
Секако дека градот е едно од највидливите и најдоминантните опредметувања на човековата желба сопствената фантазија да ја конкретизира во цврст материјален облик. Градот е имагинација компримирана во геометриска форма. Екстаза на нашата моќ да замислуваме. Тој почнува на работ меѓу постојното и замисленото. Тој е фикцијата што ја конструираме во мигот кога конкретноста на архитектонските линии и форми ја претвораме во идеја чии граници постојано се поместуваат. Додека тоа се случува, мешавината од бетон, асфалт, железо, стакло, метал, пластика, дрвја... станува отворена приказна.
.jpg)
Постои едно релативно познато Скопје. Скопје од разгледниците, монографиите, туристичките водичи. Широки планови, препознатливи објекти, типични знаменитости. Панорамски глетки од Кале или Водно, кејот 13 Ноември или улицата Македонија, Старата чаршија, Железничката станица... Но, наспроти познатиот град секогаш постои и оној другиот, невидлив за површниот посетител или жител. Тоа е Скопје што се појавува како еден вид двојник на првото Скопје. Скопје што треба да се открива, да се бара. Задоволството од постоењето на ова Скопје е задоволството од пронаоѓањето на некоја не толку позната уличка, случајна куќа дискретно поставена меѓу многу други, која во однос на својата околина се доживува како разлика.

Другото Скопје се открива кога почнува да сервира нетипични глетки. Внимателниот и мудар шетач кој ја познава уметноста на талкањето низ градот секогаш се обидува да го открие она што е малку скриено, делумно недофатливо, она што бега од површноста. А можеби градот и најживо себеси се прикажува токму во нештата што сака да ги сокрие од незаинтересираните жители и посетители... Како во тие места да се впишани некои значајни пораки за неговото аморфно тело, пораки преку чие дешифрирање се поместуваат границите на нашата претстава за градот. Да кажеме дека Скопје почнува да личи на себеси кога ги избегнува очигледните одговори, кога се измолкнува, кога создава паралелни светови, тоа би значело да прифатиме едно имагинарно Скопје што настанало во мигот кога се напуштиле неговите предвидливи форми. Неповторливоста на градот настанува кога навиката е изневерена, кога погледот малку се изместува за она што се гледа да се создаде како изненадување. Онаму каде што малку се подотвора вратата на нетипичната перцепција, настануваат џебовите на градот. Мали апартни простори, вовлечени и скриени, кои & пркосат на урбанистичката околина. Куќата во улицата Кукушка, со необични форми и облици, во кои доминираат круговите и елипсите, неколку чудни склопови на запчаници кои како да излегле од дадаистички колаж, машинерија-антени, преку кои сопственикот верува дека комуницира со космосот. Или Железничарскиот блок згради со театралниот влез на улицата Борка Талески кој е најдобро да се посети додека денот невидливо се претвора во ноќ. Во овие простори, градот истовремено успева да биде и свој и туѓ, истовремено и да не личи на себеси и да станува она што е токму преку она што можеби никој не знае дека е.

Такви се градовите – се менуваат во зависност од тоа чиј внатрешен простор населуваат.
Тоа би значело дека градот е пред сè лична приказна. Постојат онолку градови колку што има шетачи, жители, туристи во него – онолку луѓе колку што се подготвени да видат и направат нешто повеќе. Да се биде во градот всушност значи да се составува градот. Да се прикачуваат споевите меѓу кршливите нишки на нашата имагинација и она што ни се наметнува како просторна нужност. Градот е сложувалка што постојано ја составуваме и затоа може и мора постојано да се пресоздава, да се замислуваат различни патеки за талкање низ него, различни логики на примање на просторот, на прифаќање на многубројните визуелни сензации... Затоа секогаш кога се зборува за град, всушност се зборува за мрежи, релации, отворени можности. Најубаво е кога на градот му се пристапува комбинаторички. Кога се земаат неговите улици, плоштади, куќи, мостови, паркови, кафеа, излози... - и од нив се создава игра од речиси бесконечни варијации и соодноси.
Што е Скопје?
Скопје е работен ден од средината на јули, кога вжарениот асфалт го носи градот до точка на усвитеност, одеднаш променета со жестокиот и неочекуван летен дожд.
Скопје е девојка со ролери која турка бебешка количка на тротоарот покрај улицата Партизанска, сосема незаинтересирана за опасноста што се наоѓа на само неколку сантиметри од неа...
Скопје е улица што се реконструира, прав насекаде, еден автобус што се заглавува меѓу две коли, зад него изнервираните возачи почнуваат да трубат со сирените како луди, а сообраќајната мешаница изгледа дека никогаш нема да зaврши...
Скопје е градскиот парк во сабота попладне, една детска што рака што храбро и наивно посегнува по шатките штотуку излезени од езерцето, додека некаде во позадината своите водени крици ги испушта фонтаната со име кое како да излегло од некој македонски шлагер од седумдесеттите години...
Скопје е една автобуска станица со расфрлани пакувања од мастики и чоколади насекаде наоколу, сцена која ќе биде неиздржлива доколку во одразот од стаклото на автобусот кој штотуку пристигнува не се гледаат две дланки на тинејџери како складно влегуваат една во друга...
Скопје е мирисот на липа на улицата Чедомир Миндеровиќ, мирисот на печените костени во зима пред влезот на Градскиот трговски центар, уличката во Дебар Маало, каде што тежината на запршката за манџа функционира како некој вид временска машина што квартот го враќа шеесетина години назад во времето, правејќи од него полузаспано предградие...

Доколку се следи визуелната логика на градот ќе се види дека паралелопипедните згради околу воената болница упатуваат на бирократска среденост и прецизност, куќичките во Топаана на трошност. Чаир и Бит Пазар се гласни, вревливи, Железара смирена и тивка, заспана, Кисела Вода лежерна во својата набиеност, а Аеродром хармонично динамичен... Најчесто во Скопје животните ситуации се само насетување, драмите се случуваат зад скриени фасади. Ретко во некои населби, на пример Шутка, животот е улицата, тротоарот, пазарот. Тука сè се обидува да се изложи, да се насочи кон надвор, да се социјализира и да добие изведбен карактер... Но, целиот град во периодот меѓу 12 и 17 часот се обединува во упорното одбивање да се покори на каков било ред. Во овој период целиот град брза, урла, вика, диво и незауздано се обидува да се слее во големото течење, во хаотичната заитаност, во огромната нескротеност...
Скопје е убаво кога на еден мал простор ќе создаде двојност – на само пет минути од вревливиот, шарен и хаотичен кич на Бит Пазар, пет минути поминати низ уличките покрај Куршумли ан и Мустафа-пашина џамија се доаѓа до Музејот на современа уметност – местото од каде што не само што се наоѓа еден од најубавите и најмирни погледи на градот – туку и местото од каде Скопје изгледа како град без звуци. Нешто слично се случува на јужната страна од градот. Веднаш по напуштањето на вревата на Клиничкиот центар следи патот кон Водно, местото од каде што не само што се наоѓа еден од најубавите и најмирни погледи на градот – туку и местото од каде Скопје целосно е ослободено од звуци.

Ефектот што го остава градот подеднакво се состои од ловењето и на материјалните и на нематеријалните траги што тој ги носи во себе... Секој град, колку што е создаден од своите видливи форми во иста мера е создаден и од она што не може веднаш да се види и соопшти. На таа граница видливото се растегнува до точката од која тој ни испраќа пораки што ни откриваат знаци кои нè водат кон желбата да се открие она што се наоѓа од другата страна на видливото. Да се откриваат миговите и парчињата од просторот во кои градот своето видливо лице го претвора во невидливи пораки. Да се ловат знаците што минатото и сегашноста взаемно ги испишуваат врз телото на градот – тоа е еден од начините преку кои градот се очовечува.
Иако Скопје како воопшто не е оптоварено со своето минато. Прошетката на Скопје од 2007 година е прошетка низ град кој веќе се менува, исчезнува. Минатото се појавува во мали дози, како трошната куќичка од првата половина на дваесеттиот век на улицата Орце Николов број 128 која полуразурната зјае додека околу неа никнуваат современи објекти чија невклопеноста во околината е нешто највообичаено за овој град. Скопје е град во кој сегашноста безмилосно го меле минатото, град кој како целиот да е посветен на својата иднина, не на она што е, туку на она што би можел да биде. Затоа нештата во Скопје поминуваат и исчезнуваат. Сосема е обично едно кафè да не постои со исто име и ентериер повеќе од неколку години, некоја улица преку ноќ да ја промени својата архитектонска логика. Градот кој се навикнувал во текот на историјата да биде уништуван на различни начини како да се плаши од непроменливоста.

„Скопје со широко отворени очи“ е обид да се уловат местата на трансформација, точките во кои градот станува простор испишан со лични пораки. Фотографиите се обидуваат да го уловат животот, она што што го надополнува и облагородува материјалниот пејзаж. Градот често ја тестира нашата подготвеност за чудни споеви, непредвидени врски. Она што се случило може да биде вовед во она што би можело да се случи. Нам ни преостанува да прифаќаме или одбиваме. Од нас зависи дали ќе избереме да живееме во надреален, приземен, банален, метафоричен, досаден или необичен град...
Цврстината и траењето на бетонот и минливоста и неповторливоста на необичната градска сцена што се случува еднаш за да исчезне засекогаш – тоа се миговите што фотографиите треба да ги зграпчат... Мигови меѓу она што може да опфати со сетилото за вид, и истовремено да се отвори за останатите сетила.
Во една пригода големиот француски фотограф Роберт Дуизно, љубител на обичните сцени од улицата, ќе каже дека „нема нешто посубјективно од фотографскиот
објектив”. Ако се согласиме со изјавата, тогаш Скопје видено преку фотографите од книгава е едно лично Скопје, конструкција на потпишаниот фотограф. Ова лично Скопје не може да се најде во официјалните монографии за градот, ниту во туристичките водичи што ги рекламираат неговите знаменитости. Ова е Скопје целото изградено од мигови, врз идејата дека вредноста и убавината на фотографијата е во нејзината моќ да го улови она што е веќе исчезнато. Авторите на книгата веруваа дека колку што се важни запишаните траги на оние што живееле, или само повремено престојувале или пропатувале низ градот, исто толку се важни и сите оние нешта што неговите жители ги кажале, помислиле или направиле, а никаде не се забележани. Тие нешта, само навидум засекогаш исчезнати, на некој начин продолжуваат да постојат во телото на градот. Како нематеријални траги, тие со иста сила го пишуваат градот како и оние текстови пронајдени во летописите, патописите, дневниците, романите, песните... Најголемиот дел од фотографиите во книгата се омаж на малите уловени сцени од животот на градот кои засекогаш ќе исчезнеа без трага доколку не се најдоа пред фотоапаратот. Затоа приказната што се отвора во оваа книга треба да се чита и заради присуството што се наоѓа на фотографиите и заради отсуството што тие го навестуваат и загатнуваат. Ова Скопје што се наоѓа фотографииве е составено од ситните детали, обичности, секојдневности, од кои објективот успеал да произведе кристализиран живот... Тука е границата на она место од кое градот материјално се губи за да се најде во она што е надвор од видливото. Бидејќи градот е бескрајна низа од поврзувања и преклопувања, судири меѓу различни приказни и простори, кои еднаш споени ни кажуваат дека врските се насекаде околу нас.

Во Скопје објектите најчесто држат монолози. Најчесто не дијалогизират со оние од нивната околина, згрчени се во немоќта да ја воспостават релација со она што се наоѓа околу нив. Најчесто си стојат сами за себе, можеби понекогаш привлечни во својата самотија. Кога ќе се напушти нивната затвореност, изгледаат како нешто што дополнително е донесено, прикачено, незграпно, дури и нереално, како тропска билка натакната сред раноградинарски насади.
Затоа Скопје не е град кој се сака заради убавината на објектите и привлечноста на архитектонските решенија. Неговата убавина треба да се бара на друго место...
Обичноста на еден мал кварт се претвора во градска убавина кога во грдиот пејзаж се втиснува печатот на личното, на преживеаната човечка ситуација, на мигот кога средбата на двајца луѓе, на шетачот со градот, сеедно, ја надминува баналноста на градскиот пејзаж. Едно лице што се губи во полутемнината врз фонот на полуурнатата зграда на печатницата Гоце Делчев, и една загледана мачка со старечки мудар поглед што ја посматра досадната коцка на руските згради во Карпош 3 е доволна градот да стане возбудлива позадина за убавината сфатена како мало изненадување на секојдневието. Одеднаш појавениот мирис на липа сред сообраќајниот хаос, ѕвездата што Ромчето ја прави на булеварот Климент Охридски додека кон него опасно се приближува кола, неочекуваната мелодија на Афекс Твин покрај малиот плоштад во Автокоманда во три по полноќ, силуетата на парот што се исчезнува кон темнината на Вардар во близина на мостот Обединети Нации додека на небото над Скопје се распрскуваат илјадници огнометни точки што непредвидливо добиваат форма на пар кој се држи за рацете, силната розова боја на цветот од јапонска цреша, уште повеќе засилена од изгревот на сонцето во пет по полноќ на улицата Максим Горки... сето тие се мигови што Скопје може да ги испорача на своите жители како сопствена идеја за убавината. Мали ментални фотографии што продолжуваат да одѕвонуваат во имагинарниот внатрешен музеј на неговите жители. Фотографии што се спротивставуваат и истовремено ја предизвикуваат целата непривлечност на скопските градби.

А тоа се фотографиите поради кои вреди да се сака Скопје... И да се биде во него со широко отворени очи.
Фотографии: Иван Блажев