Кога весниците ќе изумрат

17.08.2010 12:54
Кога весниците ќе изумрат

Некои од најголемите весници во Норвешка повеќе никогаш нема да бидат исти, ниту ќе продолжат да бидат она што се денес. Ќе се одржуваат во живот сè додека целата нивна смисла не биде бавно исцицана од нив; бидејќи така умираат весниците, бавно и болно.

Првото нешто што исчезнува е оној вид новинарство кој чини многу бидејќи бара патувања. Потоа на ред доаѓаат оние постарите кои го прифаќаат пакетот за невработени или заминуваат на отсуство на некој друг начин. Главната редакција проретчува брзо. Уредниците сè почесто организираат стратешки состаноци и предлагаат сè повеќе имиња: културната рубрика се поместува на крајот... на почетокот; весникот треба да биде посериозен... помалку сериозен; треба да биде „потивок“... или похрабар. Но најважно од сè – да биде поевтин.

Меѓународните известувачи треба да седат дома и да контемплираат, а не да патуваат наоколу и да истражуваат. Треба да бидеме најдобри во вестите... треба да ги ублажиме вестите; читателите повеќе ги интересира што се наоѓа во позадината на некој настан и објаснување за тоа.

Вака одумираат големите весници: малку по малку, ред по ред. Повторното стартување е еуфемизам за смртниот грч. Уредништвото постепено осиромашува, притисокот за излегува се зголемува, а квалитетот опаѓа. На крајот, едвај останува и костурот на весникот. Кога најпосле ќе излезе и последниот број (со слика на целата редакција на насловната страница и насловот: „Ви благодариме за сè!“), малкумина ќе се сетат на златниот период, а само неколкумина ќе почувствуваат загуба.

Вечерното издание оди прво

Финансиската криза погоди неколку од најбогатите норвешки издавачки куќи без предупредување. Директорите само што го завршија славењето во чест на рекордната заработувачка од претходните години, кога телефоните во рекламниот оддел се стишија: приходите од рекламите не само што опаднале, туку се стрмоглавиле. Кога бранот полека се повлече, се појави поинаква глетка. Долгорочните промени во новинарската шема станаа повидливи и беше јасно што се подготвува: големите весници или ќе изумрат, или ќе претрпат радикални промени. Dagbladet и Aftenposten's Aften, третиот и четвртиот по големина весник во Норвешка, се наоѓааат во најлоша ситуација. Aftenposten's Aften веќе започна процедура за постепено згаснување и од мај минатата година излегува само трипати неделно. Тој ќе исчезне прв. Dagbladet воведе измени, ама залудно.

Финансиската криза посебно тешко ги погоди големите регионални весници. Тие ќе повратат одреден баланс на своите сметки кога ќе започне повторното вработување, а бројот на реклами во тие ситуации се зголемува. Но тие никогаш повеќе нема да бидат она што беа пред избивањето на кризата. Минатата година 20% од норвешките новинари останаа без работа, при што, најголемите отпуштања се случија во најголемите весници.

Последниве десет години тиражите на големите графски, но и локални весници прогресивно опаѓаа, но не толку драматично. Не престанавме да читаме весници поради интернетот, барем засега, но престанавме да читаме одреден тип весници, а почнавме привремено да читаме други, само на нов начин. Ваквиот развој на настаните им е добро познат на американските весници.

Одумирање и пад

По Втората светска војна, норвешките уредници редовно патуваа во САД за да учат како се создаваат и развиваат весниците. Смешкајќи се покрај потисната запрепастеност, тие ги обиколуваа облакодерите во кои беа сместени New York Times, Washington Post, Boston Globe, Chicago Tribune и Los Angeles Times и учеа како да направат квалитетен весник. Ретко кој им рекол тогаш дека овие весници се правени за пазар вреден милиони долари и дека сиите тие имаат релативен удел на берзата кој би бил „елементарна непогода“ во Норвешка.

Како што се забави и текот на европската автомобилска индустрија кон Детроит, така ни норвешките уредници не заминуваат во САД. Но денес би требало да одат. Многу поинтересно е да се открие вистинската причина поради која Chicago Tribune побара заштита од банкрот, наместо да се проучува како се развива интересното политичко новинарство со 600 вработени известувачи и секојдневни контакти со Конгресот и Белата куќа. Уште поинтересно е да се открие зошто Christian Science Monitor се откажа од своето печатено издание, зошто New York Times мораше да побара помош од мексиканскиот милијардер и зошто Rocky Mountain News и Seattle Post-Intelligencer и’ се обратија на една голема фирма за рециклирање хартија. Во 2008 г. тиражот на 25-те најголеми американски весници, со исклучок на Wall Street Journal, опадна за повеќе од 20%.

Американските весници тргнаа по надолен пат уште пред Втората светска војна, а норвешките во 60-те и 70-те години. Меѓутоа, ни тиражот не претставува добар показател. Тој навистина зборува нешто за апсолутната големина на весникот, но она што е важно е релативната величина. Тиражот на одредени весници може да расте секоја година, а нивната позиција да слабее во однос на другите весници.

Но ни новинарството, ни табелите со фудбалските лиги, ни рекламите не претставуваат вистинската стока која ја нудат весниците: тие продаваат влијание. За среќа, истражувањата го покажуваат сето она во кое и новинарите сакаат да веруваат: дека она што го одредува нивото на влијание врз читателите, политичарите и деловните луѓе е квалитетот. Прецизното и фактографското новинарство има поголемо влијание од она кое се заснова на неточности и гласини. А со поголемото влијание, расте и тиражот. Огласувачиите препознаваат кои весници имаат најголем одзив на читатели – нивните потенцијални потрошувачи – и се рекламирааат кај таквите. Угледот на уредништвото кај одредени весници исто така има влијание врз страната што се рекламира. Конкуренцијата е отстранета и се појавува монополот.

Со de facto монополската ситуација, главните дневни весници развија економски модели кои се незамисливи за една пазарна економија. Весниците се потрошувачка стока, но за разлика од најголемиот број други производители на такви стоки, сопствениците на весниците се навикнаа на заработка слична на онаа со која се стекнуваат најуспешните призводители на стоки и капитал.

Бесплатно претставува успешен модел на деловност

Наспроти масовното производство како последица на индустрискиот процес кој малку се беше променил за последниве 100 години, сега се наоѓа нова технологија со фиксни трошоци. Додека цената за секој нов читател на норвешките регионални весници ги покрива само трошоците за печат и испорака, дополнителниот трошок за секој нов читател на електронската верзија на истиот весник изнесува – нула. Единствена корист за весниците од зголемувањето на бројот на претплатници е можноста за зголемување на цената на својот рекламен простор. Но оваа можност не е иста ако огласувачите имаат подобри и поевтини алтернативи. А што е со читателите? Тие можат да заштедат доста пари добивајќи ги информациите од друго место.

Крис Андерсон, уредник на Wired, во својата книга „Free“ истакнува дека бесплатно претставува ефикасен продажен модел. Тоа е модел кој старите медиумски монополисти тешко го разбираат дури и кога најголемиот дел од порастот на тиражот на весниците во светот доаѓа од бесплатните весници, а комерцијалните ТВ канали се богатат пружајќи само еден вид услуга – вистинска програма – бесплатно, со тоа што наплаќаат убави износи за својот рекламен простор. И додека уредниците се мислеа што да прават, на пазарот се појавија нови актери: Nettavisen, Startsiden и ABC News во Норвешка, а Yahoo, Google News и Huffington Post во САД. Овие новајлии покажуваат (ослободени од организираноста на старите медиумски куќи, културните пречки и сложените структурни трошоци) дека печатените медиуми немаат монопол над квалитетното новинарство. Повеќе време им требаше на весниците да го планираат, да го инсталираат и да почнат со користење на новиот печатач, отколку на интернет новинарството да ги раздрма темелите водечките новинарски куќи во САД.

Соочени со технологијата на неповратните промени, силите на власт имаат неколку избори. Еден од нив е да ги пренасочат ресурсите во областите кои не се толку загрозени. Старите фабрики се претвораат во големи трговски центри, станови и кафулиња; на медиумските куќи не им е толку лесно да се преориентираат зашто нивната експертиза е ограничена, а структурата на капиталот не дозволува преголеми авантуристички потфати.

Вториот избор е да ја прифатат новата технологија во свесното и долгорочно настојување влијанието и квалитетот на една индустрија во изумирање да ги вметнат во нова платформа. Повеќето весници пикнаа неколку млади новинари во некој ќош, ги нарекоа “служба за развој“ и потоа главно ги игнорираа. Но овие технолошки скокови не можат да се остваруваат со половина срце и четвртина мозок. Она што е потребно е квантен скок.

Кога уредништвото на Los Angeles Times пред неколку години сфати дека ќе мора да побара појас за спасување или да пропадне, ги ангажираа своите најдобри новинари-истражувачи за таа намена. Нивната задача беше да откријат што може да стори една медиумска куќа за да опстане во ерата на интернетот. Тие решија да отпатуваат на две места: во Лондон – за да го проучат најжилавиот медиумски пазар на светот, и во Осло – за да се запознаат со Schibsted кој е заслужен за најуспешното прилагодување кон водечките технологии на светот.

Излезната стратегија е, како што и се очекуваше, третата и последна опција за индустријата во изумирање која се наоѓа во судир со новиот свет. Ова е очигледен избор за сопствениците кои се сомневаат дека може да се стави ново вино во старото шише и кои затоа бираат економски модел кој има само два исхода: ликвидација или продажба на некој кој сè уште не го видел предупредувањето на ѕидот.

Дури и најдоброто новинарство е осаменичка работа. Најдобрите гаранции за постојано критичко новинарство се етаблираните редакции со добро развиена култура која може да му се спротивстави на притисокот и да опстане во она што често можат да бидат долги и бавни процеси. Најголемиот дел од најдоброто истражувачко новинарство во светот го сочинуваат репортерите-слободњаци кои своите приходи ги добиваат од различни извори. Многумина од нив меѓусебно се среќаваат низ уредништвата, кооперативите или заедничките канцеларии, за да го имитираат квалитетот на традиционалните редакции. Постојат мали, но охрабрувачки знаци за повторното раѓање на новинарството во сенката на печатените весници кои постепено одумираат.

Оној кој ќе нуди квалитетно новинарство во иднина, исто така, ќе гради влијание кое може да се претвори во тврда валута и ќе биде користен за финансирање на уште подобро новинарство. Ако се случи ова, тогаш ќе биде исклучително добра вест.

Но оваа вест можеби нема да стигне да се најде во весниците.

Извор: Eurozinе

Слични статии

Општество
Општество

ОкоБоли главаВицФото