ЦИА им ставала на Французите ЛСД во лебот?

26.08.2010 10:59
LSD.jpg

Пред речиси 60 години жители на француското гратче почувствувале неочекувани халуцинации, кои предизвикале смрт на пет луѓе додека многумина потоа сериозно се разболеле. Со години се сметаше дека за таквите реакции биле виновни габи во лебот, но сега оваа теорија се проблематизира.

Поштарот Леон Армуниј на 16 август 1951 година поминувал низ градот Пон Сен Еспри на југот од Франција, кога во еден миг почнал да халуцинира и почувствувал мачнина.

„Беше страшно. Имав чувство дека тонам сè подлабоко и дека змии и оган се обвиваат околу моите раце“, се сеќава тој. Леон, кој сега има 87 години, во тој миг паднал од својот велосипед, а подоцна е однесен во болницата во Авињон. Таму е ставен во лудачка кошула, а собата ја делел со тројца тинејџери кои биле заврзани за креветите за да бидат држени под контрола.

„Некои од моите пријатели се обидоа да излезат низ прозорецот. Подивено удираа со рацете, врескајќи. Звукот на металните кревети предизвикан од нивното скокање беше ужасен. Повеќе би сакал да умрам отколку повторно да поминувам низ сето тоа.“ Во следните денови десетина други жители во градот почувствувале слични симптоми. Сведоштвата за француското гратче зборуваат како еден човек, уверен дека стомакот му го јадат змии, се обидел да се удави, еден мислејќи дека е авион скокнал од зграда, ги скршил двете нозе, но продолжил да трча 50 метри, додека еден 11 годишник се обидел да ја задави својата баба.

„Јас тој ден речиси полудев! Би сакал да знам зошто“, рече Чарлс Грањо (71), кој исто така го пробал „проколнатиот леб“.

Тогаш докторите заклучиле дека лебот од една градска пекарница го задржал ерготот, отровната габа која обично се јавува во ’ржта. Тоа мислење остана прифатено до 2009 година, кога американскиот новинар и истражувач Хенк Албарели го откри постоењето на документот на ЦИА со наслов „Пон Сен Еспри и Ф. Олсон фајлови. Операција Франција“.

Ф. Олсон е Френк Олсон, научник на ЦИА кој во времето на инцидентот во Пон Сен Еспри ги предводел истражувањата за халуциногената дрога ЛСД за оваа разузнавачка агенција. Во меѓувреме Давид Белин станал директор на Рокфелер комисијата што Белата куќа ја основа во 1975 година, а нејзината цел беше да ги истражува злоупотребите на ЦИА во светот.

Албарели верува дека доколку „Ф. Олсон и Пон Сен Еспри“ фајловите не се уништени би можеле да понудат докази за тоа дека ЦИА експериментирала со жителите на францускиот град дрогирајќи ги со ЛСД. Заклучокот на тогашната истрага бил дека една од градските пекарници била извор на труењето, а Албарели смета дека е можно таму да е ставен ЛСД во лебот.

Познато е дека научниците за биолошко оружје ширум светот експериментираа со ЛСД во раните 50-ти години на минатиот век, за време на војната во Кореја и ескалацијата на тензиите од студената војна. Американскиот новинар вели дека пронашол таен извештај, изработен во 1949 година од страна на директорот на проектот Edgewood Arsenal, каде што се одвивале поголемиот дел од истражувањата на американската влада со ЛСД, во кој се вели дека војската мора да направи сè што е можно за да ги придвижи „експериментите на теренот“.

Користејќи го законот за слобода на информациите, тој дошол до еден извештај на ЦИА од 1954 година. Во него агентот го пренесува својот разговор со претставникот на хемиската компанија Сандоз од Швајцарија. Базата на Сандоз, која се наоѓала на само неколку километри од Пон Сен Еспри, била едно од местата каде што во тоа време се произведувал ЛСД. Агентот во извештајот наведува дека претставникот на Сандоз нагло изјавил: „Тајната на Пон Сен Еспри е во тоа што во лебот немаше ни зрно ергот“.

ЦИА го испробала ЛСД на два начини, ставајќи го во лебот и распрснувајќи го низ областа, тврди новинарот во книгата „Страшна грешка: Убиството на Френк Олсон и тајните експерименти на ЦИА за време на студената војна“. Вели и дека ЦИА и Одделението за специјални операции од 1953 до 1965 година испробале ЛСД на повеќе од 5.700 американски војници без нивно знаење.

Меѓутоа, американскиот академски професор Стивен Каплан, кој во 2008 година објави книга за инцидентот во францускиот град, инсистира на тоа дека ниту отровните габички ниту ЛСД не се одговорни за труењето и халуцинациите во овој случај. Тој смета дека ергот не би можел да влијае само на една вреќа брашно во една пекара, како што се тврди, туку дека ефектот би бил многу поголем. Тој го исклучува и ЛСД врз основа на тоа што симптомите кои граѓаните ги почувствувале не се поклопуваат со ефектот на оваа дрога. Тој исто така укажува дека ЛСД не би имал ефект по изложувањето на високите температури на пекарската печка иако Албарели тврди дека дрогата би можела да биде додадена во лебот по печењето.

Иако тие не се согласуваат околу тоа што ги предизвикало халуцинациите кај жителите на францускиот град, околу една работа се согласуваат во целост: француската влада мора да отвори истрага за тоа што навистина се случило во Пон Сен Еспри.

Извор: e-novine

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото