Југословенското минато и потребата од итно помирување

08.05.2009 09:57

Она што го знаеме во овој момент за југословенското и комунистичкото минато на Македонија е дека тоа оставило жртви и дека било лошо. Цело поглавје од историјата, воедно многу деликатно, е сведено на еден музеј, а секоја асоцијација со термините “Југославија” и “комунизам” произволно се третира како зла. Дериватите “комуњар” и посовремениот “неокомунист” служат за бележење на политички неподобните ликови и нивна лична дисквалификација. Со таа етикета се бележат сите: оние кои потекнуваат од семејство кое добро котирало во комунизмот; оние кои изразуваат некакви симпатии кон југословенското минато; оние кои се политички убедени левичари; оние кои припаѓаат на опозицијата, и така натаму.

Третирањето на повеќе децении историја како еден настан, кој во дадена точка почнал и во дадена точка завршил (или треба да заврши), и произволното бележење како “добар” или “лош” (во случајов “лош”), е еден од аспектите на поедноставување на комплексноста својствена за неразумното и некритичкото справување со проблемите. Вистината е дека тој комунистички период имал своја динамика и свој контекст од кој понатаму произлегува нашата пост-комунистичка сегашност. Сосем неразумно би било да се гледа на тоа поглавје од дистанца, со априори судови дали периодот бил добар или лош. Моето лично гледиште на југословенското и комунистичкото минато е дека тоа е еден исклучително значаен период кој во голема мера влијаел врз обликувањето на македонското општество. Иако го сметам и за крајно амбивалентен период, бидејќи во моментов како да преовладува вредносниот суд за тој комунизам и таа Југославија: дека тие имале исклучиво негативна историска улога; затоа ќе се обидам да дискутирам за некои од клучните поенти на таквите судови, и ќе се обидам да реактуелизирам некои од подзаборавените позитивни сегменти.

Во Македонија сè поприсутен е митот за потиснатото национално чувство во времето на комунизмот, поточно во времето на Југославија. Митот за “потиснатоста” е една од најголемите заблуди во современото изучување на национализмот, и главно се состои од поедноставување на сликата (карактеристично за неразумноста): национализмот се согледува како органски вкоренет во предкомунистичкото минато, за потоа да биде замрзнат или потиснат од страна на комунизмот, и тоа се гледа како главна причина за жестината на националистичкиот сентимент по паѓањето на комунизмот.

Роџерс Брубејкер, можеби најзначајниот современ автор на национализмот, оваа заблуда ја класифицира не само како општа заблуда, туку и како погрешно разбирање на национализмот. Всушност, како што вели тој, колку и комунистичките режими да ги репресирале националистичките и сецесионистичките каузи, тие во ниту еден момент не биле антинационално настроени. Кетрин Вердери пак, преку примерот на Романија, дури и објаснува како посткомунистичкиот национализам и тензиите кои тој ги носи не се последица на воскреснување на замрзнатиот предкомунистички национализам, туку последица на зацврстувањето на националните идеологии за време на комунизмот.

Еднаш, разговарајќи со еден мој драг пријател, историчар, дојдовме до истиот заклучок: најголемата грешка на комунизмот била негувањето на национализмите. Наместо разобличување на митовите, комунизмот преку опсесијата за институционализирање, ги инститицуинализираше сите оние инаку многу флуидни категории кои тешко се дефинираат: народ, народност, заедница. И не само што ги институционализирал, туку и сосема некритички ги вклучил во платформата на рамноправност, еднаквост, прогрес, братство и единство. Националистичкиот сентимент, особено во политиката на Тито, бил силно инструментализиран.

Како тоа се рефлектирало спрема Македонија: формирање и признавање на македонска држава, народ, јазик итн. при конституирањето. Рамноправно претставување (наспроти генералната перцепција) – во претседателството на СФРЈ (генерално, имало по еден претставник од сите републики, без реторика малцинство-мнозинство). Пренесување на коските на Гоце Делчев 1948 од Софија во Скопје. Основање на Институт за национална историја кој ќе ја открива “македонската вистина”, и печатење на Историјата на македонскиот народ, во која едно поглавје е и за античкото минато. Главно, тогаш се поставува основата за денешната експанзија на македонскиот национализам.

Сличен е третманот и на прашањето за религијата под комунизмот. Во јавноста преовладува перцепцијата дека времето на Југославја било период на наметнат атеизам. Сепак, за разлика од СССР или Албанија или останатите комунистички антитеистички системи, југословенскиот систем бил сосем толерантен кон верата. Додека во другите комунистички држави имало случаи црквите и манастирите да бидат рушени или пренаменувани во објекти од општ интерес, во Југославија црквите и манастирите биле ставени под заштита, како споменици на културата. Нормативно-правните решенија за положбата на верските заедници биле далеку пред своето време, исто како и судската пракса. Според Радио Слободна Европа, на пример, во 1966 во Љубљана еден студент-атеист бил осуден заради тоа што со својата поезија им ги повредил чувствата на верниците – тоа било одлука која ја разбранувала комунистичката партија.

Во македонскиот контекст, особено впечатлив е моментот на неканонското формирање на МПЦ од страна на Белград и доделувањето на парцела во центарот на Скопје за да се гради Соборниот храм. Никој не може да спори дека можеби религијата била некаков предмет на контроверза, но да се тврди дека југословенското минато е период на “наметнат атеизам” е крајно погрешно и неосновано.

Друга линија по која се напаѓа југословенското минато е митот за крутоста на тој режим. Секако, југословенскиот модел бил автократски и недемократски и веројатно далеку повеќе ја лимитирал индивидуалната слобода од денешниот режим. Сепак, реториката на децентрализација и самоуправа говорат за една сосема поинаква политичка матрица на деалиенација и комунитаризам (а не комунизам), уникатна во современата политичка историја. Згора на тоа, ако се истражува контекстуално, во 1945 во светот постоеле само мал број демократии. Главниот демократски систем биле САД, каде што Црнците биле дискриминирани со закон сè до 1965, и каде што комунистите биле гонети, малтретирани и ликвидирани. Шпанија, Португалија и Грција долго биле под фашистичка диктатура со неброени цивилни жртви. Швајцарија, често пати проектирана како репер за прогрес, го вовела универзалното право на глас и за жени дури во 70-тите. Јужноафриканскиот апартхејд, пак, падна во 90-тите. Да не зборуваме за другите пост-колонијални земји, исламските теократии итн. Се разбира, источниот блок во случајов е надвор од сликата.

Значи, во голема мера светот по Втората светска војна преставувал поле за најразлични експерименти; југословенскиот експеримент бил далеку поуспешен од многу други. Југославија всушност и успеа самата да се трансформира од социјалистичка во демократска и капиталистичка држава кон крајот на 1980-тите, и тоа не смее да се заборави. А тоа е така зашто државноста на Југославија (следствено и на Македонија) била во најголем дел резултат на борбата за ослободување водена од страна на партизанската герила во која учествувале граѓаните засегнати од странското воено присуство (со логистичка поддршка на Комунистичката партија).
И тука е клучната разлика во контекстите на развојот на настаните по Втората светска војна – додека источна и централна Европа биле “ослободени” од страна на СССР, западна Европа од САД, Југославија (а со тоа и Македонија како нејзин интегрален дел), својата слобода не му ја должела никому. Потпаѓањето на Југославија под Западниот блок можеби би допринело за поинаква динамика на настаните. Но, британскиот интерес во Југославија ќе значел враќање на Караѓорѓевиќи и враќање на реалноста на Кралството Југославија. Потпаѓањето под Источниот блок претпоставуваме како би завршило – трагично. Затоа, најнеидеализираното гледање на југословенската “судбина” после Втората светска војна е всушност трансцендирање на великосрпштината и Сталин.

* * *

Еден друг мој пријател, политички аналитичар, знае да каже дека Македонија е земја со 2 милиони жители и 2 милиони приказни за југословенското минато. Имотот на нечиј дедо бил национализиран. Нечиј друг дедо го добил тој имот. Нечија баба била стрелана од Бугарите, а нечија друга баба била стрелана од партизаните. Ништо чудно денес да станува збор за еден ист внук кој ја чул приказната и за национализацијата на имотот на едниот дедо, и за тоа како комунистите го пратиле другиот дедо од селото во градот, за тоа како едната баба му била партизанка стрелана од Бугарите, а другата баба му била богаташка ќерка, стрелана од комунистите. Ништо чудно едниот чичко да му бил благонадежен комунист кој профитирал од системот, а другиот чичко да бил радикален дисидент кој завршил на Голи оток. Амбивалентен и помалку шизофрен бил тој систем. Можно е и едниот тетин да му бил националист кој успеал во системот, а другиот тетин да бил радикален марксист кој завршил екскомунициран и исклучен од партијата. Зборувајте со оние кои заминале на печалба во странство – вистинска идентитетска каша попара – едните ги мразат Србите, другите се декларираат како Бугари, третите не признаваат друг пасош освен југословенскиот, и сè тоа поради споменот од Југославија.

Нам дефинитивно ни треба отварање на таа Пандорина кутија од минатото. Треба лустрација, отворање на докумените, и дискусија за тоа. Очигледно дека болката е голема, како и потребата од дијалог. Но, таа бока не треба да служи како повод за одмаздување и терање слепи правдини. Една од најголемите негативни страни на тој комунизам била токму одмаздата спрема политички неподобните и оние кои го носеле товарот на минатото. Очајно треба да се работи на помирување и гаснење на страстите, и на отстранување на велот на незнаењето; зашто нема ништо полошо од калемењето на чувство на вина и отфрлање на оние кои тоа не го заслужиле. Затоа што, како што реков, на 2 милиона луѓе, секој во потесното или поширокото свое семејство и опкружување, ќе најде минимум еден кодош и минимум еден кодошен. Е, до таму се протега темната страна на комунизмот – да не дозволиме таа помрачина да нè изеде и нас. Зашто, верувам, никој нема да биде поогорчен од ревносните антикомунисти и антијугословени, кога ќе дознаат дека нивните родители или роднини или нивниот партнер или некој нивен близок, всушност имаат солидно југословенско педигре.

илустрации: Мартин Мекмареј

ОкоБоли главаВицФото