Пчелите на градоначалникот

11.08.2010 10:20
Пчелите на градоначалникот

„Наскоро ќе навршат 24 часа откако почина дедо ми. Сè уште лежи во собата, а надвор е плус 35 степени. Телото го покривме со мокар чаршаф, прозорот го затворивме за да го забавиме процесот на распаѓање, а под вратата подметнавме мокра облека. Да се добие телефонот на службата за итна помош или онаа за поглебални услуги е невозможна мисија. Во итната помош и полицијата креваат раменици: правеле сè што можат. Им велиме дека ќе им платиме, а диспечерот одговара:’ И ние би платиле, само ова да заврши’. Околу девет часот вечерта во Москва имаше веќе 800 мртви, а максималниот дневен капацитет на погребалните служби зинесува 300 лица. Никој не знае кога ќе дојдат по дедо ми. И ништо не може да се стори. Татко ми седи во кујната и чека. Мене ми се повраќа...“

На 9-ти август ова го напиша еден московски блогер. Катастрофалната ситуација во руската престолнина сè уште не ги натера властите да воведат вонредна состојба во градот, иако ги признаа статистичките податоци за јули, кои говорат дека смртноста пораснала за 2,5 пати. На лекарите им е забрането како причина за смртта да ги наведуваат топлотниот бран и интоксикацијата од чадот.

Педијатрите нагласуваат дека новороденчињата и децата на предучилишна возраст се најзагрозената категорија на населението и предлагаат итна евакуација барем на новороденчињата. Кај повеќето деца кои добија лекарска помош симптомите се исти: висока температура, конјуктивитис, вртоглавица, сува кашлица. Сите тие се симптоми на топлотен удар и труење, но дијагнозата што им беше напишана беше несвестица или вирус.

Додека Московјаните се гушат, градоначалникот на Москва Јуриј Лужков ја лечи повредата на коленото во Кицбиел и порачува дека проблемите со пожарите се проблеми на Подмосковието, а не на Москва. Но нешто друго го вознемири Лужков – кога му беа соопштени податоците за загадувањето на воздухот, овој страствен одгледувач на пчели итно нареди нивна евакуација на безбедна локација. Беа преселени во микрореонот Нови Лузки, покрај езеро. За акцијата за спасување, според Александар Сухов, главен пчелар кај градоначалникот, „беа нарачани кошници од специјален материјал, полистирол, кој има функција на термос; зиме во нив е топло, а лете студено. Никаде немав видено такви, зашто се изработуваат по нарачка, и кога го прашав Јуриј колку чинат, овој ми одговори – ска-по!“

Бидејќи летечките миленичиња беа згрижени, Лужков го прекина одморот и се врати во Москва, разговараше со Путин, а опозицијата закажа митинг „Ден на гневот“ за 12 август. Водачот на движењето „Лев фронт“, Сергеј Удаљцов, издаде соопштение во кое вели: „Московските власти многу добро знаеја за неповолната временска прогноза и беа должни навремено да им ја соопштат таа информација на Московјаните, како и да започнат кампања и да препорачаат мерки за заштита и однедување во ненормалните услови на жега и чад. Неопходно беше да се осмисли сместување во спортските центри, концертните сали, кино-салите и другите јавни достапни места, каде Московјаните би можеле да земат здив. Но ништо не беше преземено. Градоначалникот замина на одмор, а градските чиновници се однесуваат небаре сè беше под контрола. И дури на 8 август беше соопштено дека смртноста е двојно зголемена, а дека гробиштата и мртовечниците се парализирани“.

Познатите активисти Лев Пономарјев и Константин Косјакин на митингот ќе побараат итна оставка од градоначалникот на Москва. Градските власти го забранија овој протест.

Агенцијата за испитување на јавното мислење ВЦИОМ го измери падот на довербата на граѓаните во сегашната власт. Медведев од 44% падна на 39%, а Путин од 53% на 47%. Според податоците на Левада-центарот, довербата во претседателот се намалила од 39% на 38%, а премиерот од 48% на 44%.

Владимир Путин директно се вклучи во гаснењето на пожарот во Рјазанската област. За време на получасовниот лет во авионот амфибија Б-200, Путин седна на местото на копилотот. Во два наврати со по 12 тони вода успеаја да го изгаснат пожарот.

Извор: ИТАР-ТАСС

Слични статии

Општество

ОкоБоли главаВицФото