Приказна за рускиот научник и ќерката на еден генерал

21.07.2010 14:49
Приказна за рускиот научник и ќерката на еден генерал

Устав на Руската Федерација

Член 61. точка 1. Граѓанинот на Руската Федерација не може да биде протеран преку границите на РФ, ниту предаден на некоја друга држава.

Точка 2. РФ им гарантира на своите граѓани заштита и покровителство и вон нејзините граници.

Да претпоставиме дека се викате Игор1 и дека имате, да речеме, 35 години. Вие сте научник. И не само научник, туку и атомски физичар. Државата на вашето образование потрошила многу пари и најмалку шест години колективен труд од највисок квалитет. А потоа истата таа држава се распаднала. Научниот институт во кој работите, заборавен и запуштен, набрзо заличува на депонија. Кој можел да побегне од него – побегнал, а кој не, заминал да продава фармерки на пазарите. Атомската физика тажно воздивна и со тивко гргорење потона во ѓубриштето, а вие, 35-годишен научник, граѓанин на РФ, станавте питач.

Да тргувате не умеевте, да крадете не сакавте. Единствено што сакавте во овој живот е да работите и да се занимавате со наука, па, без оглед на сиромаштијата и сите понижувања, вие продолживте да се занимавате со неа.

За да им обезбедите барем макарони за ручек на вашите деца, вие повремено фаќате некоја тезга и пишувате научни реферати за своите колеги од странство. За тоа ви ветуваат, да речеме, илјада долари. Бидејќи тој износ е еднаков на вашиот годишен приход, за вас тоа претставува вистинско мало богатство. Заминувате во библиотека, прелистувате книги, научни списанија и реферати од други научници, читате стенограми од научни конференции, истражувате на интернет, компилирате и составувате нарачан реферат. Кратко кажано, она што вие го правите е, всушност, препишување и користење на податоците од отворените извори кои им се достапни на сите.

И наеднаш, ви пристапуваат двајца. „Ти?“ – „Да, повелете.“ – „Си пишувал?“ – „Да.“ – „Дојди со нас.“ – „Каде?“ – „Во затвор. Таму им е местото на шпионите.“ „А бре, луѓе, нормални ли сте вие?! Ова што го пишувам можете да го најдете на секој интернет форум. Впрочем, одете по ѓаволите.“ – „Не, не, пријателе. Мораш со нас.“

И ве осудуваат на петнаесет години затвор.

И еве, веќе 11 години вие, атомскиот физичар, седите во затвор и плетете корпи. Вината не ја признавате, ништо не потпишувате и продолжувате да ги отфрлате сите обвиненија за шпионажа, нарекувајќи ги бесмислено бладање на тешко болен. Вие и понатаму верувате дека постои некоја виша правда и сè уште се надевате на неа. Ви остана уште само малку да одлежите, уште само четири години, и иако во кафез поминавте третина од вашиот животен век, почнувате да си мислите: сепак ги победив. И нека одат по ѓаволите сите тие години зашто не успеаја да ме скршат.

Но чесниот човек е a priori губитник во борбата со режимот, бидејќи режимот секогаш ќе се однесува како режим, а оној кој е чесен уште од раѓање има изграден рефлекс кој го спречува да прави подлости. И така, по 11 години, повторно ви приоѓаат некои нови двајца, кои овојпат ви го велат следново: „Потпиши. Ако не потпишеш, поради тебе уште други десетмина ќе гнијат во затвор.“ И вие потпишувате. Бидејќи можете да ја одлежите спокојно својата казна, ама не сте во состојба да си дозволите поради вас да страдаат други.

После тоа ве фаќаат за околувратникот и ве исфрлаат од земјата. Или, како што тие го нарекуваат, „разменуваат“. Ве менуваат како да сте чифт износени чорапи. И никого не го интересира дали вие го сакате тоа или не (а Уставот? Ха-ха...). Како што некогаш господарите меѓу себе ги менуваа своите кметови за други кметови или за коњи, така ве менуваат и вас. И тоа без семејството. Вашето семејство ќе остане кај стариот господар. Всушност, ви беше ветено дека повремено ќе ви биде дозволено да ја посетувате мајката и своите деца, ама не често и не долго.

И ете сте – 45-годишен научник, по 11 одлежани години за ништо, без професија и вработување, без пари и татковина, без семејство и стан, со уништена егзистенција, посрамотен и продаден од сопствената земја, како целосно безвреден фантомски шпион, фрлен на ѓубриште, стоите сам во Виена и полека полудувате...

А зошто?

Еве зошто. Сето тоа се случува само затоа што во Америка, поради перење на поголеми износи пари, е уапсена црвенокосата ќерка на некој важен руски генерал.

Понекогаш ми се чини дека постапките на државниците од мојата земја и мене полека ме водат во лудило.

1Игор Сутјагин, еден од четворицата руски граѓани осудени за шпионажа кои беа разменети за руски шпиони од САД во Виена на 9.7.2010


Извор: Новая Газета

Дизни-ленд

Ајде сега малку поинаков поглед: атомскиот физичар, освен од отворени извори, податоците ги прибирал од своето работно место (што се коси со работната етика, камо ли со кривичниот законик!), како што беше докажано во текот на неговото судење. Преку Атлантикот имаме 10 шпиони, кои не се осудени за шпионажа, туку за проневера на 100.000 долари во рок од 10 години, што ако поделиме, помножиме и пресметаме, тоа е некаде колку 2 пакла цигари месечно по секој член на групата. Навистина, огромна проневера, што може да се спореди само со пирамидата на Медоф. Сето тоа смрди на една единствена работа: тајните агенти на CIA, FBI, NSA или кој и да ја следел оваа група во тек на цели 10 години, морале некогаш да дадат отчет за својата активност. Немајќи други резултати, без судење и набрзина, тие ја брануваат јавноста дека луѓето се „шпиони“ (судот го отфрли тоа обвинување) и ги трампаат за кој и да е, само да се извадат себеси. Навистина, следите некого 10 години, трошите огромни човечки и материјални ресурси, а се што имате е десет „илегални доселеници“, страшна работа, морате нешто да преземете, и преземате: пуштате абер по новинари, дигате малку врева околу шпионите и сега веќе никој не прашува каде отидоа парите, туку напротив, вие сте хероите што ја спасија демократијата од страшните руски шпиони. Ептен потсетува на Burn after reading, исти таков MCF (massive cluster fuck) како и во филмот, не е ни чудо што читателите на ВВС во Have Your Say се газеа од смеа по повод целата работа. За работата да биде уште посмешна, недела дена покасно, NYT и WSJ изјавуваат дека според нивните истражувања во тајните служби не се знае кој пие, кој јаде, ниту колку вработени има, ниту колку сето тоа чини, што индиректно ја потврдува оваа линија на размислување. Поздрав од Disneyland!

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото