
„Sign out” е насловот на серијата фотографии на полско-германскиот фотограф Јозеф Шулц. Уметникот низ одреден временски период фотографирал шарени рекламни билборди, знаци, реклами и натписи на кои наидувал долж автопатиштата во САД, а неодамна ги претстави на изложбата во галеријата Heinz-Martin Weigand во германскиот град Етлинген.
Она што е посебно во неговото дело е тоа што фотографиите по снимањето се дигитално обработувани и се отстранети буквите, зборовите и натписите, па формите на рекламите се оголени до максимална едноставност на боите и облиците. Токму тоа ги прави неверојатно интересни и чисти, земајќи го предвид фактот дека вообичаената иконографија на ваквите елементи за рекламирање може да се дефинира како кичеста, претерана и натокмена. Со бришењето на пораките Шулц успеал шарените знаци да ги претвори во убави и чисти основни форми кои се доживуваат како уметнички скулптури поставени во просторот.








Галеријата Heinz-Martin Weigand, која се наоѓа во релативно мал германски град на границата со Франција, позната е по тоа што им пружа можности за изложување на младите уметници, како од Германија, така и од Европа и САД.
Повеќе за овој автор ќе најдете на следниов линк: josefschulz.de
Извор: pogledaj.to