порачува на народот да се храни здраво и да вежба, предлага да се пегла навечер бидејќи тогаш струјата е поевтина, отворено им се потсмева на заканите од европски санкции, и без никаков страв од домашната јавност ги нарекува опозиционерите дебили и копилиња, а со еднострана одлука го промени историското знаме на Белорусија со она од советските времиња...

Уште една работа која им е јасна на Белорусите е следново – дел од посилните опозиционери исчезнаа или, пак, во недостаток на волја за жртва, по добивањето меѓународна поддршка, решија својата борба за националните интереси да ја водат од растојание, од Запад или од Москва. Сето тоа на Лукашенко му овозможува да си поигрува со интелигенцијата на сопствениот народ.

Голема прав неодамна крена филмот на руската ТВ станица НТВ, „Кумот Татко“ во кој, меѓу другото, Лукашенко се обвинува за мистериозните исчезнувања и смртта на своите главни противници: поранешниот претседател на парламентот Генадиј Карпенко, поранешниот министер за внатрешни работи Јуриј Захаренко, шефот на изборната комисија Виктор Гончар, па дури и личниот снимател на Лукашенко, Дмитриј Завадски. По прикажувањето на филмот Лукашенко побесне и побара забрана на руските телевизиски канали кои се прикажуваат на територијата на Белорусија.

Многу аналитичари на постсоветските настани се обидуваат да најдат логичен одговор на прашањето зошто Белорусите, еден симпатичен и кроток народ на источниот крај на Европа, го бираат тој недоделкан, безобразен и примитивен апаратчик за претседател. Која е тајната на неговиот успех? Според едни, Белорусите не знаеле што да прават со својата независност. На почетокот на 90-те тие „со задоволство би и’ го вратиле тој подарок на Русија“. Всушност, народот се плашел од губењето на заштитата од страна на моќниот СССР. Исто така, битно е да се напомене дека за време на комунистичкото владеење, Белорусите биле изложени на силна русификација, па денес едвај дваесетина проценти од населението го зборува белорускиот јазик кој во јавноста речиси и го нема, а белоруската самоидентификација е сведена на фолклорот. Важна состојка во непреченото владеење на Лукашенко претставуваа и евтините енергенси од Русија кои беа плаќани по повластени услови. Комуналните давачки беа минимални, а платите и пензиите никогаш не доцнеа. Исто така, тој успеа да зачува некои од најосновните социјални достигнувања од советскиот период како бесплатното школување, бесплатните детски одморалишта, основната здравствена заштита, евтиниот градски превоз. Белорусија денес е најсоветската република од сите поранешни републики на СССР во која речиси и да не постои невработеност.

Според политикологот Сергеј Младикевич, Белорусија ја заобиколија непријатностите на дивиот капитализам и пљачкашката приватизација. „Во Белорусија нема многу тајкуни кои би го предизвикале бесот на населението. Лошите примери од непосредното соседство и социјалниот крах на тамошното население се најдобрата пропаганда која се користи од страна на Лукашенко“, вели Младикевич. „Всушност, ако тој порано исплива на политичката површина како борец против корупцијата, дене с е најкорумпираниот во Белорусија.“

На згрозеност на меѓународната јавност, Лукашенко сака да се споредува со Хитлер и Сталин. Полицијата, тајните служби и органите на безбедноста се најважните делови на неговиот систем. Тој внимателно се однесува кон својот апарат на присила, па своите верни телохранители ги плаќа четири пати повеќе од Путин, а неговиот најстар син е висок функционер во националната безбедност.

Задоволниот полицаец и судија е важна ставка во поимањето на власта од страна на Лукашенко. Покрај тоа, полицијата доби огромни овластувања – може без предупредување на употреби оружје во спречување на антидржавни, т.е. антилукашенковски демонстрации. Исто така, Лукашенко во целост ги контролира и белоруските медиуми.

Белорусите се среќни во маѓепсаниот круг на својата дозирана и субвенционирана сиромаштија, а богатите не паѓаат толку во очи како во останатите земји. Но таквата политика не може да трае вечно. Политикологот Затулин тврди дека Белорусија, сега кога Русија ја крена цената на гасот и нафтата и го сопре увозот на храната, се наоѓа на работ на пропаста бидејќи државната благајна нагло пресуши, па веќе нема пари за социјален мир и плати за верните чувари на режимот. Ќе бидат потребни социјални резови. А што носи тоа?

Според политикологот Сергеј Марков, Лукашенко го очекува судбината на Милошевиќ. Проклетството на Белорусија е во тоа што Лукашенко е релативно млад диктатор. Има 56 години, се наоѓа во добра физичка состојба, и тешко дека доброволно ќе се симне од власт. Но колку ќе истрае трпението не само на Белорусите, туку и на ЕУ, САД и Русија кои се сè понервозни поради фактот што на своите граници имаат еден простачки тоталитарен режим?

Бисерите на Лукашенко

- Според една негова одлука, 75% од музиката на белоруските радио-станици мора да биде домашна;

- Дозволено е пеглање само навечер, кога има евтина струја;

- За антидржавно однесување казната изнесува до 35 илјади долари и 15 дена затвор;

- Белорусите смеат да купуваат странски производи само ако не постојат такви од Белорусија;

- Желба му е да стане претседател на Руско-белоруската државна заедница;

- Наредил секојдневно граѓаните на Белорусија да пијат млеко и јогурт;

- Им испрати телеграма со сочувство на семејството на Милошевиќ, нарекувајќи го во неа еден од великаните на човештвото.


Извор: jutarnji list

Слики: Tetsuya Ishida

ОкоБоли главаВицФото