
Речиси во секоја држава постојат целосно напуштени, сенишни градови кои, иако ја имаат сета потребна инфраструктура за нормален живот, зјаат празни и безживотни. Што се случило за во еден миг апсолутно сите жители да решат да се иселат од своите домови? Причините се најразлични, а ние ќе ви претставиме неколку од најинтересните примери.

Припјат, Украина
Некои од вас можеби ја помнат страшната нуклеарна катастрофа која се случи во Чернобил. Како последица на несигурниот дизајн на советскиот нуклеарен реактор и човечка грешка, на 26 април 1986 г. се случи експлозија која уништи еден од четирите реактори. Последица на експлозијата беше испуштањето огромни количини радиоактивна прашина која предизвика деветпати посилно радиоактивно загадување од она кое се случи во Хирошима по атомската бомба.
Поради безбедносни и здравствени причини беа евакуирани речиси 50 000 жители на градот Припјат кој за само неколку часа се претвори во град на духовите. 24 години подоцна градот изгледа како да е замрзнат во времето: на креветите сè уште се наоѓаат чаршафи, училишните клупи се полни со книги, забавниот парк не се преместил на друго место... Иако во градот почна да се појавува вегетација, па дури и диви животни како мечки и елени, во наредните 500 години тој сепак ќе остане забранета зона за човечкиот вид.

Скрунда, Латвија
На околу 150 км од главниот град на Латвија се наоѓа тајната населба Скрунда, изградена за време на Студената војна. Главната функција на оваа необична населба, која не била впишана во ниедна советска мапа, била барање објекти во вселената и спречување американски нуклеарен напад со помош на два огромни радари поставени во центарот на населбата. На една необична аукција одржана пред неколку месеци овој поранешен дом на 5000 луѓе, кој е напуштен повеќе од десет години, му беше продаден на анонимен руски инвеститор за 3,1 милион долари.
А што ќе стори тој со населбата од 45 хектари, во која се наоѓаат околу 70 згради (згради за живеење, училишта, бараки, клуб за офицери...) во прилично лоша состојба, ќе дознаеме, се надеваме, во блиска иднина.


Балестрино, Италија
На едно ритче во италијанската провинција Лигурија се сместило гратчето за кое постојат записи уште од 12-от век. Ова место е опкружено со идиличен пејзаж и се чини како совршено место за живот, меѓутоа, зад совршено зачуваните средновековни тврдини и ѕидини на ренесансните палати живеат само инсектите и дивите животинки. Поради сеизмолошки причини, односно, многу нестабилното тло, гратчето во 60-те години на минатиот век беше целосно напуштено, а околу 500 негови жители живеат во подножјето на ридот, покрај главниот пат. Ако сакате да видите совршено зачувано историско место, побрзајте во Балестрино, бидејќи веќе следниот земјотрес може да биде погубен за ова гратче.

Орадур, Франција
За време на Втората светска војна, поточно, во мај 1944, непријателските германски трупи добиле информација дека во малото француско селце се заробени и погубени германски офицери. Во стравотната германска одмазда погубено е речиси целото место, а само неколку жени и мажи успеале да го избегнат страшниот масакр. Деца и жени биле одведувани во црквата и биле запалувани живи, додека на мажите им стрелале во нозете и ги оставале со часови да умираат на улиците. По овој настан местото никогаш повеќе не било населено и е оставено недопрено во чест на жртвите.

Хашима, Јапонија
Необичниот остров на стравот и духовите Хашима претставува само еден од стотината напуштени јапонски острови. Некогашното рударско место, чие население се занимавало со ископување јаглен, било една богата населба на која и’ се смешкала блескавата иднина и се чинело дека ќе прерасне во вистинска метропола. Меѓутоа, судбината сакала да биде поинаку. Откако рудниците биле целосно истрошени, населението почнало постепено да се иселува, па овој град со своите тесни улички и необични згради му бил препуштен на забот на времето. Јапонските власти пред неколку години почнаа да го реновираат необичниот остров за да го претворат во интересна туристичка атракција.

Колманскоп, Намибија
Местото Колманскоп на југот на Намибија изгледа како да е изгубено во времето и просторот. Веќе стотина години под врелиот африкански песок се крие необичната традиционална архитектура на едно типично холандско село кое, иако е без жители, го поседува сето она што го поседувала една мала населба на почетокот на 20-от век: болница, училиште, театар, казино, сала за танц... Во 1908 г. населбата ја изградиле холандските доселеници кои биле привлечени од потрагата по дијаманти. Штом во 1956 г. наоѓалиштето „пресушило“, исчезнал и животот од холандско-африканската населба која денес може да се посети како туристичка атракција.

Вароша, Кипар
Жртва на политичките превирања, некогашната богата туристичка населба Вароша, во 1970-те беше освоена од страна на Турција која тврдеше дека тоа е нивна територија. Целото место е опколено со метална ограда и предупредувања кои го забрануваат влезот во населбата. По десетина години окупација не беше најдено решение за населбата, а хотелите и зградите кои беа оставени на милост и немилост на времето беа уништени. Единствените жители кои уживаат во благодетите на мирната туристичка населба се морските желки.

Агдам, Азербејџан
На југозападот на вечно погодената земја од војни Азербејџан се наоѓа градот Агдам кој порано броел повеќе од 150 000 жители, а денес лежи во урнатини, препуштен на временските прилики. Градот настрада во воените судири со соседна Ерменија за време на летните месеци на 1993 г. Ерменците се обидоа целосно да го уништат, а она што не успеаја да го уништат тие, го докрајчија локалните банди во потрага по градежен материјал.


Санжи, Тајван
Нагалено нарекуваната НЛО куќа или НЛО населба, настана во 1978 г. на западниот тајвански брег. Куќите со необичен изглед биле дел од туристичката населба предвидена за американските војници. Меѓутоа, проектот бил напуштен во 1980 г. поради големите загуби кои ги претрпел инвеститорот, но и поради необичните незгоди. Наводно, за време на градењето се случиле неколку необични несреќи за кои месното население тврдело дека ги предизвикала лутината на боговите поради уривањето на светиот кинески змеј. Зградите се снимани и фотографирани илјадници пати и се користени во различни рекламни спотови.
Извор: pogledaj.to