Расказ на денот

19.08.2010 15:12
Maski.jpg

Есенскиот ден како млаз ракија се источи во чашата на котлината; го залеа градот со своето болничаво белило; ги одвои од темнината сивите ѕидишта; се залепи за мазната површина на прозорците, ги потисна темноцрвените, шилести покриви. И таков остана. Ни посветол ни потемен. Ни разлутен ни распеан. Уште еден ден слета на нашите дланки. Замислен над своето едноставно постоење.

Денот како раскоштравен жерав, смртно прострелен, ги собираше крвавите крила над планините кога Даре ја фрли книгата во црвен, кожен повез и погледнувајќи од скржавиот прозорец на таванската соба на улица, го наметна мантилот и почна да ги прескокнува којзнае колкупати изброените скали што водеа надолу. Студот на улицата му го загриза лицето и рацете. Слепоочницата од тоа не престана да го боли и отокот не спадна. Се заколна да не оди по игранки откако тој идиот така убаво го удеси. Мислејќи на сношниот настан, се лутеше на својата непретпазливост. И на оние луѓе што се готови за лесна жена да кренат рака на човека.

Ветерот ја бришеше улицата и ги меткаше окапаните лисја од ѕид в ѕид. На широкиот плочник кај ресторанот го пречека насмеаното лице на Васко.

- Како сме?

- Како сме, Васко?

- Да влеземе додека се стемни. - Васко ја отвори вратата гледајќи на подуената слепоочница на другарот.

Наслоните во рестораните беа меки, пријатни. Масите чисти, повеќето празни. Стариот музичар седеше на своето вечно место со нос скриен во весникот, а крајот од ракавот висеше во одамна празниот филџан за кафе од дебел, жолт порцелан. На прозорците сè уште стоеше белилото на денот.

- Да порачаме по една? - рече Васко.

- Ми горчи од сношти.

- Добро, по една.

Кога келнерот им ги донесе чашките, зад завесата, во соседната просторија, пуштија џез музика.

- Досадна музика. . .

- Долу досадната музика, - рече Васко, се потсмевна и отпи.
Некој љубезно ги поздрави додека свиреше досадната плоча.

- Останува и со оваа чашка да се чукнеме, - рече Даре кога се сети некој да ја тргне плочата.

На соседната маса седнаа неколкумина разбарушени младичи. Поделија цигари и се загледаа во себе. Ракијата ги потсети дека некој во "Разгледи" напишал дека со пропаѓањето на робовладетелството и со идењето на феудализмот настанува упад во културата и стопанството. Дали може да стои: "Коњ - обично има осум нозе. . ." Не треба да им се забележува, изгледа млади писатели.

- Знаеш што? - рече Даре. - Го губиме времето.

- Го губиме.

- Ако падне наскоро убав снег, да одиме на Шапка. . .

- Убава мисла.

И другата маса до нив ја зафатија неколкумина луѓе.

Дали ќе добие "Вардар" против "Сараево". Колку души од нашиот државен тим ќе настапат за континенталната репрезентација. . .

- Ќе загуби "Вардар", рече Васко. - А потоа - не ми се излегува на плоштад, сè истите луѓе треба да ги поздравува човек.

- А овде?

- Овде е барем послободно. . .

Келнерот донесе нови чашки.

- Почнавме редовно да пиеме, - рече Даре.

- Не. Ова е од досада, - се насмеа Васко.

- Поубаво ќе биде на Шапка. За убавото поминување на Шапка! - Васко ја крена чашката.

- И за другарството.

- И за другарството. . .

На наслонот во ќошот се смести жена.

- Убава жена, - рече Васко.

- Жена, - рече Даре.

- Ако и’ пријдам ќе ми се насмевне. . .

- Не, нема да се насмевне. Чека некого.

- Не, ќе ми се насмевне. Затоа што чека некого. Секогаш е така кога жената прва чека.

- Тоа добро го знаеш.

- Добро. Ми се случувало тоа.

- Знам.

Даре знаеше дека убаво почна, знаеше дека може да има предност и во разговорот и во чашките, но сè уште се прашуваше какво уживање претставува да го има тоа човек. Подобро е кога работите се едноставни.

- Мислиш да ја поканиме Елена на Шапка, - рече Васко.

- За неа ништо не мислам.

- Сепак ти е мака што ја изгуби.

- Ми е мака.

- А јас не сум радосен што ќе ја имам наскоро.

- Да. Знам.

- Сепак поубаво ќе биде таму, на скијање.

- Сакам да те гледам кога скокаш од големата скокалница.

- Јас тебе не можам да те гледам на скии.

Васко веќе не пиеше. Беше мрзоволен. Гледаше на својот пријател што се беше напил убаво. А и самиот се чувствуваше напиен доста. Секогаш е така. Ушите престануваат да ги примаат околните шумови.

- Васко, уште по една?

- Доста беше.

- Само уште по една.

- Пиј сам. - Даре знаеше дека сега погледот му е тап, безизразен, дека усните му се грубо виснати, а челото жолто и набрано. Знаеше дека изгледа таков, знаеше дека ако гледа во Васко овој ќе мисли дека му е лут. Не сакаше така да мисли Васко.

Впрочем, не е тука Васко ништо виновен. Има нешто повеќе во тоа. И како дојде тоа одеднаш? Не, не беше одеднаш. Не се сврши сè онаа вечер во "Езеро".

Или сè се сврши тогаш?

И таа вечер таа беше студена на тоа што тој пиеше и намерно ја навредуваше. Потем престана да му обрнува внимание. Се загледа во црвената неонска светлина што капеше од пултот на виолинистот. Тој ја тргна за рака грубо, и’ се внесе в лице, а тоа беше природно убаво, ја гледаше така продолжено и рече:

- Ме сакаш?

- Да.

- А јас тебе не те сакам.

- Понекогаш и ме сакаш.

- Не мораш едни и исти одговори секогаш да даваш.

- И ти не прашувај едно и исто.

- Веднаш се познава службеничка.

И тогаш се прашаше зошто му е таа игра. Зошто му беше потребно да знае дали го сака. Зошто тој самиот изигруваше многу работи за да го сака?

Истата вечер на масата до нив седна интересен човек од педесеттина години.

Спокојно ја пиеше својата ракија мерејќи го убавиот профил на Елена.

Постојано ја наместуваше со рака залижаната коса.

Тој виде дека му се допаѓа неговата девојка што уште не беше го забележала.

Полека се сврте накај човекот.

- Стар си, не вреди.

Човекот го погледна спокојно и продолжено. Потем брцна во внатрешниот џеб на џакетот и извади портмоне. Како вешт играч на санс разгрна однатре десетина банкноти од по илјада динари.

- Јас сум млад, - рече и ги склопи илјадарките како да се лоши карти.

Таа го следеше настанот. Наивно се насмеа. Зошто се насмеа, зошто се смее, зошто така продолжено се смее?

Да. Смешно и’ е. Седи со него, дури трпи и грубости, за да може да плати што пиел. Е, тоа не чини? И тој би сакал сега да има пари и да ги фрли пред неа на масата. Навистина ова нејзино смеење многу понижува.

- Ох, така смешно беше, - рече таа, - Така смешно, така смешно.

- Да, смешно - рече тој. - Плати уште вечерва и да си одиме.

- Јас не мислев така, - рече тивко таа. - Навистина беше смешно.

- Знам.

Потоа не сакаше да ја сретнува.

А Васко... мисли дека ја придобил уште кога беше таа со него, со Даре. Па, нека мисли. Или можеби е прав. Може. Тој е попрактичен. Можеби презел нешто во тоа време.

Сеедно. Во неговото срце нема ниедна желба за неа, за девојката. Онаа вечер таа замина во малата улица, потона во мракот и таму ги однесе убавите, црни очи со долги клепки што фрлаа убави сенки при светлината, ги однесе и убавите усни, подвижни и меки додека беа затворени, а кога зборуваше нешто - толку познати, здодевно познати; ја однесе и кусо потсрижената коса, и здивот, и неподносливиот постојан изглед на малиот прст на десната рака, секогаш црвен од кармин. . . Потона во мракот на улицата, потона покажувајќи дека е таму нејзиното постоење. Таа не постоеше онаква каква што беше во желбите.

А Васко, тој е практичен. Ете и сега умно намигнува.

- Се обложувам дека сега ако и’ се приближам. . .

Жената во ќошот како засрамена гледаше пред себе. Сега никого не чекаше.

- Добро. Немој да одиш.

- Тогаш да си одиме.

- Да си одиме.

Келнерот наплати келнерски и ги поздрави.

Надвор ветерот ја бришеше улицата, празната улица.

Ноќта потона во чашата на котлината. Ги проголта ѕидиштата, само светлите очи на прозорците биеја длабоко во неа. Само осветлени прозорци како изделкани, позлатени парчиња во темнината. Даре гледаше во нив.

- Зениците на прозорците се насмеани, - рече Даре. - Зарем ова не е згодно, а?

- Згодно е, - рече Васко.

- На Шапка не мислеше да ја носиш Елена, - рече Даре.

- Само така реков. - Другарите се насмејаа и наместо да се разделат на крстопатот и да продолжат секој по својот пат, продолжија заедно.

Некаде петлите објавија полноќ.


Слики: Спасе Куновски

Слични статии

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото