Пожарите и поплавите како опомена на човештвото

25.08.2010 11:59
Пожарите и поплавите како опомена на човештвото

Ова лето го одбележаа екстремните временски прилики во Русија, Пакистан, Кина, Европа, Арктикот и многу други места. Но дали сето тоа има некаква врска со глобалното затоплување и дали треба да ги обвинуваме емисиите на штетни гасови кои се дело на човекот?

Иако не може научно да се докаже (но ни да се негира) дека глобалното затоплување ги предизвикало овие настани, може да се каже дека постои голема веројатност дека поради него многу видови екстремни временски прилики станаа позачестени и посериозни. Централна Русија со недели беше зафатена од најтоплиот бран досега, што предизвика илјадници смртни случаи. Како резултат на сушата и топлината, повеќе од 500 пожари беснееја без контрола, ја прекрија Москва со чад и загрозија неколку нуклеарни постројки. Руската влада го забрани извозот на пченица, поради што се зголеми цената на житарките во светот.

Истовремено Пакистан се бори со поплавите кои однесоа повеќе илјади животи и загрозија милиони луѓе. Во Кина, во поплавите предизвикани од обилните врнежи, досега страдаа илјадници лица и беа уништени повеќе од еден милион домови. Европските земји како Германија, Полска и Чешка исто така беа погодени од сериозни поплави, иако од помали размери. Глобалните температури во изминативе месеци беа рекордно високи, највисоки за последниве 130 години. Ледената покривка на Арктикот достигна најниска просечна температура забележана во јуни. На Гренланд се одвоија две огромни санти мраз во јули и август.

Дали овие настани се поврзани? Со набљудување само на поединечните екстремни случаи нема да откриеме кој е нивниот предизвикувач, како што неколку сцени од филмот не ни го откриваат заплетот. Меѓутоа, гледано од поширок контекст и со примена на физичката логика, можат да се разберат важните делови на заплетот. Оваа деценија ја одбележаа одредени шокантни екстремни случаи. Топлотниот бран од 2003 г., најекстремниот во нашето сеќавање, ги урна претходните топлотни рекорди и предизвика околу 70 000 смртни случаи низ Европа. За време на најсериозната сезона на урагани во 2005, какви што никогаш претходно не биле видени во Атлантикот, Њу Орлеанс беше опустошен и беа соборени рекордите за бројот и силината на олуите.

Пожари беснееја низ Грција во 2007 г., речиси уништувајќи ја древна Олимпија, а северозападниот премин преку Арктикот за првпат беше без мраз, кога зборуваме за периодот кој постои во нашето живо сеќавање. Минатата година повеќе од сто луѓе загинаа во пожарите во Австралија, кои избија по сушата и рекордно високите температури. Таквите настани, кои ги урнаа претходните рекорди, можеби претставуваат само лоша среќа. Меѓутоа, за тоа постои многу мала веројатност. Многу поверојатно е дека претставуваат последица од глобалното затоплување, поради кое ова десетлетие беше најтоплото во светот во последниве илјада години.

Сите временски прилики се одредени со сончевата енергија. Сепак, досега најголемата промена во „енергетскиот буџет“ на планетата Земја изминативе сто години претставува последицата од натрупувањето на штетните гасови во атмосферата, кои го ограничуваат ослободувањето на енергијата во вселената. Благодарение на емисиите од фосилните горива, во атмосферата има една третина повеќе јаглен-двооксид отколку во изминатите милион, па и повеќе години, како што покажа последното дупчење на мразот на Антарктикот. Промените во „енергетскиот буџет“ на планетата предизвикани од соларните варијации се речиси десет пати помали. Затоа, кога ќе настапат екстремните временски услови, првиот осомничен е најголемата атмосферска промена во последниве сто години, предизвикана од емисиите на гасовите кои се дело на човекот.

Лесно е да се сфати фактот дека топлотните бранови како оној во Русија се почести и поекстремни во потоплите делови на светот. Екстремните врнежи исто така ќе станат почести и посилни во потоплите климатски услови, благодарение на уште еден уникатен физички фактор: топлиот воздух задржува повеќе влага. Со секој зголемен степен на Целзиусовата скала има 7% повеќе вода која може да се излее во вид на дожд. Опасностите од суша исто така се засилуваат со порастот на температурите, бидејќи дури и таму каде количината на врнежите не опаѓа, засилените испарувања го сушат земјиштето.

Поради дејството на јаглен-диоксидот можат да се променат дури и очекуваните модели на струење на воздухот, што може да ги интензивира топлотните екстреми, суши или врнежи во одредени региони, додека во други може да ги намали. Проблемот лежи во тоа што од намалувањето на овие екстреми на кои веќе се навикнавме имаме мала корист, додека новите екстреми на кои не сме навикнати можат да бидат разорувачки, како што покажуваат настаните во Пакистан.

Затоа, мораме да сфатиме дека емисиите на штетни гасови веројатно се делумно одговорни за екстремните временски прилики ова лето. Сепак, да се надеваме дека временските прилики ова лето ќе претставуваат повик до законодавците, до корпоративниот свет, како и до граѓаните, да се освестат во последен миг и да преземат сериозни чекори.

 

Авторот е професор на Универзитетот Потсдам

Слика: Pearl C. Hsiung

Извор. danas.rs

Непријателска пропаганда!

 Лесно е да нафрлиш факти за 15-20 природни катастрофи и без двоумење да го обвиниш глобалното затоплување за сето тоа; уште полесно е кога твоја целна читателска група се „плитки“ средовечни yuppie-типови кои се презафатени за да ги преиспитаат инфромациите кои им се сервирани, а твојата крајна цел е повеќе моќ и профит, разбира се...
 
Ама има еден проблем во текстов : има еден куп работи кои го демантираат влијанието на емисиите на штетни гасови (од ревизијата на извештајот на ООН за глобално затоплување, преку необјаснивото зголемено ниво на метан од алгите во Северно Море, се‘ до катастрофите кои не се објаснуваат со глобално затоплување како земјотресите на пр. а се во постојан пораст во број и интензитет) кои Професор Рамсторф не ги именува. А во исто време се обложувам на 100 евра дека истиов е лобист на теоријата за данокот за јаглеродни емисии!  
 
Затоа Ви препорачувам пред да го проголтате текстов благо климајќи, да го почитувате старото правило - "not every news is an information, and not every information is knowledge."

ОкоБоли главаВицФото