Зад детскиот грб

18.08.2010 10:12
Зад детскиот грб

Сегашната влада има многу импресивен стил: таа самоиницијативно не започнува со решавање на проблемите, а кога нештата ќе почнат да се усложнуваат, таа ги решава на начин кој доведува до нови проблеми, уште посложени од претходните. Можеби поради тоа што овде не постои политика на одлучување, туку само гаснење на постоечките пожари додека не се создадат нови.

Поголемиот дел на проблемите сегашната влада ги наследи од претходните влади, но затоа успеа да ги префрли на опасен терен. Како што е прашањето со протерување на децата на странските работници. (Министерот за внатрешни работи Ели Јишаи – претставник на ултрадесничарската и религиозна партија Шас – донесе одлука да протера 400 деца на илегалните работници кои живеат во Израел, а да им додели дозвола за престој на други 800 деца. Сите деца се родени во Израел, хебрејскиот им е мајчин јазик и тие немаат друга татковина. Меѓутоа, бидејќи не се Евреи, не можат да добијат израелско државјанство и не можат трајно да го решат својот статус. Премиерот Бенјамин Нетанјаху овој проблем го дефинираше како избор меѓу ционизмот и човечноста. Многумина се прашуваат дали државата која се дефинира исклучиво како еврејска е осудена да биде и расистичка?)

Овој проблем сегашната гарнитура на власт го доби во наследство, но ваквото лицемерно и злонамерно постапување и карактерисстично само за неа. И затоа треба да се каже: односот на јавноста кон овие деца е проблематичен, а насочувањето на вниманието кон децата претставува скршнување од суштината на проблемот.

Општеството за кое семејството е светост лесно може да се мобилизира во случаевите во чиј центар се децата. Кај нас родителите трчкаат по старешините на „нашите деца“ војници и бараат нивно поштедување на воените вежби, а целата јавност опсесивно ги следи случаите со убиства на деца. Во врска со протерувањето на децата на илегалните работници се спротивставија две лажни групи: првата ја сочинуваат оние сочувствителните кои ги поддржуваат човековите права, ги отвораат своите срца за народите во светот и плачат над секое девојче со плетенки; во втората група се протерувачите на деца и суровите расисти.

Меѓутоа, ова не е сериозен дијалог, а од гледната точка на оние кои се изјаснуваат како левичари или либерали, тој не е правичен. Фактот дека оваа и претходните влади немаа закони за имиграција не го оправдува отсуството на разговори за работниците-имигранти и она што претставува суштина на овој проблем – израелското државјанство.

Како што е познато, странските работници во Израел се делат на легални, оние кои добиле владина дозвола и работат во земјоделието, помагаат по домовите или во градежништвото; илегални, од кои еден дел го сочинуваат поранешните легални работници, а вториот оние кои успеале да ја преминат границата и бегалците. Десничарската влада и Шас ги мамат илегалните работници: издавааат повеќе дозволи за работа од претходно, додека напоредно протеруваат десетици илјади илегални работници.

Министерот за внатрешни работи Ели Јишаи кова завери против оние кои имаат семејства и оние кои создале семејства откако живеат во Израел, давајќи етнократско објаснување за тоа дека тие ја загрозуваат еврејската егзистенција.

Левицата греши во игнорирањето на фактот дека економијата на слободниот пазар на сите им овозможи да купуваат евтина кинеска стока, но истовремено го скрши организираниот труд и ја уништи сигурноста на работата. Во минатото тоа беа работниците од окупираните територии кои доаѓаа рано во зорите и исчезнуваа со заоѓањето на сонцето. Поради Интифадата, нашите влади се решија да ги казнат Палестинциите, притоа не престанувајќи да инсистираат на високиот стандард на израелските граѓани, а левицата не се спротивстави на тоа.

Богатите заработија, а изгубија не само сиромашните, туку и целото израелско општество кое стана помалку морално, насочено исклучиво кон економските интереси поради кое срцето му окамене кон немоќните работници. Во однос на другите држави на Запад, израелскиот закон за државјанство е проблематичен и потребна му е измена во либерален дух. А растот на населението е голем и не постои потреба за имигранти.

Меѓутоа, имигрантите доаѓаат. Доаѓаат доселеници кои не се Евреи, доаѓаат економски имигранти и бегалци и поголемиот дел од нив успешно се интегрираат овде. Овој процес ќе добие поетичка и поправична поддршка кога ќе се престане да стигнува евтината работна сила со владини дозволи, кога ќе се повиши минималниот надомест и кога ќе се остварат подобри социјални услови за живот на работниците, кога израелските Арапи и Палестинци ќе се вклопат во пазарот на труд и кога ќе се престане со заплашувањето на еврејското мнозинство. Одговорната левица би требало да побара вакви работи, а не да се крие зад детските грбови.

Извор. Haaretz

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото