
Седнав да вечерам... ама бидејќи сам не се вечера, си пуштив телевизор. А на телевизија - што друго, ако не вести. Вести, вести, што годе. И ти слушам вест:
И сонувам дека почнале преговорите со ЕУ! О јее! Супер!
И само што тој стана, ете ти го Министерот за надворешни. И тој нешто ифрит лут и порачува, полека, но одмерено лутито: „На нашите пријатели од Европа мора да им порачаме дека треба да престанат да ги толерираат непринципиелните преговарачи од нивните тимови. ЕУ под итно треба да ги притисне своите тимови и да го променат својот однос кон нашите тимови. Очекуваме ЕУ да го направи ова“. И си оди и тој.
Ни два, а ни три, ете ти го министерот за Европски рабоќе, па и тој сака да каже нешто: „Ние остануваме посветени на преговорите и на своите евро-интеграции... што не значи дека треба нешто да направиме за да го докажеме тоа. Најважно е дека ние сме посветени на преговарањето, а од тоа секако мора да има резултати. Тоа е поважно дури и од самото преговарање“.
Само што замина тој, а ете ти го нашиот амбасадор во ЕУ. Тој фино, смирено вади едно пусулче и кажува: „Ние ќе се посветиме на тоа во текот на преговорите да ја убедиме ЕУ да ги смени своите основни принципи, да ги преиспита заклучоците од своите неколку последни самити и да ги прифати нашите забелешки за нив. Исто така ЕУ, која врши агресија на нашето законодавство, обичаи и вредности, ќе мора да се смени и на тој план. Тоа е нашата стратегија за интеграција во ЕУ и во текот на водењето на преговорите“. Заклучува тој и си заминува.
И ете ти го по него и претседателот на Европскиот македонски конгрес, кој онака од прва почна енергично: „На домашните врховисти и квинслинзи кои не се согласуваат со нас им порачуваме дека се предавници! И да не заборават, дека предавството не е демократија, туку кривично дело! Промената на нашите ставови, закони и позиции во преговорите не е право и слобода на мисла и говор, барањето за промена на нашите македонски позиции, и ставови е велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува! Оттука и предупредувањето: домашните врховисти и квислинзи да не заборават, дека ним судот на историјата и судот на народот, кога и да е, ќе им судат и пресудат. Барем ги научивме, бидејќи самите се обележаа и со име и презиме! Самите си ги покажаа роговите! Колку се погласни, колку повеќе ги злоупотребуваат медиумите и партиите за да го трујат народот и граѓаните, поблиску се до крајот!. Ние имаме
континуитет на постоење од 77000 години, а ЕУ колку има? Одвај дваесетина годинки! И кој тука треба да попушти во преговорите!“.