
Во Москва се создаде супкултурна, затворена, па дури и до одреден степен тајна група млади луѓе кои од своите врсници се разликуваат по тоа што своето време го поминуваат на покривите на московските високи згради.
„Покриварите“ (roofers) се качуваат на зградите за на мира да уживаат во погледот на градот, другите покриви и фабричките постројки во предградијата, а затворени се и тајни поради тоа што не сакаат да го шират кругот и на тој начин да има преголем број луѓе на покривите, па така да го привлечат вниманието на граѓаните и полицијата, а со тоа и да им се оневозможи пристапот до покривите бидејќи нивната дејност, според законот, преставува престап и се третира како хулиганство, за што следува и соодветна казна.
Од тие причини на покривите главно се оди во мали групи од по двајца или тројца. Не се знае колку точно групи има, но според некои интернет форуми на кои се разменуваат искуства и фотографии, се проценува дека се работи за околу две илјади лица во градот со 10 милиони жители.

Повеќето згради во Москва имаат заклучени влезови кои се отвораат со помош на кодови кои „покриварите“ ги пробиваат најчесто со многу едноставна метода – пробуваат различни комбинации со најизлижаните копчиња или им ѕвонат на станарите, претставувајќи се како поштари или соседи кои го изгубиле клучот. Кодовите кои ги отвораат вратите ги задржуваат за себе, за ова „движење“ да не добие на масовност.
Во текстот кој се појави во New York Times, покриварите – најчесто тинејџери или луѓе во своите рани дваесетти – велат дека тој обичај им се пикнал под кожа и дека им помага да ја разбијат секојдневната рутина, како и во мир, далеку од метежот на московските улици, опуштено да размислуваат бидејќи атмосферата на покривите, како што велат тие, е речиси духовна. Се бунат против тоа што луѓето ги поврзуваат со вандалите бидејќи нивната цел не е никакво уништување туку, напротив, се поистоветуваат со романтичарските вредности на претходните руски поколенија и се склони кон њу ејџот.

Инаку, Москва не е најидеалното место за набљудување на градот од птичја перспектива бидејќи уште од царски времиња високата градба е ограничена. Во 18-от век на сила била забраната – иако неофицијална – на градби чија височина би ја надминала онаа на московскиот Кремљ. Истото ограничување за високи градби продолжи и во Советскиот сојуз, а опстана и до денес. Освен по некој висок споменик или врвот на некој облакодер со деловни канцеларии, од покривите се пружа поглед главно на ниски згради. Но московскиот урбан пејзаж го карактеризира честата промена, бидејќи во неделен ритам се уриваат старите згради и на нивното место никнуваат нови.

Но, не сите покривари се висински романтичари. Една таква група во Санкт Петербург оваа појава ја претвори во бизнис, па така, нудат туристички тури во кои се посетуваат најдобрите покриви во градот или организираат прослави или венчања на покривите. Овој комерцијален дел, се разбира, не се одвива незаконски, туку во договор со сопствениците на зградите.
Извор: pogledaj.to