
Меѓународната организација на трудот (МОТ) објави извештај кој покажува дека невработеноста меѓу младите минатата година достигнала највисоко ниво во однос на изминатите 20 години. Понатамошен раст на невработеноста се очекува и оваа година, а благ пад дури во 2011.
Лани во светот невработени биле 81 милиони луѓе од вкупно 620 милиони „економски активни“ лица на возраст од 15 до 24 години. Тоа се речиси 8 милиони повеќе во однос на две години претходно, што значи дека невработеноста во оваа возрасна група пораснала од 11,9 на 13%. Во извештајот се истакнува дека младите жени потешко наоѓаат работа отколку младите мажи, па женската невработеност изнесува 13,2%, а машката 12,9%.
Изгубена генерација
Кај наведеното зголемување на невработеноста за осум милиони лица интересно е дека и бројот на невработените млади во 2008 г. се зголемил за 1,1 милион, а идната година, во која се појави светската економска криза, дури за 6,7 милиони. Трендот на намалување на невработеноста кој започна во 2002 г. беше нагло прекинат во годината на една од најлошите рецесии.
За нештата да бидат уште полоши, извештајот наведува и дека 28% од младите кои работат (152 милиони лица), наспроти вработеноста, живеат во екстремна сиромаштија и со помалку од 1,25 долари на ден. Па така, во 2008 г. младите претставувале 24% од сиромашните работници и 18% од невработените лица.
Поради драматичната невработеност оваа генерација се нарекува „изгубена“, и се наведува дека таа е почувствителна на економските кризи од постарите поколенија, па и нивното враќање на пазарот за труд ќе трае подолго.
Посебно се загрозени младите лица во земјите во развој, во кои живеат дури 90% од невработените припадници на „изгубената генерација“, и каде кризата се манифестира преку пократкото работно време, помалите плати и цветањето на сивата економија. Според директорот на МОТ, Хуан Сомавиа, под влијанието на економската криза се создава маѓепсан круг во кој постојано пристигнуваат нови невработени, а сиромаштијата на вработените се продолжува и на идните поколенија. Поради масовната невработеност, вели Сомавиа, општествата го губат она што го вложиле во нивното образование, државната каса не се полни од придонесите од нивниот труд, па владите се приморани да ги зголемуваат социјалните давачки. Исто така, меѓу младите се развива чувство на фрустрираност и безделништво поради кое ја губат надежта дека некогаш ќе можат пристојно да заработуваат за живот.
Што се однесува до регионалните поделби, извештајот наведува дека растот на невработеноста меѓу младите во развиените економии и ЕУ со 4,6% бил поголем отколку во средна и југоисточна Европа и земјите од поранешниот СССР, каде изнесувал 3,5%. Наспроти понискиот раст на невработеност меѓу младите, во средна и југоисточна Европа и поранешен СССР невработеноста од 20,8% е поголема во однос на развиените земји и ЕУ, каде удделот изнесува 17,7%, кој е највисок од почетокот на мерење во 1991 г.
За разлика од глобалните статистики, во ЕУ растот на невработеноста на младите мажи од 6,8% бил поголем од растот на невработеноста на младите жени кој изнесува 3,9%. Најголема невработеност имале регионот на Блискиот исток со 23,4%, северна Африка со 23,7%, а најмал јужна Азија со 10,3% и источна Азија со 8,9% невработеност меѓу младите.
Подобрување на трендовите
Што се однесува до проекциите за идните години, МОТ предвидува подобрување во сите региони во светот, освен на Блискиот исток и северна Африка, каде забрзувањето на растот на невработеноста меѓу младите ќе продолжи и во текот на 2011 г. Најголемо забавување на растот на невработеноста се очекува во средна и југоисточна Европа, како и поранешните земји на СССР (за 1%), а незначително помало намалување и во развииените економии на ЕУ (0,9%). Сепак, за ова подрачје се предвидува вкупна невработеност на младите од 18,2%, најголема од 1991 г.
МОТ во својата анализа заклучува дека учеството на младите во работната сила глобално се намалило од 54,7% на 50,8% во периодот меѓу 1998 и 2008 г., што значи дека во 2008 секоја втора млада личност активно учествувала на глобалниот пазар на труд.
Вкупниот број на млади вработени во 2008 г. изнесувал 540 милиони лица, што е за 34 милиони повеќе во однос на 1998 г. Меѓутоа, порастот на младата популација се случувал побрзо отколку вработувањето на истите, а еден од главните двигатели на тој тренд, се вели во анализата, е фактот дека сè поголем број млади луѓе подолго се образоваат.
Извор: novossti.com