И психичкото злоставување е казниво

21.07.2010 09:48
И психичкото злоставување е казниво

Францускиот парламент одобри закон според кој психичкото насилство во семејството отсега ќе се казнува со парични и затворски казни.

Одредени пратеници го критикуваа законот, истакнувајќи дека е многу тешко да се дефинира што, всушност, претставува менталното злоставување и да се докаже на суд. Меѓутоа, законот ја доби поддршката од владата и од опозицијата.

„Усвоивме многу важни мерки кои го препознаваат психичкото насилство бидејќи не се само ударите кои болат, туку и кажаните зборови“, изјави Надин Морано, министерка за семејни прашања, на конференцијата за новинари.

Секој што ќе биде прогласен за виновен според новоусвоениот закон може да добие до три години затворска казна или парична казна во износ до 75 000 евра.

Законот го дефинира психичкото злоставување како „чин кој се повторува, составен од зборови или други дејствија со цел понижување на нечиј начин на живот, кои, пак, предизвикуваат промена на нечија ментална или психичка состојба“.

Морано изјави дека во случај на обвинение за психичко злоставување на суд можат да бидат повикани сведоци и да бидат прикажани лекарски извештаи за заболувањето на пациентите од депресија.

„Судијата може да ги земе предвид и писмата или СМС пораките, или пораките кои се повторуваат, бидејќи сите знаеме дека психолошкото злоставување се заснова на навреди“, додаде министерката.

Законот ќе ги штити и жените и мажите, иако е општо познато дека жените се главно жртвите на ваквиот тип злоставување.

Според владините статистики, околу 675 000 жени биле мета на насилни напади изминатите две години во Франција, а од последиците на злоставувањето починале 122 жени во 2007 и 156 во 2008 година, додека убиствата како последица на насилството во семејството сочинуваат околу 20% од убиствата во Франција.

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото