Две Илинденски слики

04.08.2010 13:17
Две Илинденски слики

 Од власта мора да се чуваш, особено ако ја имаш.

Отако ги изгледавме Илинденските собирања, комада четири (премиерската, президентската, спикеровата и анти-про европската коалиција на Тодор енд Васко), откако ги ислушавме илинденските говори и ги примивме ново-револуционерните пораки, може да се каже дека имаше што и да видиме, а и да чуеме. Водечките луѓе во државава го прикажаа во полн сјај своето разбирање на државата, нацијата, правдата, Европа, а Богами и светот.
 
Да не бидеме големи мрчатори и хипер-скептици, еве да почнеме од некои позитивни работи: во говорите на говорниците од естаблишментот имаше една нишка и обид да се одговори на критиките на политичките конкуренти, интелектуалците, странците. Колку и да беа троа рудиментарни тие обиди, сепак треба, ако не друго, да се нотираат. Еден од тие одговори беше на критиките „бутур поделби, јок преродба“. Не можеш да претендираш да ја преродуваш нацијата, а во исто време постојано да ја делиш како шпил карти. Се упати повик за обединување, но (ах тоа но!) видете почитувани, тоа обединување некако беше замислено можеби не директно против, но секако наспроти Европа.
 
Колку ова наспроти е далеку од против, допрва ќе видиме. На Европа и ЕУ им беа поделени лекции како треба да се однесува една Унија (ние на тоа секако имаме право, пред сè, затоа што богати со нашето југословенското искуство и знаеме како одат тие работи во големи фамилии), што Европа треба да почитува и како мора да нè третира. Токму од таа југословенска емпирија беше произведена и великодостојната порака дека „туѓото не го сакаме, своето не го даваме“. Европа мора да се определи со кого ќе биде, со добрите момци, т.е. нас, или со лошите, зли и огавни ... ги знаете веќе кои се. Тешка одлука за Европа, тешка, кој ли знае како само ќе реагираат на ова „или сте со нас или сте против нас!“
 
Втората колосална тема беше идентитетот. Ох, се извинувам за важна работа се работи, мора тоа да се истакне, се говореше за ИДЕНТИТЕТОТ. Со право, секако, зашто, како што разбравме, веќе подолго време била отворена ловечка сезона на нашиот идентитет, како национален, така и културен. Нацијата распната помеѓу двете контрадикции и контроверзии ([1] не даваме другите да ни го менуваат идентитетот, [2] Власта ќе ви го менува идентитетот колку сака, како сака и како таа цени дека треба - види на пр. т.н. антиквизација), па затоа јавноста мораше внимателно да ги слуша овие пораки. Една од нив, легитимно, беше дека Илинден е дел од нашиот идентитет, кој мора да се чува, почитува и негува, или упте поубаво, да го цитираме Претседателот, „Идеалот од првиот Илинден го оствари вториот Илинден. Идеалот на вториот Илинден го остваруваме ние по 8 септември 1991 година“.  
 
Е па, да видиме како се остваруваат идеалите и да го ставиме на демократски тест тоа како чуварите на идентитетот ги чуваат идеалите, со што, белким, го чуваат и идентитетот? Покрај идеалот за своја држава (чекирано 1945 и закуцано 1991), еден од идеалите на првиот Илинден секако е заедништвото и мултиетничноста на Македонија. Македонија е „заедничка наша мајка“ се вели во Крушевскиот манифест. Ќе пробаме да споредиме како се ословува земјата и оние кои живеат во неа 1903 и 2010, во манифестот на татковците на нацијата од првиот Илинден и Таткото на нацијата во оваа 2010.
 
Следниве ословувања, повици и обраќања се однесуваат на населението во Македонија, таа 1903:
 
Браќа земљаци, Мили комшии, Вечни комшии, Пријатели, Познајници, Мирнио, трудољубивио и чеснио нарот, Мили наши комшии, По таткојна и по страданија браќа, Немат да се докачиме и не ќа ве мразиме Ние сами ќа се бориме и за нас и за вас, ако јет потребно, До еден ќа умриме пот бајрако за нашата и ваша слобода и за нашето и ваше право, Верни и достојни синој на мајка Македонија, чесни и добри македонски синој, Рисјани, Турци, Арнаути и мусљумани…(Манифестот)
 
Вака се ословуваат и се апелира кон истите субјекти во 2010:
 
Граѓани на Република Македонија, Потомци на сите наши знајни и незнајни херои, Потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, Македонскиот народ (2), Најдобрите македонски синови,
Многу генерации Македонци , Македонски народе (вокатив), Нејзините граѓани, Македонците, Сите Македонци каде и да живеат...(говорот во целост).
 
Покрај позитивната емотивна обоеност и присност која зрачи од Манифестот, татковците на нацијата во обраќањето од 1903 во 746 зборови (или 3266 компјутерски знаци) на своите соземјаци им се обраќаат 13 пати. Таткото на нацијата во 2010 година во 2312 зборови (или цели 12 551 компјутерски знаци) сограѓаните (во етно-неутрална смисла) ги спомнува на 2 места („граѓани на Република Македонија“, „нејзините граѓани“). Кажано низ бројки (мошне популарен метод на естаблишментот денес) тоа е повеќе за 650%! (еве и табеларен приказ) Настрана од бројките, низ духот на словото, не само што провејува, ами дува, дува и фуче, злодухот на дволичноста: додека од една страна се проговара „апел да се престане со дневно-политичките поделби“, во следните реченици и обраќање веднаш се одговарa со поделбите, кои треба строго да диференцираат „етно-нација“ од нација. За нацијата овде нема место, на нацијата не и е дадена шанса.
 
Кај ли ќе им беше крајот на Американците ако, еве на пример 4 јули, беше вака третиран? Или Денот на мајката, само за потомците на британските доселеници? Или исклучиво за оние од Ирска? Да, „This is not America“, но некоја заедничка основа за нацијата, покрај територијата, мора да има.
 
И сето ова не само што доаѓа како порака и политички сигнал во 2010, туку доаѓа од позиција на (номинално) надпартиска институција, татко на нацијата, обединителот, помирувачот.
 
Страшна е помислата колку е свеста за мултикултурноста и нејзиното значење за Македонија и нејзиниот идентитет поголема и посилна во 1903 од онаа во 2010.
 
Каде ли е тука „остварување на идеалот од 1903“, навистина не ми е јасно?
 
Слика: Kyle Pellet

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото