Куси-куси раскази

25.08.2010 11:23
angela_05.jpg

Ова не е алегорија

Одите во театар на премиерата на новата претстава. Го заземате своето место, светлата се гасат и публиката шушка во исчекување. Кога ќе се вклучат светлата на сцената, нема што да се види. Нема сценографија, реквизити, актери. Само празна сцена осветлена со блага светлина. Неколку минути публиката останува тивка, очекувајќи претставата да почне во секој миг. Но, како што времето поминува, станува јасно дека нешто не е во ред. Сцената останува празна и тивка. Не е можно да се случи поистоветување со замислените ликови и со нивните замислени проблеми. Го нема ветеното бегство од сопствениот заморен живот полн со маки и солзи. Нема во што да се гледа, не би можело да се следи никакво дејствие, нема никакви зборови, приказни за кои би се родил сомнеж. Публиката е сама со себе, свесна за себеси, во судир со себе. Се слуша кашлање и тивка врева. Луѓето го разгледуваат гледалиштето, стануваат, се свртуваат едни кон други. Се поставуваат прашања со повишен тон. По дваесет минути публиката почнува да заминува. Тука нема ништо за нив. Но, благајната е затворена. Канцеларијата на директорот заклучена. Вработените ги нема никаде. Местото е напуштено. Со гадење, публиката тргнува кон излезот. Но, вратата е заѕидана. Преку прозорците е поставена бодликава жица. А тие кои ги туркаат вратите стануваат мети на невидливите стрелци кои пукаат од темнината во близина на влезот. Еден паѓа, па уште еден. На крајот милиони се убиени на таков начин. Други умираат од глад кога ќе се испразни масата со грицки. Останатите сфаќаат дека се свеле на тоа да ги гребат теписоните, како некои селани, на тоа да трагаат за некоја заостаната мастика или заборавени чоколатца. Врисоците и пискотниците на публиката ги задушуваат дебелите ѕидови на театарот, така што никој од надвор не може да ги слушне. Затоа секоја вечер доаѓаат нови луѓе кои ги намамиле ентузијастичните продавачи на карти пред театарот и се придружуваат на толпата. „Само влезете“, велат продавачите. „Влезете, погледнете ја најдобрата претстава на светот.“


Пикник

Постеливме ќебе на тревата крај езерото.

„Имам изненадување за тебе“, рече. Ја отвори корпата и извади јагленосана човечка глава.

Се насмеа. „А има и ребренца!“


Добриот Самарјанин

Многу се трудам да бидам корисен. Но, тежок е животот на Добриот Самарјанин. Баш утрово им прицврстив крила на децата за да можат да летаат до училиште. Но, децата се жалеа на крв по облеката, и на тоа дека клинците се предолги па им ги пробиле градите и срцата. Ниедно не ги употреби кирлјата за да одлета на училиште. Ниедно не ми се заблагодари што се обидов да му го подобрам животот.

Но, јас сум оптимист. Секогаш верувам дека „нештата можат да тргнат на подобро“. Верувам во моќта на помагањето на другите.

Утре ќе ги соберам децата и ќе им се извинам за штетата што ја предизвикав. Ќе им го надополнам тоа. Бесплатно ќе им набијам сателитски чинии на главите за да можат меѓусебно телепатски да комуницираат.

Без сомнение, ќе имаат многу теми за разговор.


Балони

Моите родители се балони кои пловат на крајот од долгите јажиња. Над мене продолжуваат да се препираат, додека нивните тела се извиваат и се судираат. Целото соседство може да ги слушне како се караат. „Можете ли да замолчите?“, реков, повлекувајќи ги нивните јажиња. Но, тие ме игнорираат. Мојот татко кружи во лесен, мрзелив круг додека мојата мајка се ниша напред-назад, истакнувајќи некој аргумент во караницата. Нивните гласови се погласни од кога било порано. „Што треба да направам за да замолчите?“, викам. „Треба ли да ве избодам со игли?“ Тоа конечно ги убедува да бидат малку потивки. Не сакаат да бидат избушени. Паѓаат во зловолна тишина. Додека чекорам наоколу држејќи ги јажињата со моите балонски родители, се чувствувам виновен за она што го направив. Да им се закануваш на сопствените родители со уништување. Се срамам. Тоа чувство толку ми пречи што чувствувам дека го испуштив стисокот на јажињата на балоните. Едвај забележав дека ги пуштив. И гласовите на моите родители се повишуваа додека ме повикуваа летајќи сè повеќе кон небото, но нивните гласови секогаш се повишени. Кој би забележал такви работи?


Уште едно обично утро

Од другата страна на прозорецот цело утро птиците летаат наназад. Сонцето постојано заоѓа на исток. Носам шолја кафе во кујната, со лажичката го вадам инстант кафето од шолјата и го ставам во теглата, ја ставам врелата вода во ѓезвето и чекам да се олади пред да го вклучам шпоретот. Потоа посегнувам по догорчето од цигарата во пепелникот, го ставам во уста и вовлекувам дим додека цигарата не стане долга и тенка, го повлекувам пламенот од врвот на цигарата и го пренесувам на чкорчето, гребам со шкорчето по студениот фосфор и ја ставам цигарата во кутијата со останатите деветнаесет. Го завиткувам целофанот околу кутијата пред да ја ставам во џебот од кошулата.

Во меѓувреме на телевизија Клерк Гејбл вели: „Искрено, драга моја, многу се грижам “ и влегува наназад во куќата и повторно во цел тој проблем со Скарлет. Би помислиле дека веќе треба да се опамети.


Раката на таткото

Момчето не беше сигурно што да прави со раката на мртвиот татко. Па затоа го натопи показалецот во крв и напиша збор преку небото. Зборот беше толку голем што сите можеа да го прочитаат. Но, беше толку таинствен што никој не можеше да го разбере.

Момчето задоволно кимна: „Еве ти, тато“.

Слика: Анџела Фрејли

Слични статии

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото