
Неодамна на еден сараевски портал го прочитав текстот во кој колумнистот самиот себе си го поставува прашањето: дали во Босна и Херцеговина ни треба никаб, дали ни треба бурка? Согласно со начелото „понекогаш се согласувам со себе“, колумнистот одговара кратко и јасно – ДА. Следи елаборација во која одѕвонуваат зборовите „граѓани“ и „слобода“.
Тоа беше убав пример за она што Борис Буден на едно предавање во Котор нарече фундаментализмите на 21 век.
Вака зборуваше Борис Буден.
Што јаде вашето дете
Суштината на секуларизацијата е одземање на имотот од религиските заедници и негово претворање во јавно добро. Кое беше „злосторството“ на комунистите: тоа што религијата од сферата на јавното ја протераа во приватното, од улицата ја протераа во Божјите куќи? Она за што денес премногу пасивно сведочиме, не само на просторот на поранешна Југославија, туку и во Европа и Америка, е процесот на десекуларизација, во која религиските заедници бараат да добијат повеќе од она што им е одземено: тие бараат целосна контрола над јавниот живот, сè додека не се дојде до ситуација во која нерелигиозен ќе можете да бидете само – приватно.
Процесот го следи специфична реторика, приспособена на правилата на рационалните јавни дебати. Значи, наместо очигледно рационалниот и лесно отфрлив аргумент „Бог го бара никабот“, или „Бог го забранува абортусот“, фундаменталистот своето барање го изразува втемелувајќи го врз вредностите на современите западни општества: „никабот е прашање на граѓанските слободи“ или „абортусот е кршење на правото за живот“.
Во овој процес, клучниот сојузник на фундаменталистите се – либералите.
Тајм на 15 март 2010 година го објавува текстот „Postcard: Paris“ од Вивиен Волт. Авторката мрчи затоа што нејзиното дете, како и сите други деца во француските јавни училишта, има задолжителен ручек кој подразбира одлично приготвени предјадења, главни јадења, салати, избор на сирења и десерти. Машините за газирани пијалаци и чоколатца се протерани од француските училишта. Неделното мени е закачено на ѕидот на училиштето и се менува секој понеделник. Авторката ја иритира фактот што државата толку внимание посветува на исхраната на нејзиното дете. „Дали е најдобро правилната исхрана да се препушти на државата“, се прашува веќе во поднасловот на текстот. Како пример за нечуената интервенција на државата во нејзината сфера на приватното, го наведува следново: државата се осмели на родителите, па така и на неа, да им достави брошура со сугестии „Што треба на децата да им се подготви за вечера“. Таа пишува: „Ако вашето дете на училиште јадело месо од ќурка, рататуи и овошни палачинки за ручек, за вечера се сугерира паста, грашок и овошје“. Освен тоа, овие училишта, кои како да не се грижат за ништо друго освен за ручекот, се „пренатрупани, ригидни и хиерархични“.
Е, тоа се вика перење на мозокот со идеологија. Херојската принципиелност во спротивставувањето на секоја форма на државен интервенционизам (освен ако тој интервенционизам не ги спасува банките и берзата, или не води окупација на други држави, што нам ќе ни овозможи поевтино гориво) оди дотаму што ќе бидам против државата дури и ако таа царски го храни моето дете. Се сеќавате на онаа комунистичката: повеќе би сакал руско гомно отколку американски хамбургер. Текстот на Тајм е варијација на оваа луцидна мисла: повеќе сакам корпоративен хамбургер отколку државна патка во сос од портокал и нане, салата од рукола, бри, камамбер, едамер и торта од црно чоколадо и рум.
Војниците на корпоративните армии
Значи, што е заедничко за фундаменталистите и за либералите? Нивното спротивставување на обидите на државата да ги уреди односите во општеството. Решеноста на либералот по секоја цена да го брани партикуларното и приватното, здружена со решеноста на фундаменталистот својата политичка агенда да ја претстави како уште еден во низата животни стилови, доведува до тоа секуларната држава да се повлекува сè подлабоко и подлабоко, исплашена од можноста да биде обвинета за тоталитаризам. Секуларната држава е, секако, колатерална штета: вистинската мета на либералите е социјалната држава. Ако цената за уништувањето на социјалната држава е уништувањето на општеството и државата – мравјите војници на корпоративните армии кои војуваат под знамето на слободата ќе ја поднесат таа жртва.
Но, да се врати на фамозниот збор „тоталитаризам“. Секој просветителски проект, заради полната превласт на инструментализираната рационалност, во себе содржи нешто тоталитарно, како што во „Дијалектиката на просветителството“ објаснуваат Хоркхајмер и Адорно.
На прашањето: ни треба ли никаб, ни требаат ли уште црковни ѕвона, ни требаат ли посилни разгласи на џамиите, let the bells ring, ни треба ли веронаука во училиштата... одговорот е еден. Да, ни треба „тоталитарен“ просветителски проект.
Фотографија: Nico Krijno
Извор: zurnal.info